Коцката е отфрлена

18.02.2020 23:45
Коцката е отфрлена

Разузнавачката служба на Соединетите држави, ЦИА и западногерманската БНД со децении пресретнувале и читале заштитена дипломатска, воена и разузнавачка комуникација на повеќе од 120 земји од светот, вклучувајќи ги сопствените сојузници, тоа неделава го открија американскиот весник Вашингтон Пост, германската телевизија ЗДФ и швајцарската СРФ. Операцијата „Рубикон“ функционирала вака: владите ширум светот уште од педесеттите години од швајцарската компанија Крипто АГ купувале софистицирани апарати за криптозаштита, односно шифрирање. Аура за веродостојноста на компанијата давало седиштето во градчето Зуг сместено во неутрална Швајцарија, земја која наводно не учествува во валкани игри. Основачот на Крипто АГ, шведскиот изумител Борис Хагелин, со криптозаштита се занимавал уште од триесеттите години, а за време на Студената војна неговите производи уживале репутација на врвни и речиси непробивни крипто-уреди. Меѓутоа, купувачите не знаеле дека Хагелин од 1952 година имал „дил“ со американските служби ЦИА и НСА, и германската БНД. На почетокот договорот значел дека Крипто АГ најсигурните уреди ќе ги продава само на пријателски земји на западот. Но целата работа наскоро станала многу поамбициозна. Во алгоритмите за кодирање, кои ги користеле апаратите на Хагелин, системски и намерно биле вградувани „дупки“, па американската и германската служба можеле да ги пробијат тие кодови само за неколку секунди, наместо неколку месеци. ЦИА и БНД во седумдесеттите за 25 милиони франци дури ја купиле и преземале компанијата од Хагелин. Идентитетот на сопственикот е заштитен со помош на компанија од Лихтенштајн, држава со матно законодавство, а германската и американската служба оттогаш сами дизајнирале и продавале расипани уреди и натаму користејќи ја фасадата на независната швајцарска фирма. Накратко, станува збор можеби за најголемата разузнавачка измама во историјата. Во објавената документација на ЦИА стои: „Тоа беше најдолгиот и најпродуктивниот разузнавачки проект од Втората светска војна. Странските влади им плаќаа солидни суми пари на САД и Западна Германија за да добијат привилегија да ја читаат најтајната комуникација барем на две странски земји. Тоа беше разузнавачки потег на векот.

Борис Хагелин, основачот на Крипто АГ

Некои претпоставки и елементи од случајот се присутни во јавноста уште од деведесеттите, но целата, детална и потврдена приказна за Крипто АГ е објавена дури сега. ЗДФ и Вашингтон Пост дошле до интерната документација на БНД и ЦИА, а потоа во соработка со СРФ спровеле шестмесечно истражување во низа земји. Како резултат на тоа швајцарската јавна телевизија емитуваше стоминутен документарец за истражувачките новинарки Фиона Ендрес и Никол Вогел - која е авторка на репортажата за насилството на хрватската полиција и илегалното протерување на мигрантите. Вџашувачка е содржината на досието на ЦИА и БНД наречено „Минерва“. Листата на Крипто АГ ја предводеле Саудијците, Југославија, Иран, Италија, Индонезија, Аргентина, Ирак, Либија, Јордан и Јужна Кореја. „Секоја од овие земји“, пишува во „Минерва“, „беше важна разузнавачка мета“. На пописот од повеќе од сто земји се и Сирија, Пакистан, Индија, Турција, Јапонија и Чиле, каде во 1973 година, ЦИА со воен пуч го сруши демократски избраниот социјалистички претседател Салвадор Аљенде. „Експертите претпоставуваат дека прислушувањето на уредите на Крипто АГ им овозможила важна предност на САД“, се вели во документарецот. Благодарение на „Рубикон“, претседателот Џими Картер во 1979 година успеа да го договори мировниот договор помеѓу Израел и Египет. Од досието на ЦИА: „Колку беше важно да се чита египетската дипломатска пошта за време на преговорите? Непроценливо.“ Аргентинската воена хунта исто така била клиент на Крипто АГ. ЦИА и БНД имале сознанија од прва рака за бруталните убиства на илјадници противници на режимот. Незаинтересирани за човековите права, САД својата моќ ја искористија дури откако изби Фолкландската војна, па Вашингтон му ги проследувал аргентинските тајни на Лондон. Програмата имала ограничувања: земјите од источниот блок - пред сѐ СССР - поседувале сопствена технологија и не биле швајцарски купувачи, но за комунистичките сили САД дознале сешто следејќи ја комуникацијата од трети земји. Вашингтон Пост истакнува дека е „тешко да се прецени исклучителноста на оваа документација“ - а реакциите од нејзината објава веројатно ќе траат со месеци. Накратко, Америка благодарение на апаратите на Крипто АГ ја обликуваше историјата на светот.

Тајната повеќепати речиси ќе излезеше во јавност . Правдајќи ги воздушните напади на Либија во 1986 година во кои беше убиена ќерката на Гадафи, Роналд Реган се излаја за пресретнатите депеши кои докажуваат дека Триполи стои зад тогашниот бомбашки напад во Берлин - беа убиени двајца американски војници. Нешто насетил и целосно прислушуваниот режим во Техеран. Агилниот трговец на Крипто АГ, Ханс Булер, на Иран му продал огромен број уреди за време на неговите 25 посети. За време на последната посета - во 1992 година - Иранците го апсат и го подложуваат на психолошко злоставување, барајќи признание дека уредите се „пробиени“. После девет месеци БНД му плати на Техеран милион долари за него. Прашање е колку знаел Булер и колку можел да му оддаде на Иран, но трауматизираниот трговец потоа почна да изнесува претпоставки во западните медиуми дека Крипто АГ соработува со разузнавачките служби. За тоа е спроведена и полициска истрага, но само про форма: ако швајцарските власти официјално откриеле дека Крипто АГ е само филијала на странските тајни служби, се вели во филмот, „компанијата ќе мораше да биде затворена. Тоа ќе значеше објавување војна на ЦИА и БНД, а тоа не можеше да си го дозволи Швајцарија.“ На крајот, Крипто АГ му платил на Булер за да молчи. Добро поминал: синот на основачот на Крипто АГ, Бо Хагелин, бил противник на соработката со ЦИА. Загина со автомобилска несреќа 1970 година - дури и заменикот директор на БНД претпоставил дека не се работи за несреќа“, вели во филмот на СРФ експертот за тајни служби Ерих Шмит-Енбум. До почетокот на деведесеттите сето тоа им станувало сѐ понепријатно на Германците: САД им ги продадоа уредите на Крипто АГ на Ватикан и Обединетите нации, а спрема сопствените сојузници - вклучувајќи ги членките на НАТО - „се однесуваа како кон земји од Третиот свет“, вели во документите на БНД поранешниот директор на службата Волберт Шмит. Плашејќи се од реакции од другите земји доколку протече приказната, во 1993 година Берлин го продава својот удел во компанијата во САД. ЦИА продолжува самостојно: во дигиталната ера напредната енкрипција е достапна на секој паметен телефон, но многу влади од Третиот свет продолжија да ги користат системите на Крипто АГ. Компанијата беше затворена во 2018 година. Заклучно, Едвард Сноуден во 2013 година го разоткри масовниот надзор на интернет и сите современи комуникации, кој го спроведува американската НСА во соработка со британските, канадските, австралиските и новозеландските служби, но оваа објава покажува дека бескрупулозната глобална шпионажа започнала пред повеќе од шеесет години. Во светло на оваа приказна за користење привидно неутрална технологија, но за шпионажа, појасно е и американското непријателство кон технолошките решенија на кинеската фирма Хуавеи.

Кратка, но исклучителна улога во филмот на СРФ ѝ е посветена на Југославија, а во тој дел од истражувањето на СРФ учествуваше и потпишаниот новинар на Новости. Кон крајот на седудмесеттите Белград купи голем број најнапредни дигитални уреди од Крипто АГ, попрецизно моделот МЦЦ-314. Во зделката биле вклучени и врвот на ЈНА и министерот за одбрана, генералот Никола Љубичиќ. Меѓутоа, набрзо потоа од Белград стигнал нервозен повик. Југославија била меѓу ретките земји кои сфатиле дека со уредите има проблем. „Нивните паметни момци ја открија приказната“, вели во филмот на СРФ некогашниот инженер на Крипто АГ, Бруно Вон Ах. ЈНА побарала Швајцарците да објаснат како да се исправат „грешките“, заканувајќи се дека во спротивно ќе ја објават измамата. „Тоа ќе беше хорор сценарио “, продолжува инженерот. По кризниот состанок со управата на Крипто АГ, настанот е заташкан така што Вон Ах во Белград лично им сугерирал на југословенските експерти како да ги репрограмираат алгоритмите и да ги направат апаратите непробивни. Југославија имаше високо развиена криптологија, а тоа го потврдува и Шмит Енбум. Низа експерти од тоа поле - впрочем гранка на математиката - соработувале со ЈНА. Југословенската афера со Крипто АГ, како што напоменува филмот, имала последици сѐ до деведесеттите: западните тајни служби за време на овдешните војни се обидувале да ја пресретнат комуникацијата на српската војска - но неуспешно. Накратко, приказната за Крипто АГ зборува дека социјалистичка Југославија имала технолошки know-how на ниво кое било доволно да се порази ЦИА. Денешна Хрватска, пак, не е ни во стостојба да купи застарени авиони. Ситуацијата не е подобра ни со Србија, играчката на руските разузнавачки игри и геополитички интереси.

Извор: https://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото