ЕУ река (36): Идентитетот се преговара

17.02.2020 22:47
ЕУ река (36): Идентитетот се преговара

Што претставува за вас идентитетот на ЕУ? Дали тоа е дискурс на различни националности? Дали тоа се етичките вредности? Можеби политичко-економски проект?

Во една моја книга за положбата на Европа во современиот свет од пред 10 години, меѓу другото, Европа ја дефинирав како никогаш целосно досегнат идеал. Ја нареков „недовршена авантура“. И навистина, во бројни аспекти Европа со многу нешта се истакнува во однос на другите делови на планетата. Морам да ја истакнам европската инвенција на „културата“: „не-одредените“, „не-довршените“ стварности, можеби стварностите на „невозможните довршувања“...

Духот на Европа е она што Вилијам Блејк го нарекува „целовитост во минута партикуларност“. Тоа е мозаик од јазици, култури и општества. Наизглед баналната оддалеченост од 20 километри може да биде растојание меѓу два света. Европа мора да ја негува различноста, инаку ќе пропадне. Ханс-Георг Гадамер го сфаќа изобилството различности како едно од најголемите европски богатства. Токму во Европа „Другиот“ беше – и секогаш е – толку близу.

Европскиот простор би можел да претставува градиво од кое остатокот од светот би можел да ја учи разликата меѓу преживувањето и опасноста. Лионел Жоспен изрази големи надежи во врска со повеќеслојниот европски пристап кон различните стварности. Тој рече дека Европа на тежок начин и со многу човечки маки научи „како да ги надмине историските антагонизми и мирно да ги решава судирите“. Остатокот од светот е очаен за таква лекција.

***
По падот на комунистичкиот блок, првиот потег на источноевропските и средноевропските држави, ослободени и делумно осиромашени, беше речиси по инерција да го заменат блокот: новодобиената сувереност ја предадоа во рацете на НАТО и ЕУ. Таа реакција во завршната фаза нарасна до уверувањето дека во услови на напредувачката глобализација ниедна држава не може да остане сама и да делува како воена, економска или културна аутархија („самодрштво“). „Блоковската политика“, освен по името, не заврши воопшто, само границите и блоковските правила се повторно оцртани.

Во новите граници „прашањето на идентитетот“ на државата во однос на заедницата држави стана работа на преговори. Овие преговори не се завршени и наскоро нема да завршат. Идентитетите денес се флуидни, течни, кревко определени и често се раѓаат: затоа се склони да урнат сè и секакви пребрзо наметнати „дефиниции“.


Избор: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска и Александар Јосифовски
Извор: Државата нè држи во страв, 2011

Кон ЕУ река (35)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото