Каканија

27.02.2020 15:07
Каканија

 

Во онаа возраст кога сè уште им придаваме значење на сите кројачки и фризерски проблеми и со задоволство се гледаме во огледало, често го замислуваме и местото каде што би сакале да го продолжиме нашиот живот или, во најмала рака, местото каде што би било убаво да се престојува, иако интимно чувствуваме дека не би сакале да се наоѓаме таму. Таквата присилна социјална претстава уште одамна е сведена на некаков хиперамерикански град, каде сите трчаат некаде или стојат во место со хронометри во рацете. Воздухот и земјата сочинуваат мравјалник пронижан со безброј преплетени сообраќајници на повеќе нивоа. Возови што се движат по земја, во воздух, под земја, транспорт на луѓе низ пневматични цевки, колони од автомобили кои јурат хоризонтално, експресни лифтови кои ги креваат луѓето вертикално кон различните нивоа на сообраќајниците; на крстосниците луѓето прескокнуваат од едно транспортно средство во друго, а нивниот ритам, кој создава синкопа помеѓу две вратоломни брзини, застој, мал јаз од дваесетина секунди, непоколебливо ги вшмукува и ги повлекува повторно назад во себе. Во интервалите на тој универзален ритам на брзината луѓето успеваат да разменат по неколку збора меѓу себе.

Прашањата и одговорите се надоврзуваат едни на други како делови од машина; секој има некои посебни задачи, а оние со исти задачи се собираат во групи на однапред определени места; јадат во движење; забавите се одвиваат во други населби од градот, а некаде далеку од нив се наоѓаат високи кули каде што ги чекаат жените, семејствата, грамофоните и душата. Напнатоста и релаксацијата, работата и љубовта се разделени во прецизни временски периоди, кои се мерат според темелни лабораториски искуства. Ако кај некоја од тие дејности се наиде на тешкотии, тогаш таа едноставно се остава настрана, зашто ќе се најде некоја друга, или случајно ќе се открие некој подобар пат, или одново ќе се открие патот кој претходно бил пропуштен; тоа не предизвикува никаква штета, сè додека сета заедничка сила се троши на заблудата дека човекот никако не смее да се откаже од своите конкретни лични цели.

Во заедницата која ја пронижуваат такви текови на силите, секојпат води кон добра цел, доколку не се губи време на предолго колебање и премислување. Целите се краткорочно поставени, а и животот е краток, така што од него треба да се извлече максимумот од она што е достижно, а на човекот ништо повеќе и не му треба за да биде среќен, зашто она што сме го постигнале ја обликува нашата душа, додека она што го посакуваме, а не можеме да го оствариме, само ја искривува душата. За среќа, она што ние го сакаме нема речиси никаква важност; важно е само она што го постигнуваме. Освен тоа, и зоологијата нè учи дека од еден збир на редуцирани единки сосем добро може да се создаде една генијална целина.

Воопшто не е сигурно дека сè мора да се случи така, но ваквите претпоставки веќе се среќаваат во патничките соништа, во кои се формира чувството на неуморно движење кое нè води со себе. Тоа се површни, немирни и кратки претпоставки. Никој не знае што навистина ќе се случи. Би можеле да помислиме дека во секој момент го држиме почетокот во нашите раце и дека мораме да направиме некаков план за сите нас. Ако не ни се допаѓа брзината, тогаш да направиме нешто друго! На пример, нешто бавно, нежно и треперливо, некаква среќа таинствена како морско полжавче, со оној длабок кравји поглед за кој сонувале старите Грци.

Но тоа е невозможно. Брзината нè држи во своите раце. Деноноќно патуваме низ неа и сè што правиме се наоѓа во неа: се бричиме, јадеме, љубиме, читаме книги, работиме, како оние четири ѕида да стојат мирно и неподвижно, но ужасот е во тоа што и тие четири ѕида патуваат заедно со нас, а ние не го забележуваме тоа, иако пред нас се протегаат шините кон иднината, како долги нишки од кривулест конец, а ние не знаеме каде водат. Освен тоа, и ние посакуваме да припаѓаме во силите кои го одредуваат возот на времето.

Тоа е крајно нејасна улога и доколку погледнеме надвор по извесно време, ќе видиме дека пејзажот веќе се променил; она што минува пред нас едноставно минува, и тоа не може да се промени, но и покрај посветеноста на нашата улога, во нас сè повеќе се засилува чувството дека сè повеќе се оддалечуваме од целта, или дека се движиме во погрешен правец. И еден ден едноставно се јавува неиздржлива потреба: да се излезе надвор! Да се скокне од возот! Носталгија за запирање, за непроменливост, за застој, за враќање до точката од која почнало погрешното разгранување на пругата! А во добрите стари времиња, кога уште постоеше царството Австрија, имавме можност да го напуштиме возот на времето и да седнеме во обичен воз кој се движи по обична пруга и да се вратиме назад во родниот крај.

Таму, во Каканија, во таа оттогаш пропадната, неразбрана држава која, без признание, во некои работи можеше да послужи за пример, исто така постоеше темпо, но не премногу силно темпо. Секогаш кога човекот во туѓина ќе помислеше на оваа земја, пред очи ќе му се појавеше сеќавањето на белите, широки, богати патишта од времето на пешачките маршеви и брзите поштенски кочии, кои се преплетуваа низ целата земја како реки на поредокот, како лентите на светлото војничко платно, кои ги опфаќаа сите области со хартиено белата рака на државната управа.

Каква земја беше тоа! Глечери и мориња, карпи и чешки житни полиња, ноќи на Јадранот исполнети со растреперениот немир од песната на штурците, и словачки села во кои чадот од оџаците се крева право, како да излегува од отворени ноздри, додека самото село клечи помеѓу две ритчиња, како усните на земјата да се подотвориле за да го згреат своето мало дете.

Се разбира, и по тие патишта јуреа автомобили, но не премногу! Да, и таму се подготвуваа за освојување на воздушните височини, но не премногу интензивно. Одвреме-навреме ќе пуштеа понекој брод да отплови до Јужна Америка или до Источна Азија, но не премногу често. Без индустриски и политички амбиции за целиот свет, седеа во срцето на Европа, онаму каде што се пресекуваат старите оски на светот: зборовите „колонии“ и „прекуморски земји“ имаа призвук на нешто непознато и далечно. Го развиваа луксузот, но ни одблиску толку префинето како Французите. Спортуваа, но ни случајно толку фанатично како Англосаксонците. Трошеа огромни пари за војската, а сепак, само толку колку што беше потребно за да останат само втора велесила. И главниот град беше помал од другите метрополи, а сепак, некако поголем од другите главни градови.

Со таа земја управуваше најдобрата европска демократија на еден просветлен, одвај видлив начин, внимателно затапувајќи го сечилото на аристократијата, на која можеше да ѝ се припише само една грешка: за неа генијалноста и генијалното претприемништво на приватните лица, кои не ја поседуваа таа привилегија поради благородното потекло или некаков државен налог, претставуваа претенциозност и вообразеност. Но зар некој би дозволил во работата да му се меша некој непоканет туѓинец? Освен тоа, во Каканија само генијалните луѓе ги сметаа за будали, но никогаш не ги сметаа будалите за генијални, како што понекогаш се случуваше на некои други места.

Впрочем, уште колку многу работи би можеле да се кажат за потонатата Каканија! На пример, таа беше царско-кралска, а беше и царска и кралска, секој предмет и секој човек носеше една од двете ознаки – k.k. или k.u.k. – а притоа беше потребна цела една тајна наука за да може со сигурност да се утврди кои установи и личности треба да се означат со k.k., а кои со k.u.k. Официјално се викаше Австроунгарска Монархија, а дозволуваше скратено и во усна форма да се нарекува само Австрија, значи со името од кое се одрече со свечена државна заклетва, но до кое се придржуваше во сите емотивни ситуации, како знак дека емоциите се толку многу важни колку што државното право и прописите не соодветствуваат со вистинската животна реалност.

Според уставот, Каканија беше либерална земја, но со неа управуваа клерикално, а се живееше слободоумно. Сите граѓани беа еднакви пред законот, само што сите не беа граѓани. Имаа парламент кој толку жестоко ја користеше својата слобода што обично не му дозволуваа да работи; но имаа и некаков параграф за итни потреби, кој дозволуваше државата да функционира и без парламент, и секогаш кога сите ќе се израдуваа на апсолутизмот, круната ќе решеше дека повторно мора да завладее парламентарната демократија.

Такви настани често се случуваа во таа земја, а тука се вбројуваа и националните борби кои со право го будеа љубопитството на Европа, иако денес се прикажуваат сосем погрешно. Беа толку жестоки што поради нив државниот апарат секоја година ја прекинуваше работата и мируваше извесен период, но во тоа време на пауза и државен застој сите одлично се разбираа и се согласуваа во сè и се преправаа дека ништо не се случува. Всушност, и не се случуваше ништо посебно. Само непријателството на секој човек кон стремежите на секој друг човек, за што сите денес се согласуваме, во оваа држава се разви мошне рано и тоа, како што несомнено може да се заклучи, во облик на некој сублимиран церемонијал, кој можеше да има многу големи последици доколку неговиот развој не беше предвреме прекинат поради една катастрофа.

Не само што непријателството кон сограѓанинот беше издигнато до степен на општо чувство во заедницата туку и недовербата кон сопствената личност и нејзината судбина доби карактер на длабока самоувереност. Во таа земја (понекогаш и до највисокиот степен на страста и нејзините последици) секогаш постапуваа поинаку одошто мислеа, или пак мислеа различно од своите постапки. Неупатените тоа го сметаа за љубезност или, според нивното мислење, за слабост на австрискиот карактер.

Но тоа беше грешка; и секогаш грешиме кога појавите во некоја земја едноставно ги објаснуваме како последица на карактерот на нејзините жители. Граѓаните на некоја земја, во најмала рака, имаат девет карактери: професионален, национален, државен, социјален, географски, полов, свесен, несвесен, а можеби и свој приватен карактер; тој ги поврзува во себе, но тие го раскинуваат, така што карактерот и не е ништо друго освен мало корито исполнето со различните текови што се влеваат во него и потоа повторно истекуваат, спојувајќи се со други поточиња и исполнувајќи некое ново корито. Затоа секој жител на земјата има уште еден, десетти карактер: личната фантазија за неисполнетиот простор; и тој карактер му дозволува на човекот сè, освен една работа: да го сфати сериозно она што ги сочинува неговите други девет карактери и она што го прави заради нив; значи, со други зборови, го спречува токму неговото исполнување.

Тој простор, за кого мораме да признаеме дека тешко може да се опише, во Италија има поинакви бои и форми отколку во Англија, затоа што она што отстапува од него има друга боја и облик, а сепак, во основа, тоа е само еден празен, невидлив простор во кој стварноста изгледа како некој град соѕидан од детски коцки, напуштен од фантазијата.
Доколку тоа воопшто може да стане видливо за сите очи, тогаш тоа се случи токму во Каканија, и во тој поглед, иако остатокот од светот не беше свесен за тоа, Каканија беше најнапредната држава; тоа беше држава која одвај успеваше да се справи со себе, во која човекот беше негативно слободен, трајно опседнат со чувството дека не постојат вистински причини за неговата егзистенција и заплиснат од големата фантазија за она што сè уште не се случило, или барем за она што веќе е неотповикливо, како од голем океански бран кој го подигнува целото човештво.
Настаните кои на друго место би можеле да се доживеат како многу значајни, овде се објаснуваа едноставно како „пасирање“: „Es ist passiert“; ова е необичен збор кој не го среќаваме на ниедно друго место во германскиот, или во кој било јазик, а кој фактите и ударите на судбината ги прави лесни како пердуви и мисли. Да, и покрај сето она што упатува на спротивното, можеби Каканија сепак беше земја за генијални луѓе; и веројатно токму поради тоа и пропадна.

Превод: Катерина Јосифоска
Слики: Ernst Ludwig Kirchner (1880-1938)
Извор: Роберт Музил, Човек без својства (поглавје 8); издавачки центар ТРИ, 2013.

Романот Човек без својства на австрискиот писател Роберт Музил е едно од големите ремек-дела на европската литература од XX век. Во него авторот скицира детален портрет на европскиот дух пред почетокот на Првата светска војна. Дејството на романот се случува во Австрија, но Виена на Музил е симулакрум на целокупната општествена, политичка, културна и духовна состојба во која живее модерниот Европеец. Во Човек без својства Музил вешто создава некои од најмаркантните и незаборавни книжевни ликови. Улрих, главниот лик во овој роман, е еден од најчесто истражуваните и толкувани ликови во историјата на книжевната критика, и често се споредува со Јозеф К. од Процес на Кафка, со Леополд Блум од Улис на Џојс или со Марсел од Во потрага по изгубеното време на Пруст.

Човек без својства е мајсторски изградена мешавина од роман, есеј, политичка сатира, историска хроника и филозофска расправа и токму поради тоа преставува вистински интелектуален предизвик за секој читател, но исто така и неизбежна лектира за секој сериозен познавач на книжевноста.