Поради корона-вирусот се заканува парализа на економијата

27.02.2020 15:22
Поради корона-вирусот се заканува парализа на економијата

„Компаниите сега сфатија колку всушност е кревок глобалниот систем на производство“, вели Габриел Фелбермајер, претседател на Институтот за светска економија во разговор за ДВ. Последиците од корона-вирусот врз економијата ги потсети експертите на економскиот крах во 2008 година, по пропаѓањето на банката Леман Брадерс во Америка. И тогаш одеднаш стана јасно дека финансискиот систем е многу кревок. Како резултат на тоа, компаниите ги организираа поинаку своите финансиски структури и оттогаш многу помалку се потпираат на банкарски кредити. „Нешто слично може да произлезе и како последица од ширењето на корона вирусот“, вели Фелбермајер. Важно е да се скратат синџирите на снабдување за да бидат постабилни. Производството ќе мора повторно да се премести во Европа.

Епидемијата како „менувач на играта“

Епидемијата има економски последици пред сѐ преку делумно драстичните мерки кои ги преземаат властите за да се спречи понатамошно ширење како ограничување на патување или затворање на фабрики. Од ова особено страдаат компаниите кои работат меѓународно, или се зависни од извоз. Министерот за економија на Франција, Бруно Ле Мер, епидемијата ја смета за „менувач на играта“ за глобализацијата - настан кој целосно го менува досегашниот развој. Избувнувањето и последиците од ширењето на вирусот ја открија „неодговорната и неразумната“ зависност од Кина.

Сега мора да се преиспитаат глобалните ланци на снабдување, особено во здравствената и автомобилската индустрија, рече Ле Мер при посетата на Атина. „Не можеме и натаму да бидеме од 80 до 85 проценти зависни од Кина во однос на фармацевтски состојки и суровини,“ додаде тој.

Трговските експерти стравуваат од банкроти

Претседателот на Европската стопанска комора во Кина, Јерг Вутке, смета дека економските последици од корона-вирусот се „далеку поекстремни од препоставките“. „Од сите страни добивам повици за помош“, вели Вутке во едно интервју. Многу мали и средни компании кои работат во Кина се соочуваат со банкрот оти со недели немаат приходи. „За поголемите концерни ова не е проблем“, вели Вутке и додава: „Но многу средни компании се загрозени."

Снабдувањето загрозено

Потценети досега се и последиците во однос на снабдувањето во Германија. Само големите превозници Коско и Маерск во изминатите четири недели откажаа испловување на 70 бродови со контејнери. Бидејќи бродовите се во движење по шест недели, во моментов сѐ уште доаѓаат бродови од Кина, но „наскоро тој број ќе се намали, а тоа ќе значи недостаток на одредени продукти во Европа“, вели претседателот на Стопанската комора. Од ова во март особено ќе биде погодена фармацевтската индустрија, но и други бранши.

Германските купувачи, логистика и менаџери на синџирите за снабдување во моментов се подготвуваат со пакет мерки за справување со негативните последици од епидемијата на корона-вирусот во Кина. „Во многу погодени компании се формирани специјални работни групи за брза реакција кои треба бргу да ги идентификуваат и навремено да ги отстранат можните нарушувања во системот на снабдување“, вели комесарот за Кина на Германското здружение за набавка, купување и логистика (БМЕ), Рикардо Курто во интервју за ДВ.

Планови за итна акција

„Дел од компаниите известуват дека заедно со кинеските лиферанти веќе ги идентификувале постоечките и можните застои и пречки во процесот на снабдување и развиваат соодветни планови за итна акција“, вели Курто. Во ова спаѓаат и прецизна анализа за ширењето и можното времетраење на епидемијата. „Од клучно значење е кинеските власти да обезбедат транспарентни информации за ширењето на вирусот“, појаснува Курто.

Според соопштението на БМЕ, здружението врз база на информациите од свои членки во Кина вели дека во моментов се развиваат алетернативни синџири за снабдување во други делови од светот. Компаниите секако се во тесна врска со кинеската база на добавувачи. Бизнис партнерите на БМЕ „нѐ информираа дека нивните залихи достигнуваат критична точка. Поради тоа дел од производствениот материјал кој недостасува се набавува од алтернативни лиферанти надвор од Кина – како на пример од добавувачи од Европа“, појаснува Курто. Сепак ова решение не треба да ги потценува последиците врз синџирите за снабдување и логистика на клиентите, што исто така треба да се земе предвид.

Луфтханза пак, кој е водечки воздухопловен концерн во Европа, планира дополнителни карго летови до Кина. Од први март, недела, понудата ќе опфаќа уште една авионска врска, односно вкупно 8 неделно, најави портпарол на компанијата Луфтханза Карго АГ.

Концернот заради новиот корона вирус прво ги откажа сите патнички летови на сите сестрински компании кон кинеското копно. Карго компанијата Луфтханза Карго АГ имаше минимална понуда од пет лета неделно и неодамна го зголеми на седум во двата правци. Тоа е далеку помалку од вообичаените 15, особено што и товарниот дел од патничките авиони не е на располагање најрано до промената на меѓународниот распоред за летање на 28 март. Преостанатите карго авиони редовно имаат транзитни слетувања во руски Новосибирск, за да избегнат подолг престој на екипажот во Кина.

Драстично паѓа побарувачката за возила

Автомобилската индустрија, која особено за Германија е од исклучително значење, веќе е погодена од Брегзитот и трговската војна помеѓу Кина и САД. Со динамичното ширење на корона-вирусот настанала нова и тешко проценлива опасност, пишува автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер. Веќе не се работи само за стабилност на ланците за дистрибуција, туку „сѐ повеќе и повеќе за намалување на побарувачката во растечки размери". Дуденхефер смета со пад на светските пазари за автомобили како последица на корона вирусот. До крајот на годината, според него, ќе се продадат најмногу уште 77 милиони возила, односно околу 7,5 милиони помалку отколку во 2017 година.

Германската автомобилска бранша, според анкета спроведена од институтот Ифо од Минхен, стравува дека ќе има и намалување на извозот во претстојните месеци.

БДП расте побавно

Епидемијата на корона вирусот, според проценките на државната банка за обнова КфВ, изгледа ќе придонесе за тапкање во место до лето на и онака стагнирачката германска економија. „Поради епидемијата на корона-вирусот во Кина стагнацијата од првото полугодие мошне веројатно ќе продолжи и во второто", велат од банката. Видлив пораст на растот по квартали може да се очекува „дури од летото натаму”.

За 2020 година КфВ смета со пораст на БДП од само 0,8 проценти наместо досегашните 0,9. Но, таквата прогноза се потпира на претпоставката дека епидемијата главно ќе остане во Кина и ќе помине за неколку недели. Ризиците од назадување на економијата поради ширење на вирусот се значителни.

Алармантно ширење на вирусот во други региони во светот

„Ако епидемијата на корона потрае подолго време и посилно погоди и други региони во светот, поголема е веројатноста од тешки последици за надворешната трговија и ланецот на снабдување од кои германската индустрија е посебно засегната", предупредува главниот економист на КфВ, Фрици Келер Гајб. „Ситуацијата во Италија ме загрижува од тие причини."

Изгледите за економијата се замрачуваат особено поради тоа што вирусот сега сѐ повеќе шири и надвор од Кина и СЗО предупредува од „можна пандемија". Епидемијата во Кина веќе го помина зенитот, но наглиот пораст на случаи во Иран, Италија и Јужна Кореја, како што се вели, е „длабоко загрижувачки".

Извор: Дојче веле