Скопје – меѓу историското и имагинарното

27.02.2020 18:05
Скопје – меѓу историското и имагинарното

Харевејн, Опсадата на Белград, 1688

 Пред десетина години, во еден од долапите на мајка ми наидов на репродукција на графиката што го краси реверсот на банкнотата од 100 денари: „портретот“ на Скопје што му се припишува на извесен Јакоб Харевејн, и што обично се датира во 1594-та година.

Иако името на авторот ми прозвучи познато, стилските карактеристики ми сугерираа дека оваа графика е направена веројатно цел век подоцна. Ја врамив, за набргу потоа да ја заборавам, сè до пред некој ден, кога еден напис на Василка Димитровска ме потсети на бројни сè уште неодговорени прашања во врска со оваа слика.

Самиот факт што името на Јакоб Харевејн се среќава во речиси десет варијанти го усложнува секој обид да се дојде до нејзиното потекло. Она што го знаеме со сигурност е дека овој графичар бил активен во денешна Холандија и Белгија помеѓу 1680 и 1730, и дека негова специјалност биле „портрети“ на градови или детални прикази на архитектонски зданија, но исто така и географски мапи. За мене лично е посебно интересно што една од неговите графики го прикажува домот на Петар Пол Рубенс, уметник за којшто имам највеќе пишувано. Сè до сега ја немав поврзано со Скопје од банкнотата, мислејќи дека се работи за различни уметници со слични имиња.

По својот жанр овој „портрет“ припаѓа на традиција што доживува најголем подем во 16-иот и 17-иот век. Некогаш ваквите прикази се печатат поединечно, но почесто се објавуваат во тематски серии, или како илустрации на мапи и во атласи. Еден од првите такви атласи е Нирнбершката хроника – Liber Chroncarum на Хартман Шедел (1493) вистински бестселер и модел за бројни подоцнежни публикации. Она што ги поврзува овие илустрации – посебно кога се однесуваат на градови на маргините на познатиот свет: речиси секогаш претставуваат спој на виденото и имагинарното, она што е „документирано“ и она што одговара на очекувањата на идеалниот гледач.

Нирнбершка хроника, Константинопол - Шедел (1493)

Таков е случајот и со Скопје од реверсот на банкнотата, каде што и покрај сите непрецизности се препознаваат најважните зданија од тоа време: тврдината Кале, минариња во чаршијата, Мустафа-Пашината џамија, па дури и камениот мост што го поврзува градското јадро со другата страна на реката. Сликата е комплетирана со симболичен портрет на „жители“: дама и господин во елегантна, но несомнено егзотична облека, во пријатна прошетка низ пасторален пејсаж.

Латинизираното Scopia испишано на лентата што се вее над хоризонтот е дополнето со натпис на долниот раб (Scopia op de Revier Veratazar) кој ни кажува дека овој град лежи на реката Вардар. Овој вид идентификација е карактеристичен и за други графики на Харевејн, на пример, приказот на Ротертурм од Трансилванија (Rotenthurn op de Revier de Alauta in Transilvnia) или на Славонска Градишка (Gradiska op de Revier de Saw in Slavonia).

Што се однесува до формата Veratazar за Вардар, можеме да спомнеме и други примери од тој период, како на пример Географскиот и Историски Опис на деловите на Европа каде што се водат Војни (Лондон, 1696). Во овој алманах, англиско-францускиот лексикограф Абел Бојер го опишува Scopia/ Uscopia како „голем град под планината Orbelus, на реката Veratazar, во близина на Македонија, делумно во планини, делумно во долина, со пријатно положение...“Притоа додава дека Скопје има Архиепископ, многу трговци и занаетчии, убави надгробни споменици и богати куќи чии подови се послани со ќилими во прекрасни бои.

И токму кога читателот се соживува со убавините на ова место, следната реченица ги разбива сите овие евокации како меур од сапуница кога дознаваме за опсадата на Скопје од 1689-та година. Како што Бојер посочува, силите на Хабзбуршкиот император под водство на Енеа Пиколомини биле импресионирани од овој град од 60.000 жители и го споредиле со Прага. Па сепак, откако го протерале турскиот Паша и неговите луѓе, го ограбиле и опожариле до темел.

Според моите досегашни сознанија, графиката на Харевејн е од истиот период, односно од таканаречената „Голема турска војна“ (1683-1698). Единствената посериозна анализа што ја имам пронајдено до сега, во романски текст од 1971 година, укажува дека оваа слика е дел од серија „портрети“ на градови од Отоманската империја, печатена во Антверпен 1688 година. Освен поголеми места како Букурешт или Белград, интересно е дека серијата вбројува и многу помали градови како Пожега, Јајце, или Ќустендил – важни во контекст на Хабзбуршките воени дејства на Балканот.

Темишвар, 1717

Серијата има 21 слика, при што Скопје е означено со римско 15. Иако немаме доволно информации за нивната првична намена, во 1717 некои од нив се препечатени во книга посветена на Хабзбуршките победи над Турците. Таа хроника е исто така дел на вообичаените пракси од тој период, како што може да се види од една друга, целосно дигитализирана публикација со слики од географско подрачје што се протега од Виена до Средниот Исток (Антверпен, 1686).

И така сè неочекувано се поврзува, од камениот мост и ѕидините на тврдината околу Скопје, до куќата на Рубенс во Антверпен и хрониката на Бојер од Лондон. Иако Харевејн ги објавил графиките во 1688, а Пиколомини го запалил Скопје 1689-та, серијата е веројатно комбинација на визуелни сведочења за места веќе зафатени со воени дејствија и тие што допрва треба да се „ослободат“ од Турците. Слични анахронизми наоѓаме и во хрониката на Бојер. Архиепископот што го споменува 1696 е веројатно наследник на познатиот Пјетр Богдани, но можеби и референца на самиот Богдани: Архиепископ на Скопје кој ги поддржал Хабзбуршките сили, мобилизирајќи речиси шест илјади албански војници за кампањата против Турците. Иронијата на оваа епизода од големата Турска војна, како и на пожарот што имал за цел да ја сотре чумата во градот, е што и Богдани и Пиколомини подлегнале на таа болест само неколку месеци подоцна.

Иако сликата од банкнотата од 100 денари содржи уште тајни, со помош на дигитализирани примарни и секундарни извори дојдовме многу поблиску до нејзиниот контекст. Она што можеме да го заклучиме во моментов е дека градот што ни го прикажува Јакоб Харевејн е сепак Скопје, убавото Scopia op de Revier Veratazar што го замислил и претставил врз основа на нечии други кажувања и на својата имагинација, непосредно пред една од најголемите катастрофи во неговата историја.

Слични содржини

Фотографија / Балкан / Историја
Општество / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото