ЕУ река (40): Судењето на вештерките во Европа најдолго се задржало во Хрватска

22.02.2020 11:49
ЕУ река (40): Судењето на вештерките во Европа најдолго се задржало во Хрватска

Денот пред прославата на свети Никола во далечната 1484 година, бил, како што ќе се покаже, кобен за небројните жени кои со векови гореле на клада ширум светот. Папата Иноцент VIII на денешен датум ја објавил булата Summis desiderantes affectibus. Носењето на тој документ се смета за решавачки момент во женската историја бидејќи цивилните законски прогони на жените се темелат токму на него.

Оваа приказна, како и секоја друга, си има свој поширок контекст. Имено, Црквата, иако отсекогаш ги осудувала вештерството и магијата, остро го осудувала убивањето на вештерките, што е докажано со бројни историски докази.
Ситуацијата се променила со Инквизицијата, најмрачното од сите движења во историјата на човештвото. Да биде работата посмешна, оваа номинално верска институција воопшто немала добронамерни мотиви. Нејзината единствена цел била зацврстувањето на позицијата на моќ на Црквата додека самите инквизитори неретко својата позиција ја користеле за лични цели.

Булата што ја споменавме на почетокот е можеби најдобриот доказ за тоа. Германскиот доминикански инквизитор Хајнрих Крамер бил незадоволен од надлежностите што ги имал. Мака мачел со стразбуршкиот бискуп кој постојано му ја поткопувал позицијата. Не му дозволувал фанатички да дивее со својата омраза кон жените што ја завиткал во борба против магијата. Бидејќи, иако теоретски, со магија можеле да се бават и мажи, факт е дека на клада, благодарение на споменатиот женомразец, умирале жени. Речиси исклучиво.


Иако папата им дал на инквизиторите поголеми надлежности, принудувајќи го целата клер да соработува со нив, булата сепак не минала според плановите на малодушниот доминиканец. Огорчен поради премалиот број жртви се повлекол во осама и напишал бестселер – еден од најпродаваните во историјата. Според бројот на изданија го надминува само Библијата. Се работи за кодекс со зловесен латински наслов „Malleus Maleficarum“ или, кај нас попознат под името Вештерски чекан. Се состоел од неверојатни 800 страници, а сите до една биле посветени на небројните начини за мачење жени. Многумина би се сложиле дека тоа е првиот пример за садистичка книжевност од која не би се засрамил ни познатиот Маркиз де Сад, според кој љубовта кон мачењето и го добила своето име.

Сѐ на сѐ, каква врска има ова со Хрватска? Доволно е да се знае дека праксата на мачење и спалување вештерки токму во Хрватска се задржала најдолго од цела Европа. Додека остатокот од цивилизираниот свет се вртел кон науката и одамна ги напуштил варварските пракси на мачење на жените поради безумни празноверни обвинувања, во Хрватска сѐ уште се горело на клада како да сме си играле Лас Вегас. Што е уште полошо, со судење на вештерки веќе не се бавеле црковните луѓе, туку тие прогони се релоцирале во доменот на цивилниот правен систем.

Еве како отприлика изгледал еден таков типичен судски процес. Загрепските вештерки, според упатствата од Вештерскиот чекан биле измачувани со притискање и толчење на прстите, кршење на цеваниците и листовите, биле растегнувани на справи за мачење кои прво им ги исчашувале а потоа им ги кршеле зглобовите.

Потоа се преминувало на бодење како метода на истражување: на несреќниците им го бричеле целото тело а потоа насила барале ѓаволски печати по нив. Бидејќи во магиите многу се важни и половите органи, на тие делови од телото мачителите посветувале особено внимание па во нив туркале остри предмети, сѐ до целосно осакатување.

На крајот следела смртта на обвинетата – ако веќе не подлегнала на повредите, ја чекала грозна смрт во оган. Тоа на некој начин претставувал спас за телото од понатамошни болки и понижувања кои можеле да се споредат само со пеколни маки, а кои во случајот биле пропишани со закон.


„Кон некои биле милостиви - ако обвинетата жена сѐ веднаш признала, околу вратот би ѝ заврзувале вреќичка со барут за побрзо да изгори, а ако некоја сакале дополнително да ја измачуваат, ја палеле врз мокри дрва за огнот подолго да гори. Кладите најчесто ги палеле на загрепското Звездишче (денес, инаку, таму стои киното Тушканац).

А палежите биле вистински друштвен настан. Денот кога било закажувано погубувањето изгледал повеќе како прослава. Толпата доаѓала за да ја гледа претставата, имало таму и деца, и се пиел гвирц чекајќи вештерката со кола да ја довезат низ Месничка улица.

Последната вештерка мачена на подрачјето на Загреб, а воедно и во Европа, се викала Херуцина Магда Логомер и била процесуирана во 1758 година. Нејзината сосетка, некојаси Ева Облачиќ, ја обвинила „пред сведоци, дека била вознемирувана додека оваа имала грозница, летајќи околу нејзе претворена во мува“.

Наполу жена, наполу мува, вештерката Херуцина, измачена и истоштена, по доаѓањето во Виена, каде што, за да ја спаси, била директно повикана од царицата Марија Терезија, била сместена во болница и предадена на проучување на гласовитиот лекар Ван Свиетен.

За барем делумно да ја излечи Херуцина од тортурите на лекарот му требало многу време. Во опширниот извештај до варицата тој остро го осудил варварското мачење. Измачената и скршена Херуцина потоа била пуштена, а на банот му било упатено писмо во кое директно му наредиле да обезбеди за Херуцина „сигурен пат до дома и мирно опоравување“.

После настанов и острата реакција на Марија Терезија да се прекине со глупостите, процесите против вештерките изумреле, но никогаш не биле формално-правно укинати. Така законскиот член против вештерството уште еднаш бил употребен на почетокот на 20 век против еден лекар и теозоф кој ги довел во прашање божественото провидение и догмата на Римокатоличката црква.

Судбината на Херуцина била инспирација за писателката и новинарката Марија Јуриќ Загорка да го напише романот Гричката вештерка. Така Херуцина станала нејзината бесмртна хероина, Контесата Нера.

Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Гиф: Александар Јосифовски
Слики: Wikimedia Commons
Извор: Јутарњи лист (Загреб) 

ЕУ РЕКА (39): „Историјата е кошмар од кој се обидувам да се разбудам“

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото