За повраќањето од морална дразба

21.02.2020 16:27
За повраќањето од морална дразба

Самиот концепт на демократијата се темели на претпоставката дека хомо сапиенсот во нормални околности ги има сите потребни интелектуални алатки да ја согледа реалноста, да го препознае решението за својот егзистенцијален проблем и да донесе рационална одлука, односно да го избере вистинскиот пат. Се разбира, на ниво на општествената реалност, за да може да ја реализира својата волја, тој треба да живее во слободно општество, со институции што ќе ги обезбедат сите услови за оваа сложена операција да биде можна.

На уште пофундаментално ниво излегува дека концептот на демократијата е можен доколку самиот чин на изборот е веродостоен, а тоа е можно само ако е исполнето својството што човештвото унисоно смета дека е дистинктивно за нашиот вид. Тоа е својството што го разликува од сите други живи суштества, та послужи дури и за негово самоименување во биолошката наука, имено, дека тој е sapiens, што на латински значи паметен, мудар и разумен.

Како функционира нашиот мозок

Но минатиот век обезбеди неброено многу докази дека луѓето, покрај паметта – дури и сосема независно од степенот на образованието и развиеноста и префинетоста на културата – и како поединци, а особено како големи групи или милионски нации, донесоа одлуки што не можат да се наречат никако поинаку освен малоумни. Да, целиот дваесетти век – па и двете децении од 21-от – се полни со ужасни одлуки што потоа имаа уништувачки последици и на човештвото му нанесоа невидени зла и несреќа што се платени со многу повеќе од двестоте милиони преброени човечки жртви. Па, како тоа векот на најголемиот процут на науките, образованието, културата и демократските институции, воедно да е и најкрвавиот во историјата? Очигледно дека во човечкото однесување исто колку и разумот – ако не и многу повеќе – учествуваат и ирационални сили и чинители, коишто по својата природа се на обратната страна од разумот, на темната страна од нашиот мозок, онаа што како и месечината никогаш не е помилувана од светлото на нашата свест. Како тогаш слободните демократски избори можеме да ги сметаме за разумен и кредибилен процес, кога немаме ни поим ниту контрола над способноста на човечкиот мозок да донесува исправни и рационални одлуки што се темелат на реални факти? Но, јас пребрзав со прашањето, пред да споделам некои важни научни факти.

Невробиологијата во последниве години направи неверојатни пробиви во областа на биологијата на однесувањето, а слушањето на предавањата на професорот Роберт Саполски од Стенфорд универзитетот можат да нè уведат прекутрупа во некои шокантни факти за тоа како нашиот мозок функционира кога ги прави егзистенцијално важните проценки и кога донесува одлуки. Експериментов што ќе ви го раскажам е буквално главоразнесувачки: поголема група студенти доброволци е избрана да учествува во експериментот од бихевиоралната биологија, при што на сите им било закажано различно време кога треба да се јават во лабораторијата. Секој испитаник бил упатен на лифтот со кој ќе се качел на потребниот кат и – се разбира – никому не му било кажано дека експериментот ќе се случи во лифтот, а не горе, во лабораторијата. Елем, секој доброволец во лифтот затекнувал човек што со мака во двете раце едвај додржувал куп папки и хартии, кој згора на тоа со прстите држел и пластична чаша со пијалок. Кога ќе тргнел лифтот, човекот го замолувал љубезно секој учесник во експериментот да му ја придржи чашата некој спрат, што се разбира никој од доброволците не одбил и му го придржувал пијалокот на кутриот натоварен до неговото излегување од лифтот. Кога потоа ќе се сретнеле со професорот што требал да ги воведе во експериментот, тие биле прашани неколку лесни прашања – кои, инаку, немале никакво значење – и кога изгледало дека интервјуто завршило, ги прашале дали се сеќаваат на човекот од лифтот и каква е нивната проценка: дали човекот бил со топол и пријателски, или студен и одбивен карактер. А, заборавив да ви кажам дека на половината доброволци во лифтот им била подадена чаша со топол напиток, а на другата половина со леден. И, што мислите, каков бил одговорот? Безмалку сите што придржувале топла чаша, процениле дека сопатникот во лифтот бил човек со „топoл“ карактер, додека оние што држеле ледена чаша го оцениле странецот како „ладен“ и зол тип!?

Еволуциски аргументи

Експериментот е повторуван и секогаш непогрешно покажувал дека нашиот мозок – глорификуваниот мозок на хомосапиенсот – доследно и „непогрешно“ греши, и дека сосема малоумно ги ползува податоците од сетилото за допир, и за ладно и топло, кога врши проценки на човечки однесувања и карактери, проценки коишто и еволуциски и егзистенцијално се најважни за човековото преживување во социјални опкружувања. Оваа грешка во самата биологијата на мозочниот процес на одлучување Саполски ја објаснува со еволуциски аргументи: хомосапиенсот почнал да ги развива посложените јазични системи на комуникација и мисла пред само четириесетина илјади години кога најверојатно – по грешка на природата – почнал да ги измислува зборовите, нивното симболично значење, метафорите и другите чуда на јазикот и мислата. Но, бидејќи оваа лингвистичка револуција се одвивала со темпото на културните менувања, значи секавично во однос на биолошката еволуција, на која ѝ требаат стотици илјади и милиони години, мозокот морал да ги ангажира оние свои делови што веќе ги имал. Поради тоа, ние и денес ги активираме деловите од мозокот, задолжени за топло и ладно секогаш кога ќе помислиме – а не само кога ќе допреме – на топло и ладно, та дури и кога треба да ја употребиме и метафората „топол“ за описот на нечиј карактер. А, кога ќе речеме дека од некоја постапка или неморален чин ни се повраќа, центарот за повраќање во нашиот мозок непогрешно се активира и неретко на чисто морална „дразба“ го активира антиперисталтичкиот рефлекс – кој постои за да го заштити видот од внес на отровни и штетни материи. Главораспрснувачко сознание, нели, почитувани читатели?

И, што би била поуката од оваа невробиолошка епифанија? Не им верувајте во предизборието на зборовите, туку на своите рефлекси. Доколку ви се приповраќа од споменот на вемерето, вие сте на вистинската страна на доброто и злото, но доколку ви се приповраќа на помин низ „Скопје 2014“, тоа е зашто се активирала вистинската биолошка функција на центарот за повраќање – зашто сте внеле отровна фашистичка супстанција директно во организмот!

Слики: Ana Yael

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото