1015 hPa
62 %

12 °C
Скопје - Пет, 14.02.2025 15:59
Мануел де Ланда вака завршува едно поглавје во својата необична книга Илјада години нелинеарна историја: „Наспроти фактот дека процесите на создавање сплетови денес интензивно се случуваат насекаде, хиерархиските структури имаат предност од два или три века, која може да биде пресудна, посебно денес кога процесите на хомогенизација станаа меѓународни. Но, и ако иднината им припадне на хиерархиите, тоа нема да се случи зашто законот на капитализмот озгора го одредил исходот. Човечката историја е приказна за контингентноста, а не за нужноста, за пропуштените шанси да се тргне по различни насоки на развој, а не за праволиниското движење во кое енергијата, материјата и информацијата се претвораат во производи на културата".
Историчарот Вилијам Мекнил смета дека една од клучните причини за конечната доминација на Западот од илјадитата година натаму лежи во различните мешавини помеѓу централизираното и децентрализираното одлучување во тамошните градови. За разлика од западните градови, тогаш моќните азиски општества останале заробеници на строго хиерархиските општествени модели и затоа почнале драматично да заостануваат, и покрај некогашната научна и технолошка супериорност.
Фернанд Бродел, можеби највлијателниот современ историчар, се согласува со таа теза кога тврди дека постои еден „динамичен модел на турбулентната еволуција на западните градови, додека моделот на живот во градовите во другиот дел од светот често е рамна, долга и непрекината црта во времето".
Тајната на западната надмоќ во последниве илјада години, значи, веројатно лежи во специфичната напнатост помеѓу централистичките и децентралистичките тенденции за општествено организирање. Ориенталните држави останаа при хиерархиските модели, додека Западот често ги прифаќаше моделите на сплетови и мрежи, за кои времето како допрва да доаѓа.
Европските нации, како што вели историчарот Пол Кенеди, за разлика од исламските или кинеските, никогаш не успеаја да создадат единствено, хомогено царство и сè до денес опстојуваат како сплетови од хиерархии. Се разбира, Европа неколку пати во својата историја можела да стане единствена хиерархија: во 16 век со Хабзбуршкото царство и потоа во времето на подемот на Наполеон и Хитлер. За среќа, тоа не се случило.
Гифови: Ристо Аврамовски
Кон ЕУ река (37)
Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.