1014 hPa
66 %
10 °C
Скопје - Вто, 19.03.2024 13:33
Мисон Сере
„Не се подготвував за ова натпреварување, природно сум грд“, рече Мисон Сере (42) од Зимбабве кога неодамна му врачуваа награда за една од најнеобичните натпреварувачки дисциплини во светот. Жителот на оваа јужноафриканска република, како што вели, може да му се заблагодари само на бога што минатата година му ја зема наградата на некогашниот трикратен првак по грдотија. Задоволниот Мисон ја прими наградата во износ од 500 долари која и тоа како ќе му користи. Бидејќи во Зимбабве владее сиромаштија и сиротиот Мисон е невработен, со овие пари ќе може да преживее барем уште некое време. Гордиот Зимбабвеец не се срами од својот физички изглед, се чини дека се гордее со него.
Слепиот пес и збунетата Венера
Луѓето со непријатна надворешност често ги опишуваме како грди. Меѓутоа, категоријата грдо е многу повеќе од поим кој се однесува исклучиво на припадниците на човечкиот вид. Целата историја на културата, освен убавината, е подеднакво опседната и со грдотијата. Грдото во човекот предизвикува најсилни чувства: страв, гадење и сожалување. Во исто време тоа нервира и возбудува, неизбежно е и присутно насекаде околу нас.
Кога сакаме да навредиме некого, често ја користиме познатата „грд како пес“. Оваа позната навреда ја искористија и жителите на северна Калифорнија, правејќи од неа вистинска мала текстилна марка, бренд. Имено, тука секоја година се организира натпреварување за најгрд пес во светот. Благодарение на тоа, пекинезерот Сем стана славен, а неговата слика го обиколи целиот свет. Овој слеп пес ја освојуваше наградата три години по ред, сѐ до 2005 година, кога умре. Благодарение на невидената грдотија, Сем доби неколку телевизиски улоги, за него пишуваа речиси сите светски медиуми. Пекинезерот запозна многу познати личности, меѓу нив и познатиот американски деловен човек Доналд Трамп (1946), денешен претседател на САД.
Речиси сите се сложија околу едно нешто, а тоа е дека овој пес е невидено грд. Меѓутоа, постојат и случаи во кои не е лесно да се утврди степенот на нечија (не)убавина. Ако раскошната Венера од платното на ренесансниот сликар Ботичели (1445-1510) денес прошета на модна писта, веројатно не би се вклопила во доминантниот модел за убавина. На некогашната ценета убавица на Ботичели современите критичари би ѝ го замериле вишокот килограми, неуредната фризура и веројатно уште многу нешта.
Од друга страна, некои од обредните африкански маски за танц на современиот набљудувач може да му бидат мошне непријатни, додека, кај народите кај кои се користи, би биле сметани за израз на најголема пријатност и благонаклонетост. Познато е и дека црнците од Етиопија за најубав го сметаат најцрниот меѓу нив, додека за белците тоа секако не е мерило за убавина. И за мажјакот жаба, како што одамна рече францускиот писател и филозоф Волтер (1694-1778), неговата женка е нешто најубаво што постои.
Славниот пекинезер Сем
Убав е оној што го сакаш
Од што зависи дали некој ќе ни биде убав или грд? Естетските хирурзи сметаат дека убавината на лицето зависи, пред сѐ, од неговата симетрија. Односот на брадата, устата и носот е мошне важен и тој во голема мера ги наметнува условите за убавина. Доколку цртите на лицето се правилни, поголема е веројатноста дека некој ќе ни биде убав.
Меѓутоа, психолозите предупредуваат дека нашите лични чувства за некоја личност можат да влијаат и на доживувањето на нејзиниот физички изглед. Тоа значи дека некој кој објективно нема пријатна надворешност може да ви стане убав ако ги засакате неговите особини. Истото важи и во обратна насока. Често убавите луѓе не ни се допаѓаат токму заради своите лоши особини, што нѐ тера да ги согледаме сите нивни недостатоци.
Освен од размерите и емоциите, грдото е условено и од разликите во културата. Луѓето со бела кожа речиси и да не ги разликуваат припадниците од таканаречените жолти раси, додека тие меѓу себе имаат посебни мерила за убавина кои белецот тешко може да ги согледа. Слично важи и за „убавото“ и „грдото“ однесување. Сркањето супа и мљацкањето за време на оброкот во некои источни култури се смета за пристојно, додека во Европа таквото однесување главно предизвикува нервозни воздишки и одмавнување со главата кај воспитаниот дел од масата.
Сфаќајќи го несомненото значење на грдотијата за целокупната историја на културата, а особено за историјата на уметноста, италијанскиот писател, естетичар и филозоф Умберто Еко (1932-2016) ја напиша „Историјата на грдотијата“. Оваа книга ја следи појавата на грдото од самите почетоци на развојот на цивилизацијата, па сѐ до денес. Меѓу многубројните забелешки, заклучи и дека убавината и грдотијата и тоа како се поврзани и дека секогаш имаат да кажат нешто една за друга. За луѓето грдотијата е исто толку неопходна и без неа веројатно не би знаеле да го цениме она што се наоѓа на спротивната страна.
„Венера“, Сандро Ботичели
Улогата на грдотијата и големото стапало
Односот кон грдото се менувал со вековите. Грчкиот филозоф Платон (427 п.н.е - 347 п.н.е) во својата „Држава“ предупредува дека грдите нешта не смее да им се покажуваат на деца, зашто тоа може да биде мошне штетно за нив. Италијанскиот хуманист Ортенсио Ланди (1510-1558) сметал дека е подобро да се биде грд отколку убав. Како аргумент за своето тврдење го наведува податокот дека речиси сите филозофи биле грди. Меѓу нив ги вбројувал и старогрчките филозофи Сократ (470 п.н.е - 399 п.н.е) и Зенон (490 п.н.е - 430 п.н.е).
Освен што е непријатна, грдотијата во себе има нешто загадочно и пријатно. За тоа сведочи и повеќевековното обожување чудовишта и натприродни осакатени битија, некогаш присутни и во митологијата, додека денес ги среќаваме во разни, главно научно-фантастични содржини. Речиси во сите времиња децата се подеднакво опседнати со чудовишта, аждаи и ѕверови. Христијанскиот филозоф и епископ Аурелие Августин Хипонски, попознат како Свети Августин (354-430) во 4 век храбро ги бранел чудовиштата, нарекувајќи ги божји деца. Тој верувал дека и тие придонесуваат за општиот поредок на нештата. Ако не биле овие грди накази, како што вели тој, не би знаеле ни како изгледаат пријатното и убавото.
Покрај овие благодети на грдотијата, се верувало дека одредени недостатоци и неправилности кај цртите на лицето и обликот на телото можат многу да кажат за карактерот на нивниот носител. Посебната област која ги проучува човечките особини врз основа на цртите на лицето се нарекува физиогномика и нејзините зачетоци ги наоѓаме уште кај грчкиот научник и филозоф Аристотел (384 п.н.е - 322 п.н.е), кој верувал дека храбрите луѓе се препознаваат по големите стапала. Кога ќе видел човек со големи заби, филозофот го сметал за суров. Според неговото мислење, високото тркалезно чело ги красело глупавите луѓе, додека оние со дебели усни биле опишувани како тапчовци.
„Носењето на крстот“, Херонимус Бош
Жената и пакосниот интервал
Освен убавината, посебно внимание во историјата на уметноста заслужувала и женската грдотија. Некогаш главно се поврзувала со внатрешната злоба и превртливата моќ на заведувањето. Христијанскиот апологет и писател од Картагена, Тертулијан (160-225) го осудувал целиот женски род, а особено припадничките на поубавиот пол кои ја бојадисуваат косата, бидејќи на тој начин се срамат од своето потекло. Бојата на косата некогаш била еден од главните знаци за распознавање на народноста, па жените кои на овој превртлив начин ја предавале татковината биле јавно презрени. Ортенсио Ландо не се согласувал со Тертулијан. Според него женската грдотија имала бројни предности, бидејќи грдите жени биле помалку грешни и посклони кон правилно духовно воздигнување.
Грдото стигнало дури и до музиката. Имено, постоело нешто што се нарекувало „музички грдо“. На пример, таков бил и интервалот на прекумерната квинта (до-фис) кој во средниот век бил нарекуван diabolus in musica, што значи ѓавол во музиката. Меѓутоа, тој постепено станал прифатен и денес може да се слушне често, особено во сите хеви метал песни. Умберто Еко забележа дека тоа е често во изведбите на американскиот пејач и гитарист Џими Хендрикс (1942-1970), како и во песните на познатиот бенд Purple Haze.
Освен во музиката, грдото на многу начини е присутно во современиот свет. Насилството на телевизија стана рефлексија на секојдневието, а некои уметници го користат и како средство за прикажување и критика на суровоста на денешницата. Тие најчесто го прават тоа преку перформанси, јавни настапи во кои свесно и намерно ги повредуваат своите тела. Една од најпознатите перформанс уметници е и нашата уметница Марина Абрамовиќ (1946) за која болката и исцрпувањето на телото се составен дел од јавните настапи, а грдото е начин за искажување протест против грдотијата на современото доба.
Извор: http://politikin-zabavnik.rs