ЕУ река (44): Избледнетиот сон за Европа

27.02.2020 22:33
ЕУ река (44): Избледнетиот сон за Европа

Во учебниците кои ги читав како дете, во педесеттите и во шеесеттите години, Европа беше розова митска земја. Градејќи ја новата република од пепелот на Отоманското царство, разурнато и расцепкано во Првата светска војна, Мустафа Кемал Ататурк војуваше против грчката војска, но подоцна, со помош на својата војска, воведе низа општествени и културни реформи кои не беа антизападни, туку напротив – прозападни. Овие реформи ја легитимизираше и ја засили новата елита на турската држава (и остана предмет на постојани расправи во Турција за време на наредните осумдесет години), факт дека од нас се бараше да го прифатиме, па дури и да го имитираме розово-западниот сон за Европа.

Учебниците од моето детство требаше да нè научат зошто државата и религијата мора да се раздвојат, зошто дервишките лози морале да бидат затворени и зошто арапското писмо го заменивме со латиницата. Но, тие книги истовремено беа полни со прашања кои требаше да ни ја откријат тајната на огромната моќ и успех на Европа. „Опишете ги целите и резултатите на Ренесансата“, гласеше едно од прашањата од историја во средно училиште. „Кога ние би имале толку нафта како Арапите, дали ќе бевме богати и модерни како Европејците?“, ќе прашаа некои од моите наивни другари. На прва година факултет, секогаш кога ова прашање ќе се споменеше на часот, некој резигнирано ќе додадеше дека „ние никогаш го немавме просветителството“. Ибн Калдун, арапски филозоф од 14 век, рекол дека цивилизациите кои пропаѓаат можат да се спасат од своето уништување ако се огледаат на своите освојувачи. Бидејќи Турција никогаш не беше колонизирана од ниедна светска велесила, „обожавањето на Европа“ или „имитирањето на Западот“ никогаш не го имаше оној несреќен и понижувачки призвук што го опишуваа Франц Фанон, В. С. Најпол или Едвард Саид. Огледувањето кон Европа се сфаќаше како историски императив, па дури и како техничко прашање на приспособување.

Но, овој розов сон за Европа, некогаш толку моќен што некогаш и нашите насилни антизападни сили потајно веруваа во него, сега избледе. Можеби причината за тоа лежи во фактот што Турција веќе не е толку сиромашна како што некогаш беше. Или зашто ова веќе не е селско општество со кое владее војската, туку динамична земја со сопствено развиено граѓанско општество. И секако, во последните години преговорите на Турција и Европската унија се забавени, а решението воопшто не се наѕира. Ниту во Европа, ниту во Турција нема реална надеж дека Турција ќе влезе во ЕУ во блиска иднина. Но, да се признае дека секоја надеж е изгубена би било еднакво поразително како кога односите со Европа целосно би се прекинале. Заради тоа никој нема сила тоа гласно да го признае.

Тоа дека Турција и другите незападни земји се разочарани од Европа го знам од лично искуство, од своите патувања и разговори. Најголемата пречка во односите на Турција и Европската унија претставуваше сојузот на едно крило од турската војска, водечките медиумски организации и националистичките политички партии, кои успеаја да ги осуетат преговорите за придружувањето кон Европската унија. Истиот тој сојуз е одговорен за хајката водена против мене и многу други писатели, за атентатите и убиствата на мисионерите и христијанските свештени лица. Тука спаѓаат и емоционалните реакции, чие значење најдобро може да се претстави преку примерот на односите со Франција. Во изминатите сто години Франција беше пример за многу генерации од турската елита. Овие луѓе се воодушевуваа на француското сфаќање на секуларизмот и го следеа нејзиниот образовен систем, нејзината книжевност и уметност. Тоа што во изминативе пет години токму Франција испадна најголем противник за влезот на Турција во Европската унија беше болно и поразувачко. Меѓутоа, најголемото разочарување на незападните земји беше учеството на Европа во војната во Ирак. Во Турција тоа предизвика вистински гнев. Светот гледаше како Буш ја вовлекува Европа во оваа нелегална и сурова војна, а Европа подготвено прифати да биде измамена.

Кога Европа ја набљудувате од Истанбул, прво што можете да забележите е дека Европа (а и Европската унија) ја збунуваат внатрешни проблеми. Очигледно е дека европските народи имаат многу помалку искуство од Американците по прашањето на соживотот со луѓето со поинаква вера, друга боја на кожа, поинаков културен идентитет. И многумина од нив не се претерано воодушевени од таквата идеја. Овој отпор кон дојденците европските внатрешни проблеми ги прави уште посериозни. Расправите во Германија за интеграцијата и за мултикултурализмот – конкретно, нејзиното бројно турско малцинство – се вистински пример за тоа.

Со ширењето и продлабочувањето на економската криза, Европа би можела, свртувајќи се кон себе, да ја одложи борбата за зачувување на „буржоаската култура“ во флоберовска смисла, но со тоа проблемот нема да биде решен. Кога ќе го погледнам Истанбул, кој секоја година станува малку посложен и малку „покосмополитски“, каде што сега доаѓаат имигранти од цела Азија и Африка, лесно можам да замислам дека сиромашните, невработени и незаштитени луѓе од Азија и од Африка, кои сега бараат ново место за живот и работа, не можат вечно да се држат надвор од границите на Европа. Високите ѕидови, строгиот визен режим и поголемиот број патролни чамци на границите само ќе го одложат она што мора да се случи. Што е најлошо, анти-имиграциската политика, мерките и предрасудите веќе ги уништуваат клучните европски вредности, заради кои Европа стана она што е.

Во Турските учебници од моето детство не стануваше збор за демократијата и женските права, но на кутиите „галоаз“, омилена цигара меѓу француските интелектуалци и уметници (барем така мислевме), беа напишани зборовите „liberté, égalité, fraternité“ и нив можеше секаде да ги најдеш. Зборот „fraternité“ го означуваше духот на солидарноста и на отпорот, кои ги промовираа левичарските движења. Но, рамнодушноста кон страдањата на имигрантите и малцинствата, и отпорот кон Азијците, Африканците и муслиманите кои сега се мачат на рабовите на Европа – и обвинувањето дека тие се виновни за нивните несреќи – тоа не е „братство“.

Може да се разбере нервозата и паниката на многу Европејци, кои се обидуваат да ги зачуваат големите европски културни традиции, да профитираат од ресурсите кои ги посакуваат од незападниот свет, и да ги задржат привилегиите освоени во вековната класна борба, во колонијализмот и внатрешните судири. Но, ако Европа сака да се заштити, дали би ѝ било подобро да се сврти кон себе или да се присети на своите основни вредности, кои некогаш ја правеа средиште на гравитацијата за сите интелектуалци на светот.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
На фотографијата: Кемал Ататурк
Извор: NYRBlog, 2011

ЕУ река (43): „Чистото“ е лишено од односи

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото