ЕУ река (41): Митот за силувањето

24.02.2020 23:21
ЕУ река (41): Митот за силувањето

Со митот за Европа има потешкотии. Меѓу литерарните фрагменти што ги откривале, дешифрирале и толкувале јазичарите, имало такви кои наведувале одредени научници на помислата дека тој мит изворно можеби воопшто не бил грчки. Но, да земеме дека бил, што претставувало преовладувачко мислење. Меѓутоа, потешкотиите не биле отстранети со тоа. Имено, митот зборува за тоа како врховниот грчки бог, претворен во преубав бел бик, ја зграбил исто толку преубавата феникијска принцеза Европа и на својот грб преку морето ја пренел на Крит. Според неа нашиот дел од светот го добил името Европа (како што читаме кај римските поети кои, кога Римјаните ги освоиле Грците, сакале да ги обработуваат нивните митови).

Во што бил проблемот? Во тоа дека Европа била Феникијка, дека имала семитско потекло. Европската свест во 19-иот век била веќе доволно развиена и не можела да прифати дека нашата митска мајка е со семитска крв. И цели генерации европски академици напорно работеле за да ја измијат таа семитска дамка од нашите извори. Слично неприфатлива била и мислата дека братот на Европа, Кадмо, кој тргнал да ја бара и притоа стигнал до Грција, со себе го донел писмото. Нашата европска култура не можела да има семитско потекло! Дотолку повеќе, Кадмо се населил во Грција.

Историчарите кои митовите ги читале како шифрирани историски факти не можеле да го избегнат заклучокот дека митот за Европа зборува за феникијската колонизација на Грција. Како во златното доба на европскиот колонијализам да ја прифатиме приказната дека нашата колевка била колонија – и притоа, уште и семитска? На тој начин научниците имале доста работа со обработката на нашата историја и втемелувачкиот мит.

Германците, кои се најтемелни при чистењето на нашите грчки извори, кон средината на првата половина од минатиот век без никаква совест можеле да се сметаат за современи Грци, наследници на античка Грција, чувари на нашите извори. Нема ништо чудно во тоа што една од програмските цели на нацистите била токму преродбата, повторното раѓање на Европа, Neugeburt Europas.

Непосредно важен за нашата денешна Европа е вториот аспект на митот за Европа: тоа дека нашиот втемелувачки мит е всушност мит за силувањето. Кога Зевс со Европа на грбот допливал до Крит, презел човечки облик и ја силувал. Само еден средновековен христијански коментатор замислувал дека бог ја силувал Европа како бик.

Поинтересна од оваа сексуална фантазија е теолошката. Подоцна во средниот век се нашол коментатор, се разбира, христијански, кој Европа ја сметал за алегорија за душата, а Зевс во облик на бик го претворил во Исус, божјиот син, кој исто така презел телесен облик за да престојува меѓу нас на овој свет и да ни ги спаси душите. Па, како што Европа морала да го следи Зевс, така нашата душа мора да го следи Исус и да се придржува кон него како кон многу цврста потпора. (Во античките прикази на митот Европа со раката цврсто се држела за биковиот рог.) Она што старите Грци го нарекувале „свето венчање“, средновековните христијани го протолкувале во приказ на спасението. Но со тоа не им дошол крајот на интересните и симболични интерпретации.

Герхардус Меркатор, големиот фламански картограф, кој живеел во периодот кога Европа станала политичка заедница, кога станала „нашата мајка“, Европејците не ги поистоветувал со феникијската принцеза, туку ги идентификувал со бикот кој ја грабнал. Тој бик, запишал, добро ги инкарнира „наравот и природата“ на Европејците. Тој е „храбар, дрзок, украсен со рогови, има бела боја, широко грло, дебел врат, ухранет е; многу е издржлив, но ако дојде во допир со спротивниот пол, се разгорува, а потоа повторно е мирен и умерен. Таква е природата на Европејците“. Ако нашиот втемелувачки мит е всушност мит за силувањето, разбирливо е дека порано или подоцна доаѓаме до тоа да се поистоветуваме со напасникот.

За да не го поедноставиме премногу односот на Европа кон Грција, треба да воведеме уште еден историско-културен елемент. Кога Европа се појавува како географски поим во една од химните на Хесиод, тоа име означува дел од континенталната грчка територија. Во подоцнежните извори Европа е и ознака за еден од двата или трите континенти што ги познавале Грците, но најчесто настапува како име за делови од Грција и денешен Балкан.

Кога станува збор за историографските и политичките извори, името Европа по правило го употребуваме во второто значење. Изворно (ако веќе зборуваме за изворите), Европа била дел од Балканскиот полуостров. Името во IV век почнале да го присвојуваат апологетите на христијанизацијата на денешна Франција, а потоа апологетите на Kаролинското царство. Името овде го изгубило своето грчко значење и почнало да ги означува северозападните области од денешна Европа кои, поради црковната политика, стануваат сè понепријателски кон Грците.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Слика: Nicolò und Giovanni, Страшниот суд, Ватикан
Извор: Томаж Мастнак - Европа: историја политичког појма (Београд, 2007) 

ЕУ река (40): Судењето на вештерките во Европа најдолго се задржало во Хрватска

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото