1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Неизбежно е вака да се види и разбере македонската култура кога нема ниту изгледи за самоодржливост ниту вистинска закрила од главните институции на културата. Можностите за самоодржливост се во голема мера уништени со системските недостатоци на образованието, на културната и на медиумската инфраструктура: за самоодржлива култура се потребни луѓе што ќе ја прифатат, што ќе ѝ се приклучат, а клучната одговорност за нивно создавање е кај големиот апарат на школството, кој во земјава не е предмет на избор; за самоодржлива култура е потребна и елементарна културна инфраструктура, која секогаш останува надвор од националните политички и економски програми; медиумската инфраструктура веќе одамна ја има отпишано културата дури и од маргините на својот промет на информации. До ремонтот на школството, до создавањето нова и обновувањето на уништената културна и медиумска инфраструктура, соодветната поддршка од институциите на културата останува важен транзитивен механизам.
Но, поддршка од институциите на културата не добиваат оние што дејствуваат, работат, истражуваат во интерес на современата култура. Тие можеби ќе добијат некоја безначајна, „симболична“ поддршка за нивните проекти, темелно подготвени и воопшто непрочитани (да, непрочитани, бидејќи не може поинаку да се разбере отсуството на секаква оценка и коментар на она што се обмислува и пишува во измислените апликации, наспроти практиката на сите сериозни институции низ светот). Поддршка има само за опортуно тетовираните: оние што по некој истакнат признак припаѓаат на тековно привилегираниот клан. Овде се основни, се разбира, етничките и партиските признаци.
Со смената на политичката конјуктура и гарнитура, пред македонската култура се свири една иста партитура – една иста химна на етноклиентелизмот, само во различни октави. Ако до пред неколку години средствата од националниот буџет за култура се распределуваа кон едни луѓе што си ги истакнуваа националните и етномитските амблеми, сега дојдоа на ред други истакнувачи на национални и етномитски амблеми. И тогаш беа и сега останаа на ветромет оние што не истакнуваат никакви амблеми, туку работат во и за една култура што е во органско единство со регионалните и светските културни релјефи, што не се потчинува на императивите на она што од неа зависи, што е принципиелно разведена од идејата дека културата во својата општост треба да ѝ слугува на некоја етнонационална или политичка кауза.
Резултатите од Годишната програма за 2020 на Министерството за култура покажуваат дека во целиот фарсичен процес на аплицирање за поддршка и на дистрибуција на националниот буџет за култура и натаму неприкосновено царува неговото височество – амблемот. А сите што не го носат се несмасно отсечени – или не добиваат поддршка или добиваат непристојна понуда: средства што не можат да ги покријат ни „основните режиски трошоци“. Бегемот е само еден неподобен учесник во лигата на амблемите. Во нашиот случај, од шестмина македонски автори за чиишто најнови книги Бегемот поднесе барање за поддршка, петмина се отфрлени – очекуваме за некој месец да пристигне исцрпното оправдување дека „проектите не се од национален интерес“ – а доделените средства за неколку преводни дела, во својот непристојно низок износ, се, згора, чудно идентични за проекти со значително различен обем. Проектите за книжевни настани и платформи (кои веќе неколку години ги одржуваме волонтерски или со минимална поддршка што едвај ја наоѓаме) воопшто и ги нема на списоците. И проблемов од забележлив станува очебиен кога ќе се прелистаат списоците на поддржаните проекти и доделените суми, кога ќе се воочи амблематскиот клуч по кој се распределуваат националните пари во културата.
Гифови: Bill Domonkos