Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (7)

25.02.2020 15:54
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (7)

 

„Како избравме американски претседател“, Александар Сашко Кукулев, „Полица“

Апликацијата од мобилниот телефон на Јуриј пиштеше без престан.@Ања2311 - AdSensе одобрен, ни треба дополнителна поддршка за Дизни. Иако есента во ова тмурно предградие беше многу пожолта од сите други географски широчини и должини на светот, сепак во себе носеше некоја волшебна меланхолична магија од која извираа некој чуден спокој и мотивирачка смиреност. Пладнињата на местата како ова во кое отседна Јуриј речиси и не постојат. Овде постојат само зајдисонца што завршуваат со нови зајдисонца, кои доаѓаат како мугра на претходните самраци.

Меаната на Гаврош беше единственот светилник и своевиден паралелен универзум на општествената зачмаеност на предградието. Поминаа веќе неколку дена откако Бошко возбудено се зафати со инспиративната можност да дојде до пари, без да одгледува тутун на неродната земја во заборавеното предградие на Велес. Брзата „популарност“ на неговата веб-страница овозможи во сосема кус период на неговата девизна сметка да пристигнат 300 евра, кои за него беа отелотворување на чудото, за кое се уште не веруваше дека воопшто се случило. Предградието е место во кое се се знае, а секоја тајна има рок на траење од неколку минути. Прогресијата на вистината за парите што пристигнаа на сметката на Бошко веќе беше настан за кој знаеше буквално секој жител на ова тмурно и здодевно место. Како што тоа обично бидува во малите средини слични на оваа, преку ноќ Бошко стана локален јунак, особено пожелен за дружба, во надеж дека ќе ја „каже“ тајната за тоа како доаѓаат пари на девизна сметка без притоа да се одгледува тутун. Почнувајќи од помалиот брат Игор, преку братучедите „што знаат англиски“, како основен квалификатив за интензивна дружба со Бошко, неколку поранешни соученици и маалски другари, веќе го сочинуваа овој возбуден и свечен ескадрон од виртуелни воини, кои испивајќи по чашка блуткава ракија во меаната на Гаврош, нестрпливо го очекуваа „човекот“ со кого треба да ги запознае Бошко.

Јуриј влезе во кафеаната истресувајќи ги капките дожд од својата куса кожена јакна, која, за среќа, успеваше да го апсорбира здодевното есенско студенило на предградието. Додека се приближуваше кон масата на која Бошко и пријателите нестрпливо го очекуваа, Јуриј успеа да проникне во безнадежните зеници на очите од овие млади луѓе што од него очекуваа спас. Приближувајќи се, ја почувствува онаа потреба од макар една секунда заборавен авторитет по која копнееја овие деца, борејќи се со мислата дали да станат од своите столчиња, како пред професор, за да му укажат дополнителна почит, тука во кафеаната на Гаврош.



„Правта на библиотеките“, Митко Маџунков, „Три“

Повеќето се полакомија, водени од љубопитност без користољубие, а секој има омразена лектира. Птоломеј само си ги гледаше. Во времето кога тој учеше во Пирот, на крајот од секоја учебна година беше обичај да се искинат сите книги и тетратки и да се фрлат низ прозорецот во знак дека се совладани и заборавени.Сега мошне се изненади кога виде дека тој варварски обичај, што веќе беше исчезнал од светот, го прифатило подземјето. Речиси секој од присутните зеде нешто в рака за да ја испроба врелината на огнот и длабочината на Дупката за која свое мислење немаше само Рамадан. Претседателката Маска ги потсети дека, по успешната мала ноќна проба, сега требало да се испроба колку може да собере Дупката, а подоцна ќе се видело она другото и поважното - колку вреќи прав може да сомеле Воденицата до крајот на времето.

„Значи ли тоа дека вие не се шегувате и дека навистина сакате да палите и да мелете книги?“ рече Зу Ѕанѕара, еден од ретките што не фрли книга во огнот.

„О Обрвари лични Раменари“, завика тогаш претседателката Маска од Рамена, „пишувајте, но не верувајте дека на самоуправниот социјализам, роден во јајцето на Каканија, веќе му издишала левата гума. Собирот на работните луѓе и понатаму заседава. Чујте о почујте!Да нема забелешки на записникот? Или дневниот ред е грешен? Или заклучокот не е добро заклучен? Има ли нешто под Разно?“

„Ако ова што се случува е стварно“, рече Зу Ѕанѕара, „гледам дека од светот, од вашиот дел на светот, сте направиле циркус и лакрдија.“

„Слушај ти, Ѕанѕара Манѕара Данѕара“, му се врекна и истовремено му се опули Радаманта Маска Силногласка, „немој да мислиш дека вечно ќе те толерирам.Нели доброволно се согласи да го поделиш светот на книгите на она што ти треба и на она што не ти треба? Мислиш дека ти, библиотекарски молец, имаш право на свое мислење и да одлучуваш за доброто и злото, а на светот му го одземеш правото да рабoти што сака. Нели ти реков дека настапи нова ера, што ти си ја преспал, зашто уште не си слушнал за електронски изданија, а и тие се веќе избришани од дисковите на вселената. Дојде времето на наткнигата создадена од сомелениот и преобразениот дух на книгите. Верувам дека веќе разбра што значи огнот што гори под овој Казан, зашто тоа не е тешко, а и самиот си согласен дека без селекција светот ќе се претвори во ѓубриште. Но никогаш немој да помислиш дека ја разбра мудроста на Воденицата! Да не мислиш дека е таа местото каде што се мелат книгите за да се сотрат? Пишувајте, Раменари, тој така помисли, но не е така како што помисли тој, туку е онака како што ќе кажам јас - Воденицата е матката од која се раѓа новиот свет, а правта на библиотеките е мајата на тој нов свет!“

Кон Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (6)