Промоција и трибина за книгата „Што е архитектура?”

18.02.2020 14:13
Промоција и трибина за книгата „Што е архитектура?”

„’Што е архитектура?’ го истражува светот на архитектурата низ 100 прашањa и 100 одговори. Основната идеја за реализација на овој проект е доближување на поапстрактни теми врзани за архитектурата како феномен до обичните читатели, a особено до младата публика, и не само до професионалците од фелата. Вешто избегнувајќи монотоно симплифицирање на интелектуалната мисла, оваа книга може да поттикне љубопитност кај читателите за продлабочување на интересот околу некои навидум очигледни прашања, чии одговори никогаш не се ниту конечни, ниту едноставни. Имено, авторите му помагаат на читателот да премине од неупатеност до коректна естетска, академска или историска дискусија со тоа што даваат еден сосем кус одговор на прашањето – честопати шеговит, секогаш прониклив – а потоа и уште еден, поопширен и поедукативен одговор.

Учесниците на трибината (Проф. д-р Анета Поповска, Мартин Пановски и Марта Илиевска) ќе одговорат на некои од прашањата во наш локален контекст.

Изданието „Што е архитектура?” ќе биде прво од едицијата ИГО на издавачката куќа „Гаврош“ која се обраќа на една повозрасна читателска публика. Преведувач на изданието е Саше Тасев.

Ова е искрено четиво кое нуди субјективно видување во форма на само некои од потенцијалните одговори што овие прашања ги заслужуваат. Имено, вистинската вредноста на оваа книга се состои токму во прашањата. Што е архитектура, зошто светот е најубав на самрак, дали објектите имаат спомени, дали историјата има иднина, што e камен, која е улогата на политиката во архитектурата се само дел од прашањата што ги поставуваат авторите на оваа книга. Интересно е тоа како истите прашања кои ги интригираат читателите со својата универзалност можат да се поставуваат одново во различни контексти. Па така лесно можеме да ги прилагодиме на еден локален контекст и прашањето кое во книгата е: Дали Дубаи е град? да го преформулираме и да го поставиме како: Дали Скопје е град?“, се вели во најавата за промоцијата.

ОкоБоли главаВицФото