Зошто нашиот мозок го сака Инстаграм?

22.02.2020 10:45
Зошто нашиот мозок го сака Инстаграм?

Викторија ван Вајоленс на Инстаграм ја следат повеќе од 200 илјади луѓе. Ги гледаат нејзините убави фотографии од плажи, различни фестивали, од нејзиниот дом и кучето. Но покрај фотографиите со најмногу лајкови често може да се прочитаат придружни текстови кои не се вклопуват во совршениот свет на Инстаграм, како на пример: „Секој има фаза кога навистина се чувствува грозно, н за тоа едноставно не зборуваме. Негативните чувства, неуспесите, разделувањата, губењето работа...Тоа во нашето општество се смета за маана. Но, сето тоа е нормално“.

Инфлуенсерката чиешто вистинско име е Викторија Милер, редовно оди на психотерапија.Пред неколку години морала да ја преброди депресијата. „Постојано високото ниво на стрес, така наречен „burn out“ синдром е познат во многу професии“, вели таа. Истовремено, на Инстаграм директното споредување со другите е нон – стоп присутно, не само според бројот на лајкови или следбеници. „Другите имаат поинтересен, подобар живот...Во сите можни области на животот на човек може да му оди полошо отколку на другите“, вели Викторија Милер.

Веќе извесно време таа се занимава со важни и сериозни теми, како заштитата на животната средина, климатските промени, говорот на омраза на интернет или менталното здравје. Нејзините следбеници на социјалните мрежи тоа добро го прифатиле. Сепак, мнозинството профили на Инстаграм и понатаму нудат „совршен свет“. Фотошопот и пластичните операции се дел од светот на инфлуенсерите и корисниците. Таа платформа секојдневно ја користат повеќе од 500 милиони луѓе, толку жители има Европската унија.

Како храна, пиење, секс...

Зошто на луѓето им е толку фасцинантна таа платформа? Што се случува во мозокот кога ја користиме? „Ние сме социјални суштества. Уште во камено доба полесно било да се преживее во група“, вели Дар Меши, невролог од државнито универзитет Мичиген. ТОј е првиот научник во светот кој корисниците на социјалните мрежи ги проучувал со магнетна резонанца, на Слободниот универзитет во Берлин.

Скенерот на мозокот покажал кои делови на мозокот се активни кога нешто ќе поставиме на мрежите, кој дел кога ќе притиснеме „лајк“. Секоја од тие акции што ги правиме на мрежите предизвикува реакција во мозочниот центар за наградување, тнр. вентрал стриатум. Инаку, тој дел на мозокот е активен кога се работи за јадење, секс, пиење или пари. Или кога се користи дрога.

На социјалните мрежи лесно е да се активира тој „центар за награди“. Во тек на 24 часа, човек може да се поврзе со стотици или илјадници луѓе, а притоа да не мора да стане од својата фотелја. Научникот Дари Меши не сака да го користи зборот „зависност“, според него, тоа е премногу силен збор. Сепак, наведува научни студии и случаи кои покажуваат дека луѓето полошо спиеле, имале полоши оценки или дури ја губеле работата затоа што не можеле да се одвојат од социјалните мрежи.

Митот за допаминот

Допаминот е трансмитер во мозокот кој често се доведува во врска со социјалните мрежи. Експериментите со пари покажале дека тој се лачи тогаш кога човек се надева на успех. Истражувачите на тој начин објаснуваат зошто луѓето продолжуваат да висат на автоматите за игри на среќа или зошто постојано ги проверуваат своите апликации.

Сепак, истражувачот Меши не може да потврди дека допаминот и употребата на социјалните мрежи се поврзани, но и тој претпоставува дека надежта што го активира центарот за наградување во мозокот ги прави социјалните мрежи толку атрактивни.

Нашиот мозочен центар за наградување не се активира само кога добиваме лајкови. Тој е активен и кога ние ги лајкуваме сликите на другите или кога едноставно од љубопитност ќе погледнеме што прават нашите пријатели. Меши тоа го објаснува со фактот дека статусот во групата ни е многу важен и дека сакаме „другите да нè сакаат“.

Постојано споредување со другите

Професорката по медиумска етика, Петра Грим, исто така се прашува дали поривот меѓусебно да се споредуваме е вроден или културолошки условен. На платформите како Инстаграм луѓето постојано меѓусебно се споредуваат. „Станува проблематично кога споредувањето доведува до девалвација или означување на супериорност“, вели таа.

Постојаното споредување може да ги спречи младите луѓе да се откриваат и запознаваат самите себе. „Кога ги следам инфлуенсерите за да се ориентирам споед нив, на пример, што да облечам, што да конзумирам и како би требало да живеам, а истовремено се трудам да бидам единствена, тешко можам да се концентрирам на тоа кои се всушност моите искрени желби“.

Нова визија на светот на социјалните мрежи

Кој би требало да ја сноси одговорноста за менталното здравје на корисниците на социјалните мрежи? Таквите платформи имаат интерес да ги задржат корисниците колку што е можно подолго на нивните телефони, затоа што така заработуваат пари. Петра Грим тврди дека, според тоа, одговорни се интернет платформите. И притоа вели дека би било наивно да се очекува дека тие саите нешто ќе променат и со тоа ќе си го загорзат својот модел на заработување.

Таа нуди поинаква визија: „Мора да постои јавно – правен модел, најдобро на ниво на целата ЕУ. Платформа која би ги штитела податоците, приватноста и менталното здравје на корисниците. Не е можно дека сме немоќно препуштени на американските играчи да расправаат за правилата“. Според Грим, би можеле да се придобијат инфуенсери кои би биле активни на нова, побебедна платформа со јасни правила.

А инфлуенсерите?

Инфлуенсерката Викторија ван Вајоленс вели дека на Инстаграм најмногу ѝ пречат несигурните алгоритми. Имено, апликацијата константно се менува. „Фрустрирачки е кога заради нов алгоритам, на луѓето воопшто не им се покажуваат моите фотографии“.

Оваа триесетгодишна жена е сигурна дека платформата ќе се промени, а со тоа и самата професија на инфлунсерите. Денес, на Фејсбук речиси ниту еден инфлуенсер не е толку активен како на Инстаграм.

Кога станува збор за одговорноста, таа мисли дека одговорни се инфлуенсерите. „Луѓето што произведуваат содржина во професионална рамка, мора да бидат потранспарентни“, нагласува додека коментира колку многу содржини на Инстаграм се чиста лага односно „фејк“

Што е добро за мене?

Петра Грим смета дека најголеми можности за промена постојат во училиштата: „таму постои огромна потреба од превентивна работа“. Од една страна, наставниците треба да ги објаснуваат стратегиите на концерните што се сопственици на социјалните мрежи. Учениците би морале да имаат повеќе можности да разговараат за тоа, да разменуваат мислења околу тоа што им прави користењето на социјалните мрежи. Важно е секој да може да ја пронајде рамнотежата за да точно знае што е добро за него.

Ван Вајоленс, која заради работата секојдневно поминува два до шест часа на Инстаграм, во деновите кога не се чувствува толку добро, свесно поминува помалку време на платформата, а повеќе со семејството и пријателите. „Свесна сум дека сето тоа на Интернет не реално. Денес илјадници луѓе ви кажуваат дека сте одлична, а утре може да биде сосема обратно. Ако во вистинскиот свет немате стабилна мрежа луѓе – тогаш немате ништо“. Затоа оваа инфуенсерка смета дека нејзината хонорарна работа како радио водителка е многу поодржлива.

Ниту Петра Грим, ниту Викторија ван Вајоленс, или Дар Меши не ги оцрнуваат социјалните мрежи. Велат дека тоа е специфичен начин за поврзување со другите луѓе. „Можам да добијам или да споделам информации на неконвенционален начин и да учам од многу различни луѓе“, вели Ван Вајоленс и додава: „Социјалните медиуми се местото кое самите можете да го осмислите. Ако луѓето што ги следам ми прават лошо да се чувствувам, не би требало повеќе да ги следам“.

Извор: Дојче веле на српски јазик