Светлото е тука. Меѓу два камена.

19.02.2020 12:37
Светлото е тука. Меѓу два камена.

Кон резултатите од Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура од областа на издаваштвото, 2020.

 

ПНВ Публикации работи веќе десет години, годинава треба да го прославиме нашиот прв голем јубилеј! Но по резултатите од Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура не ни е баш до славење, барем не деновиве.

Гледаме, дека има и такви издавачи и автори што се израдуваа на малите средства и хонорари за проектите, но за нас и тоа е тажна слика. Тажно е до каде стасавме. Да им се радуваме и на трошките...

Културата се чини овде е истисната од секој аспект на живеењето: телевизиите нудат само турски сапуници и разни кич и шунд риајалити повраќаници, маркетиншките кампањи по билбордите и телевизиите се полуписмени, често и целосно неписмени. Градоначалниците се натпреваруваат кој со повеќе десетици илјади евра на нивните сенештојади да донесат разно-разни мерлини, цеци, северини и други пилари на шундот и невкусот. Пишаните и електронските медиуми воопшто немаат или имаат премалку простор за културата, образовниот систем е ужас, треба веднаш да се врати на фабричко подесување. Сега слушнав се размислувало да се укинат и часовите по ликовна уметност, библиотеките работат на жабри и набавуваат „само тоа што се чита“, а се читаат лимонади и евтини приказни, оти ако нема систем што активно ќе ја селектира културната програма во полза на квалитет, граѓаните, а особено младите, ќе немаат ни репер за квалитетна литература, музика, или која било друга форма на уметност.

Министерство за култура на една ваква мала или (во споредба со водечките) дури и микро култура треба да е мајката што ќе се грижи за сите свои деца, да е водилка, да е потпора, да создава услови за раст и развој, да помогне еден ден да го напуштиме гнездото, па да чуе некој за нас и надвор од Македонија, да создаде клима и услови за пласман на нашите квалитетни „производи“... Но, се чини, Министерството е некому мајка, а некому маќеа. Но ни за оние што денес ги смета за „свои“ деца, а утре веќе ѝ не се, не прави ништо добро.

Имаме општа и фатална ерозија на квалитет токму поради овие нешта, поради немањето систем за вреднување, а како би имале кога имаме сѐ само вистински стручни комисии – не! Илјадници проекти се разгледуваат и за нив решаваат еден до тројца луѓе!

Слични проекти добиваат несразмерно различен процент на поддршка. Квалитетни проекти воопшто и не добиваат поддршка.

Списокот е долг и мачен, нештата е општопознати и се такви со години наназад. И со конкурсов и со речиси сите книжевни награди, нештата предолго се така.

И најлошо тука си поминуваат не оние што се „наши“ или „ваши“, туку оние што се СВОИ и НИЧИИ!

ПНВ Публикации помина со неколку одобрени проекти, со минимални средства, па два од проектите најверојатно ќе мора да бидат и откажани, оти доделената помош ни оддалеку не е доволна за проектите да се реализираат.
Останатите, треба да се задоволат со сусамот што, ете, паднал во хартијата во која се послужил топол ѓеврек за некои други проекти, проекти на коишто овде воопшто и не им е местото.

Со години до Министерството за култура аплицираме само со дела на македонски автори, едвај, можеби, и со по еден превод, оти тие се бедемот на македонската култура, оти тие се оние што го одржуваат овој јазик во живот (а само тој ни остана), и тие се оние што со години работат на своите книжевни дела, а на крајот, ставени се во позиција дури и да се откажат од и онака премалиот хонорар за трудот, само за нивните дела да ја видат светлината на денот.

Колку понижувачки!

Колку нечовечно!

Колку тажно!

Министерството за култура не е ничија мајка ни маќеа. Министерството за култура е Хронос, таткото што си ги јаде сопствените деца!

Нашите автори се разочарани и навредени, ниту оние чијшто проект беше поддржан, ниту оние што воопшто и не добија поддршка не се среќни. Чувтсвото е такво, блуткаво, како кога ќе ти се падне мувлосана семка. Апатично дури, оти ја убива секоја надеж! Некои проекти од особено квалитетни и млади автори, автори што се носители на иднината на нашата книжевна сцена упорно не се поддржани од конкурсот што јасно вели дека примарно ќе ги поддржува младите и литературата за млади. Каква хипокризија!

Авторите велат – немам веќе надеж, се чини, нема излез од ова. Не можам да го видам светлото!

Светлото е тука! Меѓу два камена! Ќе се удрат еден од друг и ќе фрлат искра. Па нека распламти и оган и нека запали сѐ што досега било. Под изгорените стрништа, ќе никне нова зелена трева!

Слики: Lucy Dickson

 

ОкоБоли главаВицФото