ЕУ РЕКА (39): „Историјата е кошмар од кој се обидувам да се разбудам“

20.02.2020 20:16
ЕУ РЕКА (39): „Историјата е кошмар од кој се обидувам да се разбудам“

Историјата е кошмар од кој се обидувам да се разбудам, велеше Џемс Џојс. Но, на кошмар наликува и стаписаноста пред она напред, пред она што претстои.

Во една претстава на полскиот режисер и сценограф Тадеуш Кантор постои следнава сцена: на еден од ликовите раката му е обвиткана со дебел слој завои. Почнува одмотувањето. Се укажуваат првите капки крв. Со одмотувањето, флеката се шири, расте, станува сè поголема. Потем почнува да се намалува, постепено исчезнува, се враќа до една капка, а потоа сосема исчезнува и повторно се покажува чистиот бел завој.

Некако на тоа ми личи човечкото справување со кошмарите задни и кошмарите предни: комбинација од халуцинација, Мебиусова лента, магионичарски или театарски трик, регенерација, реинкарнација... Крвавото брзо станува бело, белото уште побрзо одново окрвавува... А ние цело време осцилираме помеѓу, како што велеше Бенјамин, катастрофата и напредокот...

Јарослав Сајферт со своите стихови како се надоврзува и на Бенјаминовиот Ангел на историјата и на сцената на Кантор: „Што ли луѓето не смислиле, само да ја надминат смртта! Но, времето на лилјаците сè руши со опните на крилјата. Да може човек само да се сокрие барем во оние јами што во воздухот ги разјале пламени, или околу раката да намота воздух и да се спушти во амбисот над нас!“

Гиф: KEVIN WEIR

Кон ЕУ река (38)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото