Што следно ќе работат режисерите на „Медена земја“?

27.02.2020 12:08
Што следно ќе работат режисерите на „Медена земја“?

Филмот што ќе го режира Тамара Котевска, има работен наслов „Man vs. Flock“, а копродуцент ќе биде Љубомир Стефанов. Таа работела на филмот во рамки на програмата „First films first“ на Гете Институтот.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм со 325.илјади евра.

„Man vs. Flock“ го прикажува генерацискиот конфликт, јазот помеѓу застарените вредности и брзината на модерниот живот. Приказната е фокусирана на еден стар, тврдоглав селанец кој се гордее со своите корени и татковина наспроти неговата модерна, независна ќерка која сака да ја избегне традиционалната улога која и е предодредена. Во дејството се вмешува и еден влогер кој сака да открие нешто повеќе за своите корени, но преку низа на недоразбирања, создава хаос“, вели Котевска 

Таа вели дека се интересира за создавање на конфликтна приказна помеѓу светот на традицијата и модерниот свет на слободна волја, прогресот во општеството и отворениот ум.

„За да се прикаже кулминацијата на конфликтот, намерно избрав релацијата на главните ликови да биде татко и ќерка – симбол на старото и симбол на новото, кои взаемно функционираат“, објаснува Котеска.

Приказната е исклучително важна за неа бидејќи лично е инволвирана во животите на овие луѓе, дополнувајќи дека со пронаоѓањето и повторното креирање на оваа приказна, се “наоѓа во чевлите“ на влогерот и ги живее неговите предизвици.

Според Котеска, станува збор за фикција која е комбинирана со реални елементи, а преку ова сака да прикаже како документаристичкиот пристап би функционирал во фикционална приказна.

Снимањето на „Men vs. Flock“ е планирано да започне во 2021 година.

„Вараети“ објави текст за идните проекти на режисерското дуо за време на германскиот филмски фестивал „Берлинале“. Според „Вараети“, Котевска е продуцент и ко-автор на филмска антологија која опфаќа пет кратки, документарни филмови за успешни македонски атлетичарки, а на процесот работат и пет различни режисери.

Љубомир Стефанов пак, моментално работи на анимирано дело за климатските промени чиј работен наслов е „Swiss Laundry“. Во фокусот на филмот се околу 20 милиони бегалци кои биле приморани да се отселат поради природни катастрофи поврзани со климатските промени. Тие засега функционираат без формален, легален статус.

 Извор: variety.com