Медиум на друм (49): Фама

19.02.2020 23:17
Медиум на друм (49): Фама

ФАМА

Зборот фама во латинскиот јазик означува слава, јавно мнение, глас, говоркање и гласина. Фама е и добриот и лошиот глас. Зборот има двоен значенски хоризонт: од една страна значи „вест“, нешто слично на „Радио Милева“; од друга страна фама ја означува сликата која низ таа вест настанува за некоја личност.

Во историјата на западното сликарство, уште од антиката, Фама е мошне присутен лик, и најчесто е прикажувана како жена со труби и фанфари, на коњ или со крилја.

Фама повеќе ја спомнуваат римските поети отколку грчките; според нив, таа била страшна пердувеста зверка со голема крилја и со долги и брзи нозе. Имала онолку јазици, очи и уши колку што на себе имала пердуви, и никој не можел да се мери со неа во тоа колку можела да се надуе.

Фама ширела паника и на луѓето им втерувала страв во коските, и ноќе и дење, а посебно во големите градови.

Вергилиј вели за Фама:

„Измислици ширејќи и лаги, но и вистината откривајќи ја така...“

Хорациј вели:

„Дошепнати гласини кои доаѓаат и исчезнуваат кој знае каде...“

Фама живеела на брдо, во висока тврдина без врати и прозорци. Била отворена на сите страни за во неа непречено да можат да влегуваат нејзините помошници, олицетворени во измислените вести, судбоносните заблуди, безразложните радости, лековорености, грозотии и страв.

Фама не исчезнала до нашите дни. Од латинскиот се проширила во речиси сите европски јазици, и зборот „фама“ никому не му звучи непознато и туѓо.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Скулптура: Antoine Coysevox - Фама го јава Пегаз (1701/1702)

Кон Медиум на друм (48)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото