ЕУ река (42): Брејвик убиваше за Европа

25.02.2020 22:59
ЕУ река (42): Брејвик убиваше за Европа

Брејвик убиваше за Европа и интелектуално го засноваше својот чин. Неговата идеја за Европа не е идеја која ја имаат сите Европејци, ама воопшто не е идеја која ја имаат малкумина. Тоа е популарна идеја, чии заговорници можеме да ги најдеме во европските политички, културни и образовни институции, а да не зборувам за светата црква. Всушност, тоа е идеја за која се чини дека има сè повеќе приврзаници и дека јавно сè помалку ѝ се спротиставуваме.

Интелектуалната основа на терористичкиот чин на Брејвик е нераздвоен дел од самиот тој чин. Можеме да се чудиме на ревноста со која ги исполнил стотиците страници на својот манифест. Таа ревност ја нема секој. Но сите имаме барем некоја од идеите кои Брејвик ги зеде за свои. Треба да се каже дека тие идеи Брејвик, на начинот на кој ги врзал заедно, не ги силувал. Повеќето идеи што тој ги прокнижи на своја сметка ги искажаа и запишаа луѓе кои имаа или сè уште имаат статус и углед во општеството. Тоа се идеи што ги искажуваа во училниците и предавалните, на собирите и политичките состаноци, во театрите и кино салите. Тоа се идеите кои ги печатеа во списанијата и книгите, а денес кружат и низ електронските медиуми. Накратко: тоа е нашата култура.

Да ја земеме изјавата на Брејвик која психијатрите ја толкуваа како еден од доказите за непресметливост, дека е „најсовршениот витез“ од сите витези кои живееле по Втората светска војна. Навистина, има тука одредено претерување, но Брејвик е витез, витез темплар, а се разбира дека витезите постојат да бидат совршени. Темпларите се стар христијански војнички ред кој постои и денес. Францускиот крал Филип IV ги обвинил темпларите за хомосексуалност, содомија и црна магија (нешто полошо тогаш не можело да се измисли) и запалил неколкумина од нив на клада, но мислењето на пресветлиот крал, вистински прогресивец и модернизатор, не преовладало. Преовладувачката претстава за темпларите е секаква само не негативна. Или, да ги земеме малтежаните, вториот витешки ред, чии корени лежат во крстоносните војни. Еден од нив беше министер и во Словенија. Да ги погледнеме крстоносните војни, изворот на нашата систематска и активна исламофобија. Во просветителството веќе се нашол некој кој се згрозил над фанатизмот на крстоносците, а во времето на подемот на нацизмот и некое време по Втората светска војна, кога сè уште било прерано за ревизионизам, постоеле неколку историчари кои под впечатокот на современата катастрофа развиле остра критика кон крстоносните војни, но гледано во целина, Европа никогаш не се откажала од крстоносните војни. Тоа е духовниот свет и на Брејвик.

Се разбира дека Брејвик би можел да убива и без интелектуалната основа објавена во манифестот. Клучниот проблем е на друго место: идеите што ги присвоил убиваа и без него. Од тие идеи, од тоа убивање, од идеите кои не само што го оправдуваат убивањето, туку и прогонуваа во убивање, е исткаен голем дел од нашата – европска – историја. Тоа е непријатната вистина на нашата историја. Тоа е вистината која проговори во злосторството на Брејвик и која повторно ќе прозбори сè додека не ги отплеткаме тие идеи од оние со кои е исткаена нашата историја. Прогласувањето на норвешкиот евротерорист за непресметлив ќе биде најверојатно изговор за одложувањето на нашето соочување со самите себе. На крајот сите ќе бидеме непресметливи.

За крај ќе споменам два стручни описа на Брејвиковата непресметливост: имал заблуди дека е повикан да одлучува за животот на другите и изгубил допир со реалноста до таа мера што повеќе немал контрола над своите дела. Не е ли тоа фин опис на нашите европски водачи во времето на ширење на евангелието за „штедењето“?

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Kevin Weir
Извор: Dnevnik.si, 2011 

ЕУ река (41): Митот за силувањето

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото