Македонскиот патриотизам како срам од вемерето

17.02.2020 11:35
Македонскиот патриотизам како срам од вемерето

Некни ја прочитав – за жал, заборавив каде – можеби најумната и најхуманата дефиниција на патриотизмот. Ме засипна грандиозната човештина што стои зад дефиницијата, зашто јас веќе безмалку три децении – откога Македонија ја убива вмровскиот „патриотизам“ – сметам дека зад тоа празно, а жешко чувство, не е возможно да се кријат доблесни, хумани побуди. Озрачен од вмровската убиствена „љубов“ кон татковината, за патриотизмот мислам исто како и Семјуел Џонсон пред два и пол века, дека е тоа последното прибежиште на секој подлец.

Но, еве, во зрела возраст се затекнав пред вистинско преображение, благодарејќи му на Адам Михњик, полски историчар, комунист, потоа дисидент, па новинар, професор, со еден збор – јавен (и грамаден!) интелектуалец. Елем, Адам Михњик ја пронајде најхуманата основа на патриотизмот – онаа моралната, зашто негово откритие е дека единствено девственото чувство на срам може да биде вистинската основа за припадноста кон нацијата, односно државата. Тој рекол: „Само оној кој се срами од полските гревови е Полјак.“ (!!!) Генијално! Како човек да не истресе четири извичника во таа чест?

Срамот, една од најчовечките и најхуманистичките чувства, можеби најинтимните состојби на свеста… и воедно најмалку контролабилните, најмалку подложните на надворешни влијанија, Михњик го поставува не само како фундамент на патриотизмот, туку како дистинктивно својство на групната припадност. Тоа значи дека срамот од гревовите на групата е најморалниот и најверодостојниот дел од идентитетот, односно од идентификацијата со каква и да е група – семејство, маало, село, партија, нација или држава. Сетете се, почитувани читатели, во кои ситуации и кој ви предизвикувал несопирливо врело чувство на срам? Тоа секогаш – од најраните детски сеќавања – било резилењето на вашите најблиски, за и денес, на зрела возраст, да се фатите како спонтано и неконтролирано ви се буди чувството на срам кога луѓе што ги сметате за блиски, или со кои ве врзува групна идентификација, се резилат во јавност.

Нели?


Тоа понатаму има уште посериозни консеквенции, зашто доколку идентификацијата со група или движење мора да се темели на срамот на припадниците на групата од гревовите што самата група ги сторила, тоа значи дека секоја слепа љубов или верба нема основа во моралноста и не претставува хуманистички оправдана идентификација, туку само основа за понатамошно грешење кое – историски гледано – најчесто преминало во злостор. Испаѓа дури дека Михњиковиот, во суштина, христијански наратив за гревот, се претвора во аргумент против секоја религија што бара слепа верба – а секоја тоа го бара од своите верници – зашто да бидеш способен да се срамиш од гревовите на верата на која ѝ припаѓаш, воедно значи да можеш да гледаш со отворени очи и критички кон неа, и да ги ставиш пред морален испит сите нејзини акти и чинења.

И, конечно, ако продолжиме уште понатаму, самата способност за срам од најрана возраст, безмалку од пелени, јасно укажува на фактот дека срамот избива од моралната интуиција што му е природена на човекот, што значи дека моралот е суштински независен од верата, зашто очигледно настанал како најхуманата еволуциска психосоцијална алатка на човештвото. Но, јас малку се занесов во оваа веќе ателеолошка расправа… Да му се вратиме на изворот на нашето чувство на срам – на вемерето.


Кога ги пишував горните редови, паралелно почна да ме копа потенцијално разорна и поразителна мисла: од оваа нова дефиниција на припадноста и идентитетот што се базира на срам да не испадне изопачен заклучок дека мојот децениски срам, предизвикан од гревовите на вемерето е доказ дека и јас му припаѓам на тој злосторнички култ, и, и дека сите сме вмро?! Но, бргу се сепнав и ми лекна кога сфатив дека не ми предизвикало чувство на срам резилењето на ниту еден вмровец во ниту една ситуација. Туку, мегатоните срам што сум ги одзрачил во вселената, не биле предизвикани од резилењето на малоумните вмрони, туку од резултатите на нивната злоупотреба на македонската држава и на македонските јавни пари.

Срам ми било секогаш кога ќе изникнеше нова фекалија сретсело, нов антички или злосторнички споменик или градба. Всушност, јас кутриот, сум се идентификувал со моето родно Скопје, па затоа подигањето на сите одвратштии од „Скопје 2014“ ме чинеа многу, многу срам. Да, чувствувам и срам пред светот, зашто се идентификувам со татковината што била толку глупава и запустена што дозволила вмровската малоумност и културен суицид да нè претставува сите пред планетарната јавност, и, се разбира, да нè идентификува како ментално ретардирана нација. Испаѓа сепак дека сум ваистину македонски патриот, зашто длабоко и болно се срамам од македонските гревови. А, вмро е најголемиот македонски грев. Второто место е испразнето, потоа следи доолга празнина, за на листата на плиткоумни гревови да се појави и дпмне.

И, што да се каже на крајот за оние што нè резилат сите нас што се идентификуваме со родниот град или мајката татковина? Како човек да гледа на партијата што не покажа ни трунка срам за своите гревови, за огромниот злостор починет врз македонскиот културен и државен проект, што остава ние да се срамиме за неа? Како човек да се постави пред избор да гласа за злосторничкото здружување кое не само што не се дистанцираше од своите злостори, не покажа ни трунка каење, ни субатомска честичка човечки срам од злочинењето што остави девастирачки последици и докази, видливи за целиот свет? Колку на човек треба да му биде атрофирана моралната интуиција за да ја гледа ВМРО-ДПМНЕ како легална и легитимна партија што претендира да го повтори сиот злостор кон Македонија? Очигледно не е до мене да одговорам на овие прашања, зашто на нив одговара истата моралност што го побудува, длабоко во сите нас, и срамот. Или го имаш, или не.


Карикатури: Pavel Constantin
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото