Експоненцијалната крива на нашата глупост

24.02.2020 12:14
Експоненцијалната крива на нашата глупост

 

Термитите, тие дробни полупровидни инсекти, неколку милиметри долги, со толку нежна обвивка што се оштетува на сонце и по неколку минути изложеност, отсекогаш беа – и сè уште се – вистинска енигма за човекот. Можеби поубедливо од кој и да е друг вид социјални животни, овие нежни и безначајни индивидуи, кога дејствуваат во групи од по еден милион или два (колку што има термити во еден пристоен термитник), ја докажуваат моќта и интелигенцијата на колективот. Тие се највештите градители на планетата, а нивните термитници се чудо од градби што се издигаат и по четири метри над земјата. Овие хабитати, според своите енергетски, климатски и градителски карактеристики, се многу попрефинети и посовршени од градителските достигањата на хомосапиенсот.

Архитектурата на термитниците мора да ја заштити термитската популација и целиот нивен животен циклус од надворешните високи температури, така што сите термитници се во оската север – југ тесни како сечило, а по неколку метри широки по оската исток – запад. При што, ориентацијата на овие оски е точна не во степен, туку во минута од аголот. Потоа, градбата треба да обезбеди висока, речиси стонастотна, влажност во илјадниците ходници и комори на термитникот, а воедно и проветрување на тесните канали, кое е практично невозможно ниту да се замисли со нашето инженерско знаење.

Термитски суперград

Каде е сместен „планот“ на овој термитски суперград? И како се активира оваа колективна интелигенција, кога е повеќепати со експеримент потврдено дека поединечните термити се не само беспомошни, туку и без каква и да е градителска идеја, иницијатива или архитектонски план?

Еден научник испитувал колкав е точниот број на термити потребен за да почне да дејствува оваа колективна градителска активност. Тој преместувал од голем термитник единки во експериментален сад со земја. Пуштените термити се маткале бесмислено во некакво неодредено брауново движење, како да се честички прашина во воздухот. Додавајќи единка по единка, нивната бројка не го менувала дезориентираното однесување сè додека бројот не стасал до две дузини, кога групата почнувала да дејствува организирано и да гради термитник. Фасцинантно!

Не сум сигурен во експериментот, но сигурно е дека термитите се само еден од повеќето социјални животински видови што го докажуваат еволуциското правило дека зголемувањето на бројката на единки ја зголемува „колективната интелигенција“ и постигањата на групата. Ова практично важи за сите социјални животни освен за една – за човекот. За нас сапиенсите може дури да се рече дека важи сосем обратното: колку е човечката групација поголема, толку е колективната глупавост поизразена. На оваа пропорција може да ѝ се додаде и уште една, дури и поконтроверзна: колку е пожива социјалната комуникација, толку е групата подалеку и од разумот и од веродостојната претстава за реалноста во којашто живее. Доказ?

Примерот на глобална глупавост

Однесувањето на човештвото во последните три децении нуди премногу цврсти докази за горнава теорија на колективната глупост. Да го земеме најочигледниот пример за нашата глобална глупавост – упропастувањето на екосистемот на планетата и уништувачките климатски промени. Научниците буквално врескаат за човековата одговорност за истребување на живиот свет на планетава и за климатските промени, и тоа уште од 80-тите години од минатиот век. Каков е одѕивот на глобалното човечко општество на укажувањето за јасните знаци на неодржливоста на капитализмот како глобална политичка религија и на начинот на функционирање на глобалната економија? Најглупав што е возможно и да се замисли: во последните триесет години, човештвото емитираше во атмосферата повеќе јаглерод диоксид отколку што тоа го направи за претходните два века индустриска револуција.

Колку што е пострмна кривата на растечките девастирачки последици во природата и климата на целата планета, толку поупорно сапиенсот се држи за капиталистичката темелна мантра за бесконечниот економски и материјален раст. Колку што се намалуваат природните ресурси, толку – и уште повеќе – се зголемуваат апсолутните глобални бројки на производство, потрошувачка, транспорт, загадување, емитирање CO2, дефорестизација и истребување на живите видови. Стануваме галактички ударници во нашата планетарна глупавост и кретенизам. Правопропорционалниот однос помеѓу вкупната човечка популација, уништувачките последици по живиот свет на планетата и колективната глупавост на сапиенсот е, за жал, премногу очигледен!

Нацртајте си ја, почитувани читатели, на детска тетратка со квадратна шрафура, демек „на коцки“, хиперболичната крива на растот на човечката популација. Пред 12.000 години бевме 4 милиони, „нултата“ година се качивме на околу 190 милиони, дури 1800 година станавме милијарда, 1960 – три милијарди, 2000 година се дуплиравме на шест, а оваа 2020-та ќе бидеме и повеќе од 8 милијарди. Пронајдете ја кривата на зголемувањето на јаглерод диоксид во истиов период од 12.000 години: постои апсолутно точен запис за тоа, што научниците го извадија од ледниците. Преку овие две криви – што перфектно се совпаѓаат – споредете ги и графиците на темпото на уништување на шумите, живите видови и други херојски резултати на глобалниот капитализам и човечка ингениозност. Ќе добиете една единствена, како јаже за бесење дебело исплетена, експоненцијална крива што беспоговорно ја репрезентира колективната глупавост на видот, што себеси арогантно и нарцистички се нарекол сапиенс!

Вие веќе забележавте дека мислата неконтролирано ме однесе во несакан правец, во негирање на мојата често аргументирана теза дека за кретенизацијата на македонското општество е најодговорна вмро-дпмне и никој друг. И дека сега, со правата пропорција помеѓу бројот и колективната глупавост на групата, практично ја поткопав врската на вемерето со нашето експоненцијално глупавеење. Но случајот е токму обратен: бидејќи нашата популација се намалува како што расте нашата институционална и општа глупавост, ете доказ дека „во игра“ е многу посилен, преродбеничко-фашистички фактор на заглупавување отколку што е тоа бројот на луѓето. Quod erat demonstrandum!


Слики: PIRARO
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото