Почина пејачот Ѓорѓи Желчески, дел од дуото Селимова - Желчески

24.02.2020 17:43
Почина пејачот Ѓорѓи Желчески, дел од дуото Селимова - Желчески

Познатиот пејач на народна музика Ѓорѓи Желчески почина во Белград на 82 години. Тој се прослави како дел од дуото Селимова-Желчески, откако во текот на долгогодишната кариера најчесто настапуваше заедно со својата сопруга Кевсер Селимова.

Желчески е роден во Прилеп во 1938 година, но најголемиот дел од животот го поминал во Белград.

Идната сопруга Кевсер Селимова, која потекнува од Ресен, ја запознал на концерт во Титово Ужице во 1959 година, а музичкото партнерство го почнале две години подоцна. Ова на Желчески му отворило врати за нови ангажмани во Белград, каде што потоа и се преселил.

Желчески и Селимова беа еден од најпознатите музички тандеми во поранешна Југославија, се венчаа во 1978 година. Дуетот Селимова-Желчески е најпознат по нивната изведба на народните песни: „Елено, ќерко“, „Бело лице љубам јас“, „Брала мома капини“ и други.

Во 2013 година, во Домот на АРМ во Скопје одржаа концерт по повод 50 години заедничко творештво. Во 2016 година добија и Златна Бубамара за животно дело.