Медиум на друм (52): Bellingcat

25.02.2020 23:35
Медиум на друм (52): Bellingcat

Истражувањата што користат слободни извори, методот употребуван од Африка А, овозможија многу форензички пробиви изминативе години. Потеклото на методот е од светот на разузнавањето и спроведувањето на законот. Во 2004 година Комисијата за нападите од 11 септември беше прва која препорача создавање единица за разузнавање со користење слободни извори. Методите имаат за цел утврдување на автентичноста на аудиовизуелните материјали пред да се извлечат какви било заклучоци од нив.

Сепак, методологијата најиновативно и најефективно ја употребуваат новинарите. Водечките корисници на отворените извори ја градат репутацијата преку транспарентноста на своите методи и одговорноста со која ги користат податоците. Транспарентнота на опен-сорс методите поттикнува поголема снаодливост и подробност и меѓу традиционалните новинари.

Од 2010 Storyful, агенција за собирање информации преку социјалните медиуми, стана платформа за колаборативно истражување, трасирајќи го патот за целосно ново поле на новинарство. Најактивниот и најснаодливиот член на првобитната поставка на Storyful беше блогерот Елиот Хигинс од Лестер, кој разви креативни методи за разрешување тешки случаи. Успехот на Хигинс со истражувањата од отворени извори му донесе медиумска слава, која ја употреби за во 2014 да го основа Белингкет, меѓународен колектив на проучувачи, истражувачи, и граѓански новинари кои спроведуваат испитувања користејќи ги техниките кои тој ги развил.

Главната работа во истрагите врз основа на отворени извори е пронаоѓање јавно достапни податоци за конкретен инцидент, верифицирање на автентичноста на податоците, користење на тие податоци за потврдување на временските и просторните димензии на инцидентот, и поврзување на тие податоци со други дигитални записи. На пример, на 17 јули 2014 авион на Малезија Ерлајнс, лет MH17, беше соборен летајќи над источна Украина, при што загинаа сите 298 патници. Таа територија беше контролирана од сепаратистите поддржани од Русија, и Русија беше под сомнеж дека обезбедила ракетен фрлач за соборување летала на голема височина. Москва негираше одговорност, но тоа можеше да се побие со докажување на присуството на руски систем на противвоздушно оружје. Така, каков било фотографски или видео доказ за ракетен фрлач близу локацијата во времето на уривањето би бил решавачки, бидејќи таквите ракетни системи не се вообичаени, и сигурно не се им достапни на недржавни субјекти.

На тој начин Белингкет го исцртал патот на рускиот ракетен систем. Користејќи серија слики и видеа објавени на интернет, истражувачите ја исцртале патеката во и надвор од Украина. Пронашле слики на фрлачот близу локацијата на уривањето; пронашле дури и откривачки траги од оган онаму каде што биле лансирани проектилите; и при враќањето на фрлачот во Русија преку Луганск, откриле дека еден од четирите проектили недостасувал. Сето тоа било напорна, заедничка работа, со придонес на волонтери од САД, Британија, Германија и Финска.

Истражувач на слободни извори ќе започне со пребарување по социјални медиуми за објави од конкретната географска област во отприлика времето на случување. Кога ќе се пронајдат сликите, ќе бидат геолоцирани користејќи Google Earth за споредување на географските одлики. Потоа ќе биде потврдено времето за секоја слика користејќи дигитални сончеви часовници преку пресметување на должината и правецот на сенките. Потоа може да биде конструирана рута за ракетниот фрлач со поставување на фотографиите на мапа заедно со времето на секое забележување.

Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Гиф: Александар Јосифовски

Медиум на друм (51): „Настанувањето на легендите“

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото