Мицкоски повторно „од ракав“ зборува за бројот на иселените

20.02.2020 14:11
Мицкоски повторно „од ракав“ зборува за бројот на иселените

Постојано да се говори за илјадници иселени од државата, без да се наведе конкретен извор, или, пак, да се тврди дека во изминатите три години земјата се одалечила од ЕУ повеќе од што била претходно, не претставува ништо друго освен класичен спин

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во последното обраќање до јавноста своите политички ставови ги темели и на тврдења во кои се препознава спин:

Спин: Ова се три години без иднина. Вратите на Европската унија не само што не ги отворија, туку со неправдите не оддалечија. Секој ден сме се подалеку зашто немаат ниту една вредност која што е европска. Планови како што е 3-6-9 остануваат само како срамни бројки кои сведочат за неуспехот на Заев. Повеќе од 200 илјади луѓе си заминаа за три години, затоа што овде животот на Заев не го најдоа и си заминаа, се отселија

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб – Прес Мицкоски – 16.02.2020]

Контраспин: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по распуштањето на Собранието искажа повеќе политички ставови, а во дел од нив се препознаваат извртувања на вистината, т.е. спин.

Таков е и ставот кој го издвоивме во горниот дел од текстот и во него прво што се забележува е повторениот спин на Мицкоски за бројот на иселени лица од Македонија за последните три години, за кои, тој тврди, дека изнесува 200 илјади лица.

„Вистиномер“ неодамна се осврна на оваа извртена вистина на Мицкоски, кога беше оценета како недоследна. Сега може само да се констатира дека исто како и неодамна, Мицкоски со ништо не ја поткрепува бројката и не се повикува на ниту еден извор. Бидејќи минатиот пат беше сторен обид да се покаже дека трендовите во блиското минато зборуваат за многу помали бројки на трајно иселување, односно т.н. нето-миграција од нешто над 9.000 илјади лица годишно. Тука само да напоменеме дека истите аргументи се валидни и натаму и дека линковите со корисни документи кои одат во прилог на тврдењето дека бројките на иселени се многу помали, може да се најдат во првиот текст на „Вистиномер“ на оваа тема.

Покрај ова, во пасусот што е земен за контраспин, се забележува уште еден крупен спин. „ Вратите на Европската унија не само што не ги отворија, туку со неправдите не оддалечија“.

Да се даде изјава со вакво тврдење после две препораки од ЕК за отпочнување на датум за преговори со земјата (2018 и 2019), после случувањата од минатогодишниот октомври кога Франција отворено призна дека причината не е во Македонија туку во односите на Франција со Унијата, после сите бројни изјави во последните две недели дека е на повидок датум за преговори уште во март, откако ЕК ја усвои новата методологија за преговори по барање на Франција, и конечно, да се даде ваква изјава по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дадена изминатиот викенд во Минхен, дека тој сега е со став во прилог на започнување преговори за Македонија и Албанија, веднаш откако ќе дојде новиот извештај на ЕК со потврда дали земјите ги исполнуваат условите – тоа е и повеќе од извртување на вистината.

Станува збор за потценување на јавноста од страна на Мицкоски, која колку и да е (дез)информирана, може да заклучи дека, сепак, после две и пол години владеење на власта на СДСМ, државата, Република Северна Македонија е многу поблиску до евроинтеграциите, отколку до 2017 година, кога тие беа закочени со официјална изјава во извештаите на ЕК дека сме биле „заробена држава“.

Оттука, ваквите изјави на Мицкоски, за бројот на иселените и за наводното оддалечување на државата од портите на ЕУ, ги оценуваме како спин.



Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер