Кога гулабите се капат во битолски Драгор!

18.02.2020 12:00
Кога гулабите се капат во битолски Драгор!

 Прекрасен е погледот кога гулабите пијат вода и се капат во реката Драгор. Децата, но и возрасните често застануваат покрај речното корито и уживаат во акробациите на разни гулаби, диви и питоми кои слетуваат и одлетуваат, за жал ненавикнати да се задржуваат на плоштадите во Битола. Тоа е само еден од мотивите, битолчанецот Боне Божиновски 50 години во својот двор да чува гулаби, да одгледа бројни семејства гулаби, да тренира гулаби писмоносци и во својата витрина да чува бројни медали од разни натпревари со гулаби.

– Како дете сакав да гледам кој гулаб повисоко ќе летне, како го освојува просторот и колку долго ќе се задржи на небесната шир. Сега, 50 години подоцна по првиот допир и галење на гулаби, а тогаш имав само 12 години, најмногу од се' што сакам е гулабите да ги гледам, да ги сортирам, да им помагам кога учат да летаат и да си го најдат домот ако се загубиле, вели Боне и предупредува дека подобро е да ги сликам бројните гулаби, затоа што најтешко ќе биде да се изберат најубавите фотографии со гулаби.

А, гулаби многу. Се разликуваат според бојата, клунот, пердувите на опашката, потеклото, имињата…

Во Битола и Битолско најзастапени се три сорти гулаби и тоа Азман, Донек и М’срки. Најголем дел од гулабите своите имиња ги задржале затоа што се од турско потекло или модифицирале според македонскиот изговор. Љубителите на гулаби во градот најчесто во своите дворови го имаат гулабот Ал, гулаб Акурук, потоа Алшешка, Акурукшешка, Боцка, Карабацка, Чил, Палшешка, Шешка, Беаз, Алаџа, Сија, Мвлија, Српал…и тоа се гулаби од македонската сорта Донек кои се прекрасно се вртат и прават акробации при слетување. Од сортата М’срки попознати се гулабот Алканаклија, Крканаклија (турски: Караканакли), Срканаклија (турски: Сариканакли), Палканаклија, Ѓоканаклија (гулаб чии крилја имаат небесна боја), Кафеканаклија, Шеќерка, Каракурук, Алаџе и други, а најдобрите гулаби писмоносци се од сортата Азмани. Секој гулаб прекрасно изгледа и се разликува еден од друг, па така гулабот Алканаклија е бел со црвени крилја, Крканаклија е бел гулаб со црни капаци, Алаџе е гулаб со црна боја, Мавикујрук има сина опашка и сина глава со перче, појаснува Божиновски кој со задоволство чува и гулаби од персиско потекло, односно Блондети и Сантинети.

Гулабите имаат свои семејства и свој дом гулабарник или куќа за гулаби која се именува според турските зборови „Ќумез“ и „Кутлук“. Секој гулаб во кутлукот има свое лежиште и не го менува, појаснува Божиновски.

-Кутлукот на гулабите треба секогаш да биде чист и уреден и тоа го знае секој „гулабар“ кој ги сака овие прекрасни мали птици. Редовно се хранат со житарици, најчесто пченица и пченка. Но кога избрани гулаби се подготвуваат за натпревар тогаш се дава поквалитетна храна, просо, сончоглед, јачмен, маслена репица, граор, сточен грашак, ориз, а може да се купи и готова храна. Пред натпревар на гулабот во водата за пиење му се додаваат и разни витамини, најнапред да се здобијат со солидна кондиција за летање, а потоа и да ја издржат трката и секако да победат. Тренинзите за секој гулаб пред натпревар се тешки и до денот на натпреварот, секојдневно треба да летаат по два часа без прекин над својот кутлук, вели Божиновски кој освоил многу пехари и други одличја на домашни и меѓународни натпревари со гулаби.

Во Битола и Битолско има околу 2.000 лица кои во својот двор чуваат гулаби, највозрасниот, „гулабарот“ Лазе има над 80 години, и според непотврдени податоци се смета за град во кој процентуално има најголем број вљубеници во оваа мала птица за која уште се вели дека е света птица или гласник на Боговите.
– За одгледување и чување гулаби потребна е искрена љубов кон нив, а паралелно со тоа и знаење. Гулабите се размножуваат во текот на целата година, но најдобро е да се „парат“ во пролет и лето кога времето е потопло, а денот поголем. Гулабот може и да се разболи, а во последно време има и многу болести и затоа задолжително треба да се користат препарати за лекување болести и антибиотици. Најголем
противник на гулабите сепак се јастребите кои често како повешти и посилни птици грабливки ги напаѓаат. Тоа посебно е опасно за време на натпреварите на гулаби писмоносци бидејќи летаат по неколку часа и на патека често подолга од 100 километри, вели Божиновски и по малку на шега додава дека битолските гулабари имаат свој посебен комуникациски речник, често исполнет со многу турцизми, па затоа кога разменуваат млади мали гулаби всушност зборуваат за размена на млади јаврии, кога ќе фатат некој туѓ гулаб велат дека фатиле „јабанџија“, а потоа му вршат „кртисување“ односно сечење на осум пердуви за да не може да лета и да остане со другите гулаби во гулабарникот.

Многу гулаби и денес, како и некогаш слетуваат да се напијат вода или капат во реката Драгор, но за жал иницијативите се' уште не успеваат гулабите да ги вратат и задржат на плоштадите во Битола.


Извор: МИА

ОкоБоли главаВицФото