Единствениот експеримент кој успеа да ги дискредитира модерните психијатри

24.02.2020 00:20
Единствениот експеримент кој успеа да ги дискредитира модерните психијатри

Дејвид Розенхан

Дејвид Розенхан со уште седум колеги и студенти, во периодот помеѓу 1969 и 1972 година, доброволно се пријавиле во осум различни психијатриски болници ширум САД тврдејќи му на дежурниот психијатар дека слушаат гласови. Лажните пациенти биле еден студент на постдипломски студии по психологија, три психолози, педијатар, молер, домаќинка и психијатар, како и самиот Дејвид Розенхан.

Се жалеле само на „гласовите што ги слушаат“. Сите биле примени и останале во болница помеѓу 9 и 52 дена, со дијагноза параноидна шизофренија. Кога влегле на одделението, продолжиле да се однесуваат нормално. И покрај тоа им биле препишувани лекови, а персоналот не им верувал кога кажувале дека им е подобро. Здравите биле отпуштени со дијагноза параноидна шизофренија во ремисија. На повеќето им било препорачано да продолжат да пијат лекови.

Розенхан и колегите кои учествувале во експериментот ова искуство го нарекле дехуманизирачко. Со нив не разговарале, дневно биле во контакт со лекарите и персоналот помалку од десет минути и речиси никој не ги посетувал.

Првото нешто што го забележале псевдопациентите било тоа што таму немало што да се прави и се обиделе своето време да го поминат во разговор со другите пациенти или персоналот.

Забележале и дека дневно во просек персоналот поминувал 6,5 минути со секој пациент. Кога некој од вработените ќе ги прашал како се чувствуваат, одговарале дека се чувствуваат добро и дека веќе ги немаат симптомите што ги имале претходно.

Исто така, според инструкциите на Розенхан секој ден воделе дневник за своите активности. На почетокот тоа го правеле сокриени од очите на персоналот и пациентите, меѓутоа кога согледале дека никој не обрнува внимание на тоа, својот дневник го воделе јавно, дури и во заедничкиот дневен престој каде биле со останатите пациенти. Персоналот го окарактеризирал нивното водење дневник како дел од нивното психичко пореметување. Единствените кои забележале дека нешто не е како што треба биле „вистинските“ пациенти. Некои дури тврделе дека псевдопациентите се новинари или професори кои ја контролираат работата на болницата. Зборувале: „Што правите вие тука? Вие не сте болни, вие сте добро!“

Волонтерите во болницата не биле присутни само неколку часови или неколку денови, туку сѐ до моментот кога докторите не им дозволиле да си одат. Еден од нив оваа ситуација подоцна ја опишал на следниот начин: „Им реков на пријателите и семејството: ќе излезам кога ќе излезам. Ќе бидам таму неколку дена и ќе си дојдам дома. Никој не ни сонувал дека ќе остане речиси два месеци. Единствен начин да излезеш е да им кажеш дека се во право. Реков дека сум луд. ’Луд сум, но подобро ми е’, реков“. Во сите установи едвај имаше некаков интерперсонален контакт на пациентите со персоналот, тие поголемиот дел од времето го поминувале во посебни простории оградени со стакло, кои псевдопациентите подоцна ги нарекле „кафези“.

Здрави со дијагноза шизофренија

Во просек таму биле 19 дена. Розенхан во болница поминал малку повеќе од два месеци додека не му било дозволено да си оди. Изјавил дека единствен начин да се излезе од психијатриска болница е да кажете дека сте луди, но дека сега ви е подобро.

Седуммина од нив биле отпуштени со дијагноза дека се шизофреничари (поточно: шизофренија во ремисија), а една личност со дијагноза биполарно нарушување. Персоналот не открил дека некој од нив е лажен пациент.

По објавувањето на резултатите во списанието „Science“ во јануари 1973 година, со наслов „Да се биде здрав на нездрави места“ избил скандал. Розенхан тврдел дека психијатриските болници се складишта за луѓе кои никој не ги сака и никој не ги разбира, и дека лекарите и персоналот не смеат да заборават дека нивните пациенти не се само збир на симптоми туку несреќни човечки битија.

Вториот дел од експериментот

Бидејќи стручните кругови сега веќе знаеле за првиот експеримент на Розенхан и неговата таканаречена „измама“, овој ценет научник одлучил да контактира една мошне угледна клиничко-истражувачка установа и ги замолил да учествуваат во вториот дел од неговиот експеримент.

За овој експеримент, Розенхан ја искористил познатата психијатриска болница во која се спроведувале обуки за студенти по психијатрија и усовршување психијатри со завидно искуство. По објавувањето на резултатите од првиот експеримент, болницата тврдела дека тоа кај нив не би можело да се случи никогаш.

Со управата од болницата било договорено во период од три месеци Розенхан да испрати нови пациенти, а на крајот болницата ќе објави список со оние кои ги откриле.

На крајот од периодот болницата соопштила дека од 193 лица кои се обратиле за помош откриле 41 „натрапник“, и дека се сомневаат на дополнителни 42 - иако Розенхан не испратил ниту еден лажен пациент. Сите одбиени луѓе биле вистински пациенти.

Овој дел од експериментот станал темел за сите критики на модерната психијатрија; вовел многу револуционерни промени во работата на овие установи.

Извор: https://noizz.rs

ОкоБоли главаВицФото