Медиум на друм (53): Потрошувач или потрошен

26.02.2020 23:43
Медиум на друм (53): Потрошувач или потрошен

Едно од водечките уверувања на нашето потрошувачко време е дека сите сме слободни и независни поединци. Дека можеме да бираме и да правиме што сакаме, а ако не можеме, тогаш тоа е лошо.

Но, истовремено покрај ова, постои целосно поинаков, паралелен универзум, каде сите ние изгледа покорно ги следиме инструкциите на власта. Од избивањето на економската криза во 2008 милиони луѓе ги прифатија скратувањата во разни области, без никакво противење – од оние на реалните заработувачки и животниот стандард до оние на бенефициите и здравствената заштита.

Овие кратења можеби се правилни, можеби се глупави, но запрепастувачки е што никој всушност не ги доведува во прашање.

Мислам дека една од причините за тоа е што голем дел од властите кои денес ни ја кројат судбината станаа невидливи, па тешко е да се разбере како навистина власта функционира, а уште потешко е да ѝ се даде отпор.

Голем дел од јазикот што нè опкружува – работите како економија, теорија на менаџмент и алгоритмите вградени во компјутерските системи – звучи објективно и неутрално. Но во тој јазик се впишани силни и многу контроверзни политички претпоставки за тоа како треба да функционира општеството и какви се всушност човечките суштества.

Меѓутоа, ова е многу тешко да им се покаже на луѓето. Новинарите, чија работа е да се издвојат и да ги раскажат драматичните приказни за да ја разоткријат власта, откриваат дека тоа е невозможно бидејќи некои важни области, како економската теорија, се тешко разбирливи и пред сѐ досадни. Истото важи и за „науката за менаџмент“: некои пријатни луѓе се состануваат во канцеларии со стаклени ѕидови и донесуваат одлуки за судбините на милиони луѓе врз основа на „цели“ и „мерливи исходи“.

Како и економијата, и овој систем се преправа дека е неутрален, но не е. Но невозможно е да се претстави драматично, бидејќи во тие стаклени канцеларии не се случува ништо освен чукање по тастатура за наредната презентација. Меѓутоа, работните места на стотици и илјадници луѓе можеби зависат од тоа што пишува на слајдот.


Следнава приказна е необична, со многу чуден главен протагонист. Ова е приказна за тоа како во педесеттите години најбогатиот човек на светот, нафтениот милијардер од Тексас, измислил нова форма на телевизиско новинарство. Тоа било под фасада на објективност и непристрасност, но всушност станувало збор за десничарска пропаганда. Во извесна смисла било пред своето време бидејќи, во својата лажна неутралност, го најавило подемот на ултраконзервативните десничарски медиуми на деведесеттите – како телевизијата Fox News и нејзината заштитена парола „Fair and Balanced“ (чесно и непристрасно).

Милијардерот се викал Харолдсон Лафает Хант. Се збогатил на почетокот на триесеттите, доаѓајќи до едно од најголемите нафтени полиња во Америка, во боровите шуми на источен Тексас. Тој бил немилосрден, амбициозен човек и од самиот почеток бил апсолутно убеден дека има натчовечки способност кои го правеле поинаков од останатите.

Ова е слика на г. Хант која добра ја отсликува неговата самоувереност:


Од 1920-ите па натаму Хант бил полигамен. Имал две сопруги и подигал две семејства, кои не знаеле едно за друго. На првата жена, Френија, ѝ рекол дека се вика Френклин Хант. Дошло до незгодна ситуација кога неговата слика се појавила на насловните страници на сите весници во Тексас по повод една спектакуларна нафтена зделка. Френија го прашала дали е тоа тој – тој ѝ одговорил дека не е, туку дека се работело за зафрканција на неговиот шеговит вујко.


Хант припаѓал на екстремно десно ориентирана група на тексашки нафтени магнати, многу влијателни поради своето богатство. За таа група напишана е една одлична книга - „The Big Rich“, од Брајан Бароу. Бароу опишува како групата растела триесет години. Тие го презирале претседателот Рузвелт, „комунистот заљубен во црнци“, како што го нарекувал еден од нив. Тие биле убедени дека Рузвелтовиот New Deal бил смислен од Евреите и комунистите – или, „општествените штетници“, како што ги нарекувале.

Тексашкиот конгресмен по име Сем Рејбурн вака ја опишал таа група на денсичарски нафташи: „Сѐ што тие луѓе прават во животот е да мразат“.

По Втората светска војна, Хант направил две нешта. Додал уште едно, трето, семејство, кон својата бигамистичка колекција. И се свртел кон новиот телевизиски медиум за промоција на ултраконзервативните погледи. Во педесеттите години напишал памфлет во кој ја промовирал, како што ја нарекувал, „Лигата за образовни факти“. Нејзина цел требало да биде, со неговите зборови, „низ медиумските канали да обезбеди непристрасна презентација на сите вести кои се однесуваат на прашања од јавен интерес“.

Според Хант, тоа требало да претставува организација која на обичните Американци ќе им пружа вистинити факти од политичкиот живот.

Хант ја именувал организацијата „Facts Forum“ и го поставил Ден Смут за нејзино јавно лице. Отпрво на радио, а потоа на телевизија, Смут водел емисија насловена „Facts Forum“, која секоја недела ѝ пружала на публиката непристрасна презентација на фактите кои се кријат зад вестите. Тоа доста потсетува на подоцнежниот слоган на Fox News: „Ние известуваме, вие судите“.


Всушност, ова колнење во непристрасност и почитување било глупост. Смут би ја започнал емисијата со претставување на левото или либералното гледиште за некоја тема во досаден, млак стил. Потоа возбудено би понудил алтернатива, или како што Хант го нарекувал, „конструктивно“ гледиште. Ова гледиште било едноставно – сѐ што е државно е лошо, претприемачите би требало да бидат оставени на мир – а секој кој не се сложува со тоа е комунист што се обидува да завладее со светот. А притоа, веројатно е и Евреин.

Емисиите биле радикално искривени надесно и промовирале ултраконзервативна агенда, глумејќи неутралност и објективност.

Во нив имало доста имплицитен расизам. Во својата книга, Брајан Бароу го цитира Смут, кој во една епизода истапува против законот за работа:

Сетете се дека црнците, кога американските и англиските трговци прв пат ги донеле во Америка, не биде поробени слободни луѓе. Тие само биле префрлени од варварското робување под нивните сопствени сонародници во Африка во релативно бенигно ропство во западната хемисфера.

„Facts Forum“ станал успешен медијски потфат – со две радиски и три телевизиски емисии, кои биле снимани во нивното студио во Њујорк. Заедно со нив оделе и книги и памфлети за чие печатење плаќал Хант. Едната се викала „Мораме да ги укинеме Обединетите нации“ од Дозеф Кемп. Неговата претходна „непристрасна“ книга се викала „Хитлер бил либерал“.


Еве еден сјаен документарен портрет на Хауардсон Хант, снимен во 1968 година. Дотогаш првата жена му починала, втората го напуштила, па му останала само третата жена, Рита Реј.

Се стекнува јасен впечаток за Хантовиот опсесивен порив да ги промовира своите конзервативни идеи – праќал по пошта безбројни памфлети, ги обучувал младите луѓе кои подоцна станувале дел од неговата „Лига на млади слободни говорници“, па дури и го принудувал целото свое семејство да седи на трпезариската маса и да ја слуша неговата нова радио емисија. Емисијата се викала „Lifeline“. И тука Хант бил пред своето време, со оглед на тоа што оваа емисија спојувала десничарски антикомунизам и фундаменталистичка религија.

Невидлива е Хантовата животна трагедија – неговиот најстар син Хеси. Тој отпрвин тргнал по татковите стапки во нафтениот бизнис. Но станал насилен и параноичен. Хант прво го пробал својот личен третман – го водел Хеси по проститутки. Меѓутоа, она што упалило кај таткото не му помогнало многу на синот. Лекарите пробале со електрошокови – но ни тоа не успеало. На крајот, го убедиле Хант да го подложи Хеси на фронтална лоботомија, па како резултат останал инвалид до крајот на животот.

На крајот од филмот, Хант и неговата сопруга стануваат и почнуваат да пеат „Ние сме само обични луѓе“. Ова е страшно морничаво, и не е точно.

Хантовиот „Facts Forum“ бил модел за она што ќе се случи во деведесеттите години со подемот на десницата во медиумите, и на радиото и на телевизијата. Но Хант не само што ја навестил иднината на десницата, туку и длабоко влијаел врз тоа како левицата ќе ја напаѓа и разјадува идејата за новинарската објективност и неутралност.

Во џебот од сакото на Џек Руби – човекот кој го убил Ли Харви Освалд – биле пронајдени некои записи. Два биле транскрипти од Хантовата радио емисија „Lifeline“. На третиот бил запишан телефонски број на еден од синовите на Хант.

Во многу епизоди на „Lifeline“ Џон Кенеди бил напаѓан како поводлив комунист кој ја уништувал Америка, а Џек Руби изгледа го разбеснила таквата отровна пропаганда против Кенеди.

Потоа било откриено дека прогласот на цела страна во весниот „Dallas Morning News“, објавен на денот од атентатот, делумно бил платен од вториот син на Хант, Банкер Хант. Прогласот имал саркастичен наслов „Посакајте му добредојде на г. Кенеди во Далас“.


Како и татко му, Банкер Хант бил ултраконзервативен, а прогласот го потпишала организација која по името потсетувала на „Facts Forum“ - се викала „The American Fact-Finding Committee“ (Американски комитет за откривање факти) и се претставувала како „Независна и непартиска група граѓани кои трагаат по вистината“. Оваа група го обвинувала Кенеди за секакви велеиздајнички дела, помеѓу останатото и за ова:

Зошто му наредивте на вашиот брат Боби, државниот обвинител, да биде благ кон комунистите, кон нивните симпатизери и ултралевичарите во Америка, а му допуштивте да ги прогонува лојалните Американци кои ве критикуваат вас, вашата влада и вашето управување на државата?

БАРАМЕ одговори на овие прашања, и тоа ВЕДНАШ.

Реагирајќи на ова, весниците ширум Америка ја нападнале Хантовата мрежа обвинувајќи ја дека создава „атмосфера на омраза“ во Тексас, која можеби придонела кон убиството на претседателот. Хант и неговите синови станале предмет на истрага на ФБИ, со која подоцна ќе се бави комисија на Ворен.

Подоцна, во 1967, еден амбициозен окружен обвинител, Џим Гарисон, покренал нова истрага за убиството на Кенеди. Гарисон тврдел дека постоела завера во која можеби учествувале извесни неименувани нафтени магнати од Тексас.

Шефот на обезбедувањето на Хант успеал да дојде до дијаграм нацртан од тимот на Гарисон, каде името „Х. Л. Хант“ било во средиштето на замислена мрежа на споени врски помеѓу полицијата во Далас, Руби, Освалд и разни ситни играчи во Далас. Иако истрагата на Гарисон била запрена во 1969 година, таа, заедно со своите дијаграми, ќе стане шаблон за растечката левичарска теорија на завера.

Еден од првите и најмоќни показатели на овој тренд бил филмот насловен „Rush to Judgement“, од левичарскиот режисер Емил Де Антони, и правникот и детектив по име Марк Лејн. Де Антонио е фасцинантна личност, потекнува од светот на авангардната уметност, соработувал со Енди Ворхол и Роберт Раушенберг и ја делел нивната недоверба кон медиумскиот свет на дводимензионални слики, кој во тоа време станувал доминантен.

Филмот „Rush to Judgement“ нуди алтернативно објаснување за убиството на Кенеди. Во средиштето на оваа втора приказна била идејата дека постои тајна група моќни луѓе во Тексас, кои го употребиле своето влијание и богатство да создадат искривена фикција – Освалд како осамен лудак – за да ја прикријат својата завера. Фикција во која јавноста подоцна поверувала.

Филмот содржи разговори со куп неверојатни ситни играчи од тексашкиот свет, и креира многу силно чувство на несигурност и недоверба. Во заднината на сето ова е пораката дека овие скриени сили во Америка никогаш нема да ви допуштат да ја дознаете вистината. Што значи дека она што медиумите ви го говорат би можело да е лага, и дека сте изманипулирани.

Како што Хант ја еродирал идејата за објективноста и вистината преку своите телевизиски емисии, така и левицата се служела со демонската карикатура на Хант во потполно исти цели. Тој и останатите мрачни ликови, говорела левицата, никогаш нема да ви дозволат да ја дознаете вистината.


Ова е инсерт од филмот „Rush to Judgement“. Светската премиера во 1967 година ја имал на телевизијата BBC и тие 90 минути биле емитувани во ударен термин. Инсертот започнува со водител во студиото кое го претставува филмот и дава рамка во која гледачот би требало да го толкува истиот. Јас тука преминувам директно на втората половина од филмот, во која се говори за тоа во која мера Џек Руби бил поврзан со полицијата и естаблишментот во Далас.

Инсертот е долг, но намерно го оставив така, бидејќи мислам дека е важно да се види како Емил Де Антонио користи одредена техника за да ве убеди дека тој ја нуди правата вистина. Разговорите се долги, а како противтежа се користи една архивска снимка со началникот на полицијата во Далас. Ова создава кулминативен ефект на реалност и исто така создава впечаток дека гледачот може да донесува суд за ликовите. Оваа техника подоцна ќе стане клучна во многу големи либерални документарци од последниве триесет години.

Но таа техника во голема мера е позајмена од авангардниот филм, и во таа смисла претставува вештачки јазик, како и сѐ што можете да видите на Fox News.

Ние известуваме - вие судите.

Мајк Лејн подоцна во 1973 година, бил косценарист на филмот „Executive Action“. Тоа е приказна за тоа како група тексашки нафтени магнати го убиваат претседателот Кенеди. Истата идеја повторно се појавила во филмот на Оливер Стоун „JFK“. Но првата и најдобра карикатура на Хант можеме да ја видиме во филмот „Billion Dollar Brain“, исто така од 1967. Сценарист е Лен Дејтон, а режисер Кен Расел. Негативец е генералот Мидвинтер, пореметен десничарски нафтен бизнисмен од Тексас, кој ја води организацијата „Крстоносци за слобода“ – пандан на „Facts Forum“ и емисијата „Lifeline“ – и сака со помош на својот огромен компјутер да го сруши Советскиот сојуз.

Еве краток инсерт со генералот Мидвинтер во полно хантовско расположение.

Но Хант не бил само карикатура на десничарски лудак. Корените на голем дел од денешната недоверба во медиумите се кријат во него и неговите идеи – неговиот „Facts Forum“ од 1950-ите и чудната улога која ја одиграл во Далас во 1960-ите.

 

Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Извор: BBC blogs

Медиум на друм (52): Bellingcat

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото