ЕУ река (43): „Чистото“ е лишено од односи

26.02.2020 22:28
ЕУ река (43): „Чистото“ е лишено од односи

Ние Босанците сме она што би морала да биде Европа, онаа речиси невозможна меѓучовечкост, она што Европа го нарекува интернационално и универзално, она што го означува со зборовите хумано и трпеливо, без оглед што подразбира под тоа. Како такви можеме да бидеме опасен пример, веќе сме таков пример, и такви можеме да ги разбрануваме водите од Ирска преку Бретања и Баскија до Корзика и Трансилванија или Ердељ, и затоа со тоа треба да се расчисти додека е време, како со Кордоба или Гранада пред 500 години, и да се ’хуманизира’ како што се хуманизирапе цивилизацијата на Маите и цивилизацијата на Индијанците.

Алија Исаковиќ

 

Во зборовиве на Алија Исаковиќ сигурно се препознаваат и многу Македонци. Бидејќи Македонија, како и Босна (а двете се невралгични, акупунктурни точки на Европа), е реална, оживотворена измешаност, и тоа токму на, за Европа, најопасните состојки: христијанството и исламот, западот и истокот. Но, што воопшто значат, особено во зората на еден век кој треба да биде поинаков од досегашните, идеите за „мешано“ и „чисто“?!

Во текст за Сараево, испишувајќи една „пофалба на мешаноста“, Жан Лик Нанси го поставува прашањето дали мешаноста воопшто е можна. Измешаноста претпоставува издвојување на чистите супстанци и процес на настанување на спојот. Чисто е, значи, она што е лишено од односи, што значи од идентитет. „Чистотата е кристална бездна во којашто идентичното, сопственото, автентичното - се струполува во самото себе.“ Чистиот идентитет се врти во круг, не успева да се стопи бидејќи не може да биде идентичен самиот со себе.

Културата на новиот век во голема мера е култура на миксот, на проникнувањето, на интерференцијата... Луѓето сè повеќе се мешаат и се „вкрстуваат“; измешаноста, вели еден од најзначајните современи европски филозофи, секогаш е она што доаѓа, а не е нешто што е. Во крајна линија, измешаноста не постои, како ни чистотата, бидејќи не постојат ниту чисти измешаности ниту недопрена чистота, вели Нанси; „не постои ниту простото измешано ниту простото идентично, секогаш и постојано постои само меѓусебното вплеткување“.

Гиф: Мирјана Лозановска

ЕУ река (42): Брејвик убиваше за Европа

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото