Ин мемориам – на поетот никогаш

17.02.2020 19:17

На Дане Зајц

 

Точно на мојот роденден

твоето тело си замина од овој свет.
Во мигот кога речиси сосема
ме обзедоа мрачни мисли,
како што обично се случува на таков ден,
пријателот ме извести
дека на Интернет веќе ја објавуваат твојата смрт,
па среде Балканот те залеавме со жолта ракија.
Неколку часа ти наздравувавме
само на неколку километри од гратчето
каде што никогаш не те овенчаа со златен венец.
Но денес толку венци имало врз тебе
што ни во соништата не би можел да замислиш.
Четири дена молчев при помислата на твоето воскресение.
Денес дури ги вртам страниците на дневниот весник,
почнува да смрди на крај на светот
кој воопшто не е библиски,
многу полукав е и поподол.
Збогум, рајско пеење на птиците.
Сега знам зошто отсекогаш
сакав да ги вртам лебедите в рерна.
Мојата мудра тетка кокошките одамна ги затвори во кокошарникот,
со години пред вонредните ветеринарни мерки,
и тоа само за да не го валкаат
асфалтираниот селски двор.
Откако по страницата што си ја делат културата и теве-програмата
се пробивам до некролозите,
гледам, ни овој пат ништо посебно,
едни помали, други поголеми,
сите со заеднички именител – сувопарност.
Почнувам да ја пеам француската шансона
Quand il e mort le poète,
и веќе знам дека цел ден нема да престанам,
иако сум мал дел од целиот свет
што нема да плаче.
А на комеморацијата нема да дојдам, Дане,
зашто поетот никогаш не умира...

Препев: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото