Медиум на друм (47): Влијанието на редакцијата и стереотипите

17.02.2020 23:42
Медиум на друм (47): Влијанието на редакцијата и стереотипите

Еден студент во 1936 година, пишувајќи го својот дипломски труд, им поставил задача на седумдесет дописници од големите дневни весници да одговорат на тврдењето: „Речиси е невозможно да се биде објективен. Ти ги читаш своите весници, ги следиш уводниците, за некои прилози си пофален, за други критикуван. Ја чувствуваш атмосферата и психолошки си склон да се прилагодиш.“ Четириесет и двајца интервјуирани новинари рекле дека се сложуваат, дваесет и четворица биле против, а четворица несигурни.

Со едно истражување спроведено во 1973 на 84 новински гласила утврдено е дека само минимален број вести биле во спротивност со ориентацијата на уредувачката политика на сопственикот на весникот. Една друга студија, од 1992, направена на примерок од илјада американски новинари, открила дека факторите кои најмногу влијаат на нивните етички мерила се секојдневното совладување на занаетот во редакцијата (88%), семејното образование (72%), уредникот (60%), колегите (56%), професорите по новинарство (53%). Слични резултати се добиени во 1988 во едно истражување помеѓу 600 италијански новинари: 63% го делат мислењето на редакцискиот врв и даваат редослед на најважните факти за кариерата: влијателни политички врски, (68%), влијателни пријатели и роднини (54%), добри односи со директорот (51%), активност на портпаролот за важни луѓе и интереси (48%), професионални способности (32%).

Проучувана социолошки и анттрополошки, во конкретното обавување на секојдневните работи, новинарската професија открива аспекти кои прилично се разликуваат од митот на репортерот подготвен да ја погази светињата и да ја загрози власта во име на правата за информирање на граѓаните.


Имено, во процесите за вработување на новинарите и нивните обуки – дури и онаму, како во САД, каде тие главно зависат од универзитетската подготвеност – новинарскиот занает задржува една пофлуидна природа во споредба со останатите професии, со поприлагодлива и помалку стручно одредена и специјализирана подготовка. Значи, усвојувањето на главните вредности на работното место е спонтан процес што ги надвладува останатите, во состојба е да поставува услови што се конформистички: начелото на општествената одговорност, што на теориски план свечено го објавува Комисијата за слобода на печатот во 1947, на практичен план всушност останува неприменето. Всушност, во рутината на новинарската професија етичките размислувања се поклопуваат со посветеноста на уредничката политика на куќата и на директно надредените, и таа е неодвоив дел од секојдневниот редакциски живот, а неговиот склад се смета за најдобра гаранција за создавање кариера.

Уште во декември 1956 на конференцијата на Унеско, институција основана од ОН во 1964, со седиште во Париз, за развој на културните и научните односи, се поставува проблемот на судир помеѓу непристрасното професионално образование и совладувањето на новинарскиот занает на работното место: и универзитетските студии и курсевите кои ги водат самите новинари во сите земји се соочуваат со тешкотијата на создавање на сопствени физиономии и стекнуваат недоверба (некогаш дури и отворена омраза) од професионалните новинари.

Секојдневната рутина на новинските редакции делува и кон создавање стереотипи. Како што истакнал англискиот историчар Мајкл Ив, системот на медиуми поседува автономна моќ на селекција и на трупање на структурите на знаење и толкување: ако тргнувам од идејата дека Италија е земја на мафијата, неефикасноста, модата, топлата клима, италијанскиот темперамент, папата, големите семејства... - ќе бирам само вести кои ја потврдуваат оваа почетна претстава.


Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Гиф: Александар Јосифовски
Илустрации: Вака Вало

Кон Медиум на друм (46)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото