Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (6)

18.02.2020 12:26
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (5)

 

„Тие мили мали слатки дечиња“, Антонио Карабелов, „Антолог“

Воденицата на животот не постигна да изврти и да сомеле уште многу години, а веќе малиот Јосип, од милност и галеност од сите викан Јоже, се почесто почна да се врти и да помага околу - наоколу, но и да ја врти истата мелница со која умешно ракуваа неговите постари браќа. Навистина, за почеток, повеќе му ја препуштаа полесната задача - ронењето на царевките; чувани и сочувани како принцези во најскришниот дел од амбарот; докупени од некој соселанец, или земени во замена (стока за стока) за некој друг земјоделски производ од она што ним ќе им преостанеше како вишок. А вишок пченка или пченица меѓу Брозови немаше никогаш. Тие беа неопходни не само за нив, за сите гладни усти во фамилијата, туку и за домашните четириношци и за живината што ја чуваа.

Членството во фамилијата веќе следната година се зголеми за уште еден прв плач и нова грижа. Се роди уште едно машко, а потоа -до осмата година на Јосип - бликнаа во домот уште две сестрички и уште едно братче.

Стјепан, Матилда, Антонија, Вјекослав- и со кумство и без кумство - лесно се наоѓаа имиња.

Нанижани како цветови од ливадски ѕвончиња на венче, нивните не секогаш тивки и певливи гласчиња, ја исполнија куќата до последното катче.

Сепак, не доградија, не докрпија ништо на неа.Повеќе се грижеа да имаат доволно простории за домашните животни; кои исто така нараснуваа и се зголемуваа; отколку за нив.

- Кога челадта не е бесна, куќата не е тесна! -велеше таткото, подготвен, ако затреба, се разбира, и со поинакви средства и методи да го лекува „беснилото“, неретко присутно кај некои препалави и задорливи дечиња.Но, кај нив немаше потреба ни од испорака на најобична шлаканица, ни ладна, ни жешка, а не, пак, не дај Боже, за извлекување ремен од панталоните.

На обата родители сите деца им беа подеднакво мили. А и тие, како да се натпреваруваа во послушност, владеејќи се строго кон непишаниот закон, кој, без многу објаснувања и советувања, обезбедуваше еден востановен ред во домот и надвор од него. Поголемото дете да се грижи за помалото. И да му помага. Но, и помалото не беше поштедено доколку волно си дозволи да ги заобиколи рамките на дозволеното. Секој секому - онолку колку што може - беше должен да излегува во пресрет на потребите и барањата, кои, секако, не смееше да бидат безгранични.



„Како станав Амадеус“, Трајче Кацаров, „Силсонс“


Водникот Гасиќ Гмизо, застана пред нокширчињата како што би застанал дебел дресер пред екипа од творови и изрече строга наредба:

„Утре во 10 часот, сите до еден да сте на пистата за постројување. Одиме на кино!“

„А?“ - Како од магарешки задник, го испуштија затечените на спиење, вокалот А, што значеше скратена форма на прашањето „Што е бе,токмак?“.

„Прости, овде морам да прекинам, влезе идиотот водник...“ Ги завршуваа на сосем културен начин штотуку започнатите реченици, оние што преку писма испраќаа тешки воздишки до домашните, потоа потсетувајќи ги на божјата заповед - да се сакаат ближните и точно навреме да им се испраќаат пари, зашто војникувањето без цигари, наполитанки и пиво е како мокрење врз кактус.

„На кино, и-хааа!

„А, има ли таму телевизија?“

Прво се израдуваа, а потоа загрижено прашаа „нокширчињата“, на кои првото слегување од планините и напуштањето на стадата овци им беше во денот на регрутирањето.

„Амадеус!“ - извикав.

Нокширчињата во просторијата за попладневни слободни активности се сврте кон мене.

„А?“ - го испуштија нокширчињата откај задникот и тоа вешто. Во просторијата се раширија отрови што просторот го претворија во канализациона цевка, а времето токму погодено за умирачка.

Наместо да командува: „Отрови, гас-маска стави!“ водникот Гасиќ Гмизо, се уште на нозе, праша:

„Зарем има некој отсутен?“

„Амадеус“ на Милош Форман, според биографијата на Волфганг Амадеус Моцарт.

Веќе зашеметен од „отровите“, водникот, се довлечка до мене, ги обвитка рацете околу мојот врат и директно в лице ја испушти претсмртната реченица:

„Секој што ќе се оддалечи од водот без дозвола од дежурниот старешина ќе биде казнет, без разлика кој е и од каде доаѓа!“

Командувајќи си самиот на себе повлекување, претпазливо вртејќи се, де лево-де десно, се извлече полужив од гасната комора. Сите до еден помисливме дека замина во историјата, па сакавме да му испратиме последен поздрав преку мајка му и сиот женски род што го имаше дома, но вратата повторно се отвори и водникот Гасиќ Гмизо, се врати, дотеран како нинџа желка.


Кон Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (5)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото