Денешниот свет е слободен пазар за насилство

21.02.2020 00:52
Денешниот свет е слободен пазар за насилство

Боштјан Видемшек

Боштјан Видемшек е воен известувач од љубљанскиот дневен весник Дело и автор на низа книги. Повеќедецениската кариера ја започнал 1998 година на Косово, а потоа известувал од Авганистан, Ирак, Судан, Сирија, Либија, ДР Конго, Сомалија, Појасот Газа, Пакистан, централна Азија и Египет. Објавувал во Њујорк Тајмс, Ле Фигаро, Дер Шпигел, Атлантик Пост, Афтенпостен и други угледни медиуми. Добитник е на повеќе награди, а репортажата за младиот сириски виолинист Рами Басисах - кој меѓу бегалците заробени на грчко-македонската граница ја свири „Ода на радоста“ од Бетовен - влезе во потесниот избор за „European Press Prize“. За бегалците пред војната и сиромаштијата Видемшек пишуваше со години пред таканаречената криза од 2015 година, посветувајќи им ја и книгата „On The Run“ („Во бегство“). Минатата недела во Загреб се одржа промоцијата на неговата книга „Dispatches from the Frontlines of Humanity“ (Извештај од фронтовите на човештвото). Во неа се собрани репортажи од четири континенти, од Европа преку Уганда и северна Африка, Блискиот и Далечниот исток, па до Јужна Америка. Приказните со кои се занимава Видемшек се крајно разновидни: од продажба на бебиња во Атина до Боливија и ископувањето литиум, клучен за производството на батерии за мобилни телефони. Сепак, две теми доминираат - бегалците и војната.

Предговорот на книгата е насловен „Ода за исчезнувачката уметност“. Изумира не само жанрот репортажа туку и самите воени дописници - себеси се нарекувате „диносаурус на раб на изумирање“?

Во последните десетина години долгите текстови, таканаречените long read, стануваат сѐ поретки. Големите весници сѐ уште можат да си ги дозволат, но средно големите и малите не можат, а не можеме сите да пишуваме за Њујоркер. Особено исчезнуваат книжевните репортажи, текстови кои бараат новинарот да биде на терен повеќе денови или недели и фокусирано да работи на една приказна. За време на неодамнешниото израелско бомбардирање на Газа - во кое беше убиен водачот на исламскиот џихад Баха Абу ал-Ата - еден голем шпански дневен весник ми понуди 70 евра за репортажа од 15 000 знаци. Воените приказни немаат никаква цена. Не сме конкурентни, зашто тоа благодарение на глобализацијата и дигитализацијата стана чиста експлоатација - sweatshop. Теренскиот дел од работата им се аутсорсира на локалците на теренот. Не е важно дали се новинари. Таму се и имаат телефони со камери и ексклузивен пристап до настаните. Понекогаш тоа се и воени актери. Тоа денес е идеално: фактите се проверуваат сѐ помалку, живееме во време на реални шоуа. Современото известување од војните буквално е реално шоу. Пресврт беше Либија, а сириската граѓанска војна особено ги промени нештата. За нас кои бевме таму сѐ стана премногу опасно, прескапо и со големи логистички потреби за да може да се работи според правилата на професијата. Во новинарството веќе нема ни вистински бизнис модел, освен здружените медиуми како што се Кореспондент или швајцарскиот Републик. Постојат и бројни стипендии, како и пазар за приказни за климатските промени. Од тоа може да се живее. Има и сѐ повеќе одлични документарци, главно снимени во независна продукција. Но се плашам дека долгата гламурозна репортажа, која ми е важна, е минато.

Асоцијални медиуми

Истражувачкото и надворешно-политичкото новинарство некогаш беше столб на професијата, а улогата на новинарите беше да го објаснат светот. Денес има сѐ повеќе лажни вести, а за надворешната политика главно се пишува препишувајќи од интернет. Какви се последиците од тоа?

Има низа очигледни и заебани последици, од Брегзит и Трамп до целосно губење на историското памтење. Дигитализацијата и тие, како што ги нарекувам, „асоцијални медиуми“ патолошки го скратија вниманието кое луѓето го посветуваат на нешто. Вниманието е фундамент на сѐ, од етиката до разбирањето. Сега сѐ се случува на ниво на рефлекси и без контекстуализација. Освен во политиката, економијата и општеството, последиците ги гледаме и во падот на медиумските стандарди. Животот во постфактичкото општество значи глобален пораз не само на хуманизмот туку и на науката, вистината, размислувањето и светот кој се темели на докази.

Пишувате дека не верувате во објективно новинарство. Како ја гледате улогата на ангажираниот новинар?

Според објективизмот и англосаксонската школа за новинарство сите страни би требало да добијат подеднаков третман. Да речеме дека сум во ДР Конго и дека покрај патот умира мало девојче. Петте војници кои ја силувале, сега пукаат во неа. Дали жртвата и силувачите ќе ги третирам подеднакво во својата приказна? Секако дека не. Секогаш навивам за послабите и жртвите, оние кои немаат можност ни да преживеат. Не ја разбирам логиката според која новинарството е само присутност и објективизација на она што се гледа. На терен сте човек со сопствен светоглед и емоции. Невозможно е да се игнорираат чувствата додека пишуваш и фотографираш, тие исто така се дел од приказната - она што го гледаш, мирисаш, допираш со прстите. Дури и сведоците во правосудството мораат да кажат и што виделе и што мислат за тоа. Имав многу проблеми со уредниците заради ваквиот став. Рековте дека тоа е „ангажирано новинарство“. За мене тоа е само новинарство. За мене новинарството е хуманизам, оружје во борбата за човекови права.

За книгата „Во бегство“ интервјуиравте повеќе од 2 500 бегалци и мигранти. Европа се затвори за тие луѓе, иако исто така е многу одговорна за ситуацијата во нивните земји. Дали верувате дека работата на репортерот може да промени што било или тоа е само придонес за медиумскиот спектакл?

Дали можеме позитивно да влијаеме на индивидуалните судбини, но кога станува збор за колективите, нештата ги менуваме само негативно. Медиумите одиграа голема улога во тоа што на словенечко-хрватската, унгарско-хрватската и унгарско-српската граница е ставена жица, дека падна Шенгенот и дека се чека во редови кога патувате од Германија во Данска. Со години слушавме за отворена Европа и слободен проток на луѓе, стока и капитал. Сега одеднаш луѓето не можат да поминуваат. По падот на ѕидот на политичката коректност Европа стана многу поискрена. Покажа што всушност е - заедница втемелена на расизам, шовинизам и страв од поинаквите. Тоа е новата нормалност. Сѐ се случи мошне брзо, како кога на снимка ќе притиснете fast forward. Треба да се каже дека сето тоа го направи политичкиот центар. Радикалната десница само мошне интелигентно се постави уште подесно. Центарот ги презеде десните политики, левицата се најде во центар, а од вистинската левица не остана ништо.

Вашата репортажа која се занимава со центрите за бегалци и мигранти на грчкиот остров Чиос се вика „Концентрационите логори на 21 век“. Што очекувате во иднина?

Европа сѐ повеќе ќе се претвора во тврдина, односно во повеќе помали тврдини. Со Брегзитот една веќе се отцепи. Приказната за заедничка Европа е минато. Таканареченото бегалско прашање, кое реално и не е вистински проблем, одигра важна улога во тоа. Не е само центарот на Чиос концентрационен логор, туку тоа се и центрите на Лезбос, Самос, сите источноегејски острови. Исто како и Вучјак, Кладуша, Бихаќ. Еден од моите соговорници вели дека мигрантите и бегалците се Евреите на нашето време. Европската унија настојува да го изведе проблемот надвор од своите граници и тоа со потполна дехуманизација, негација на човековите права и меѓународните конвенции. Впрочем, тоа е авангардата, светот кон кој се движиме. Мислам дека времето на демократијата, отвореното либерално општество и универзалните човекови права беше само мал прозорец во историјата.

Неодамна се вративте од Ербил во ирачки Курдистан, после американското убиство на иранскиот генерал Касим Сулејмани. Какви ќе бидат последиците од тој чин?

Мислам дека директен конфликт на Иран и САД не е можен и дека тоа убиство е добивка за сите. Околу Сулејмани се создаде толкав култ на личноста што ајатолахот и мулите од Ком почнаа да го гледаат како закана. Секако, иранскиот режим му овозможи да изгради мрежа од Јемен до Сирија. Сулејмани и другите убиени - Абу Махди ал-Мухандис, водачот на ирачките шиитски паравојски - беа клучни луѓе не само на ирачката војска туку и на политиката. Од друга страна, Сунитите во Ирак се потполно маргинализирани. Тоа е последица од падот на режимот на Хусеин, во кој тие потполно доминираа. Благодарение на таа маргинализација некои племиња застанаа на страна на Исламската држава. После нејзиниот воен пораз постои можност за обнова во поинаква форма зашто ситуацијата со сунитите е полоша од пред пет години. Секако, огромниот успех на Сулејмани е факт дека Иран, со поддршка од Русија и Кина, првпат во модерната историја има превласт над областа од западната граница со Авганистан па сѐ до Медитеранот - сириска Латакија и Либан. Авганистан, од каде САД се повлекуваат после 18 години, а државата им ја оставаат на талибанците, кои ја имаа и во 2001 година, исто така е стара персиска област. Во геополитички контекст Блискиот исток почнува во Кабул, а таму поминува и границата помеѓу зоната на влијание на САД и Кина.

Касим Сулејмани

Какви ќе бидат последиците од американското повлекување од Блискиот исток?

Америка почна да ги губи позициите уште под Буш помладиот и Обама. Трамп не донесе ништо важно ново, освен што е поатрактивен реторички. После колапсот во Ирак, САД и шизофрената политика во Сирија се обидува да се извади од пеколот што сами го создадоа, додека Владимир Путин сѐ одигра мошне сурово, но мошне вешто па Русија се уфрли во тој простор. Меѓутоа, треба да се каже дека САД благодарение на фракинг технологијата сега е сосема самодоволна. На САД веќе не им треба ни саудиската нафта ниту полињата околу Киркук и Басра. Хилари Клинтон одамна зборуваше дека ова треба да биде „пацифистички век“ за Америка. Единствената причина за присуството на САД на Блискиот исток е Израел, кој ќе остане во срцето на американската политика дури и ако на претседателските избори победи Берни Сандерс - а знаеме дека тоа нема да се случи. Истовремено, повлекувањето на САД не одговара никому, зашто САД на сите им користи како алиби за тоа што го прават. Исто како што арапските држави ја оправдуваа поддршката за Палестина преку своите диктаторски политики. Кога станува збор за Сирија, присуството на САД е потребно за луѓето да мислат дека Башар ал-Асад е борец против империјализмот. Толку глупаво размислува академската левица. На Блискиот исток секогаш е потребна некоја повисока цел. Секако, никој нема отворено да каже „ни треба Америка за да ги држиме луѓето обединети“. Во секој случај, сега ја нема таа висока цел. Остануваат само конфликтите.

Хорор после цунами

Каков развој на настаните очекувате во Сирија?

Се плашам дека најлошото допрва доаѓа. Некаде во желудникот насетувам турско-сириски конфликт. Мислам дека пукна сојузот на Ердоган и Путин и дека зад тоа стои прашањето за Либија. За доброто на стотици илјади луѓе се надевам дека не е така. Ердоган и Путин се валкани играчи, при што едниот е ирационален и опортунистички, а другиот паметен и доминантен. Нивната соработка постои уште од обидот за државен удар во Турција 2016 година и сосема го промени изгледот на Блискиот исток и Либија. Сега Турците во Либија ги испратија своите протурски сили од Сирија, а таму се и руските платеници од групата Вагнер, директни подизведувачи на Кремљ. Имаме два конфликти во кои Русите и Турците стојат едни наспроти други. Досега тоа знаеја да го употребуваат така што ќе имаат корист едни од други, но сето тоа се промени последниве денови. Можеби се случило нешто што не знаеме. Никогаш не би помислил дека Ердоган ќе ги бомбардира силите на Асад. Во ИСИС има два милиони луѓе на стрелиште. На турската граница веќе побегнаа и чекаат 700 илјади. Натаму не тргнаа само војската на Асад и иранските трупи, руските специјалци и остатоците од Хезболах. Започна интерен конфликт на бројни сириски разузнавачки служби. Единствено што расте во тој вкрстен оган е бројот на тела. Се плашам од нова Сребреница, само десетпати поголема.

Што требаше да направи западот во сириската војна?

Невозможно е да се биде паметен после толку години. Сириската опозиција веќе долго не постои. Ги изгуби и политичкиот конфликт и војната, не беше обединета ниту имаше контакт со теренот. Луѓето со години беа препуштени на себеси. Мислам дека интервенција не би решила ништо. Ние на Балканот знаеме дека од почетокот на деведесеттите останавме без Обединетите нации. Советот за безбедност постојано е блокиран, од САД или Русија или Кина. Невозможно е на меѓународно ниво да се интервенира во конфликти, особено после катастрофата во Либија. Тоа беше последната акција на ОН, чија резолуција ја искористи НАТО за да го сруши режимот на Гадафи, што никогаш не беше дел од мандатот. Оттогаш во светот нема никој кој би бил компетентен и ополномоштен за да реагира. Сите водачи и диктатори тоа добро го знаат така што се наоѓаме на отворен пазар: денешниот свет е слободен пазар за какво било насилство. Може да се каже дека тоа е последниот степен на неолиберализмот: отсуство на некаква регулација и во полето на меѓународната политика, па посилните секогаш и секаде добиваат сѐ.

Во тој контекст, како го коментирате „мировниот план“ на Трамп за израелско-палестинскиот конфликт?

„Deal of the century“ е најрадикален случај за она што го зборувам. Советникот и зет на Трамп, Џаред Кушнер јасно кажа: „Сега сме во 2020 и сѐ пред тоа не постои.“ Тоа е комплетна елиминација не само на историјата туку и на сегашноста. Со тој deal Палестинците го губат последното што им преостана, а тоа е надежта. Сѐ друго изгубија претходно, а немаат ни сила ни емоции за трета интифада. Како народ се поразени и елминирани од историјата. Не знам дали постои сличен пример во модерната историја. На почетокот од деведесеттите постоеше илузија за мир, која падна заедно со Јицак Рабин. Сѐ што беше претходно беше низбрдо.

Која ситуација би ја издвоиле како најпотресна во вашата репортерската кариера која трае повеќе од две децении?

Најлошо беше цунамито во југоисточна Азија 2004 година. Во војна секогаш можеш да обвиниш некого, но тоа е невозможно со природните катастрофи. Фотографот Јуре Ержен и јас бевме во индонезискиот Банда Ацех, каде погинаа 180 000 луѓе. Стоевме покрај масовна гробница со 20 илјади тела. Телата заради гасовите испуштаа звуци. Тоа беше хорор. Истовремено, никогаш не сум видел луѓето толку брзо да продолжат со животот, иако ги изгубија не само домовите и семејствата туку беа збришани цели заедници. Мене, што имам западно разбирање на нештата, ме запрепасти како е можно така да се измами смртта и да се оди понатаму. Во војните гледав многу такви индивидуални примери. Но кога станува збор за колективи, ова беше најмоќното искуството во животот.

11.02.2020

Извор: https://www.portalnovosti.com