ЕУ река (45): Крокодилски солзи (Чешка приказна)

28.02.2020 22:38
ЕУ река (45): Крокодилски солзи (Чешка приказна)

Останав сам иако меѓу своите
како клупа над замрзната вода
Јан Скацел

*

Додека една снегулка паѓа
на голиот грб од скулптурата
на ангел на катедралата Св. Јаков,
додека во џубоксот паѓа
нова паричка од 5 круни,
додека полноќниот трамвај ја носи
последната тура патници
од центарот кон периферијата на градот,
додека во театарското бифе Posledni lec
Марика ни носи нова (веројатно последна) тура пијалаци,
режисерот Хонза, како гром од ведро небо,
ми се врти и со сериозен тон ме прашува:

– Why are you in Brno?

Погледите на Петар, Јана, Павел, Миша и Рената ми велат дека од мене се очекува експресен одговор. Прашањето ме затекна како зен-коан, па затоа, без многу мислење, како од пушка одговарам:

– Why not?

Додека сите се смејат толку гласно, што сигурно се слуша до испразнетиот плоштад Слобода, паричката паѓа во џубоксот и почнува некоја словачка рок-балада од осумдесеттите. Двајца актери од претставата, кои претходно се пцуеа и се тепаа крвнички на сцената, сега нежно играат танго.

Откако сите им се вратија на своите пијалаци и на претходните муаебети, откако и јас отпив од вареното вино со каранфилче, сепак се одлучив да му дадам малку „поопширен“ одговор на мојот љубопитен соговорник:

– Во Брно сум по вторпат. Првпат бев летоска, кога го погодив најтоплиот ден во последните седумдесет и кусур години. Ете што ти прави глобалното затоплување: слушнав дека тој ден, мислам дека беше 14 јули, во градот се испиле тројно повеќе литри пиво од еден просечен ден, што можеби ќе влијае Чешка да се врати на првото место на европската топ-листа за испиени литри пиво по жител. Слушнав дека Холанѓаните лани ви ја дрпнале „титулата“...

– I don’t care, I drink red! – Хонза покажува на чашата вино и ми наздравува, задоволен дека сепак ќе му дадам некакво објаснување за моето присуство во Брно.

– Тој ден – продолжувам со потивок тон за да не ме слушаат другите – толку беше жешко, што една келнерка се сетила со „рецки“ да ги евидентира туристите (како кригли пиво) кои ги потопувале нозете во фонтаната Парнас. Кога стигнала до 52, ѝ завршила смената. Во фонтаната пред Академијата Јаначек биле видени дури и неколку капачи...

– Get to the point! – ме пресекува Хонза.

– Е, тој ден ми се случи нешто што ме натера повторно да дојдам тука!

– Ok, my friend, shot me!

– Некаде околу пладне, во потрага по ладовина, се мушнав во првиот пасаж. Мижејќи, го густирав третото шишенце студена вода купено во последниот час. Додека пиев, една крупна, тешка, густа, топла, солена капка ме здрма во челото! Точно над левата веѓа. Си помислив дека ми се причинува, но – бааааааам – еве ти уште една капка, која ме удри силно како тешка топка снег! Овојпат над десната веѓа. Целиот се потресов! Шишето ми испадна од рака кога видов од каде доаѓаат капките. Над мене висеше еден огромен препариран крокодил со отворена уста!

Му ја покажувам фотографијата на крокодилот, сликана со мобилниот:

 


Хонза ја гледа незаинтересирано, одмавнувајќи со раката, но потоа се загледува во моето чело, небаре бара траги од крокодилското „солзопомазание“.

По половина минута, која мене ми личеше на вечност, отпи од виното и ми шепна:

– Сум чул дека од крокодилот повремено течеле „крокодилски солзи“, ама отсекогаш мислев дека е тоа само приказна за лажење наивни туристи. Туку дај една паричка од 5 круни. Мислам дека имам мало изненадување за тебе!

Отиде накај џубоксот и се врати набргу со мистериозна насмевка. Но сега седна до Рената. Ја примив пораката: сакаше да ми направи „драмска пауза“, пред да дојде на ред песната што веројатно ја одбрал за мене. Ме остави сам во исчекување.

Почна една ужасно долга песна од Nick Cave, па два–три хита од Animals, па некоја песна со рефрен „Цигани лете на небо“, која сите ја знаеа и си ја потпевнуваа, па „Bohemian Rhapsody“ од Queen...

Кога се заморив од чекање, и откога отсвиреа „See you later alligator“ и „Krokodili dolaze“, на патот накај тоалетот ме удри вториот гром од ведро небо таа вечер: меѓу милион песни во џубоксот, Хонза ископа една од првите песни од моето детство, песна што мислев дека сум ја заборавил: Ах, тој крокодил / страшен крокодил / радосен би бил / да е пак во Нил...

Додека одев од шанкот накај тоалетот, додека сите се чудеа каква откачена песна некој одбрал за 3 часот по полноќ, додека двајцата актери заносно играа танго независно од музиката, додека од звучниците детски гласови пееја за носталгијата на крокодилот, додека една нова снегулка паѓаше на голиот грб од скулптурата на ангел на катедралата Св. Јаков, додека во џубоксот паѓаше нова паричка од 5 круни, по моето лице се слеваа две крупни солзи за кои имав чувство како да не беа мои. Како да беа солзи на сите крокодили и животни од зоолошките градини, насилно извлечени од своите домови и заробени во кафези. Сигурно не беа мои солзите, оти не течеа од очите туку од местата каде што летоска паднаа крокодилските солзи. Во тоалетот го измив лицето, добро се избришав и се вратив на масата со моите нови пријатели. Никој не ги забележа трагите. Дури ни Хонза.

* *

Додека снегот бавно се пласти на
покривот од театарот Husa na provázku,
додека пареата од усните се
спојува со напластените облаци над градот
додека луѓето брзаат накај дома со торби
преполни божикни подароци,
додека се лади лутата супа
во кинескиот ресторан, на Миша
ѝ откривам дека за пет дена
откога сум во Брно сите ми го поставуваат
истото прашање: „Што барам тука?“
Отпивајќи од пивото, Миша ми нуди елегантно решение на оваа стереотипна ситуација:

– Кажи им слободно, на пример...

• дека си дојден за да се ожениш и така да станеш жител на Европската Унија (ако сакаш сите да ти поверуваат);

• дека си дојден за да ги вкусиш сите чешки пива и сите моравски вина (ако сакаш да ги насмееш);

• дека си дојден за да пишуваш есеј на тема „Ангели и вонземјани“ (ако сакаш да ги збуниш);

• дека си дојден како крунски сведок во обновениот судски процес против Јозеф К. (ако сакаш да помислат дека си чукнат);

• дека си дојден за да се шеташ низ маглите на Брно додека го слушаш Јаначек (ако сакаш да помислат дека си романтичен тип);

• дека си дојден за да напишеш репортажа за урбаните легенди поврзани со подземно Брно (ако сакаш да помислат дека си авантурист)...

Додека на плоштадот пареата од здивовите на луѓето се меша со онаа од греена медовина, трделник, печени колбаси и костени, пржени шницли од компири и ароми од сто различни пунчови и грогови, низ главата ми се мешаат замислените реакции на моите идни соговорници.

*
* *

Додека еден крап го селат
од вода на суво
додека со еден удар го селат
од овој на оној свет
додека луѓе се фенери
(како Диоген) сред бел ден
шетаат по улиците на градот
додека одам по улицата на
која Роберт Музил живеел 3 години
тројца пијани Англичани во
еден глас отсечно ме прашуваат:

– Where’s Moulin Rouge?

За дел од секунда ми прелетуваат лицата на сите оние туристи кои по ходниците на Лувр ме прашуваа: „Where is Mona Liza?“. Но ако во Лувр давав долги објаснувања за патот до сликата, сега одговарам отсечно дека Moulin Rouge се наоѓа во Париз, на Boulevard de Clichy. Незадоволни од одговорот, со потсмев, во хор испуштаат силен извик на негодување, а едниот од нив, смеејќи се шеретски, ми објаснува дека и во Брно имало Moulin Rouge.

Ништо чудно, си велам. Во овој град можат да се најдат толку многу работи од поблиски и подалечни европски градови: од копии на виенски палати и замоци, преку меани во кои цела вечер пуштаат музика од „Азра“, служејќи ќебапчиња, плескавици и шопски, па сè до тој фамозен Moulin Rouge. Гледајќи го плакатот за големата изложба на теракотните војници од гробницата на кинескиот император Ќин Ше Хуанг, сфаќам дека во овој град, како и во повеќето европски градови, а и како во зоолошките градини, има еден куп нешта и од другите континенти.

Додека ми излегува пред очи сликата на крокодилот што виси, во самракот сè повеќе се забележуваат луѓе кои со фенери одат од катедралите накај своите домови.

Одеднаш ми светнува! Па, и пламенот што го носат во своите фенери е дојден од друг континент! Денес по улиците и по домовите во Брно се шири Витлеемската светлина.

*
* *
*

Додека во библиотеката се слуша
силното типкање по тастатурите
(оти сите си носат слушалки)
додека библиотекарката ги враќа
прочитаните книги по рафтовите
додека во автоматот за кафе
паѓа нова паричка од 10 круни
додека низ главата ми се шетаат
милион идеи и мисли
на екранот ги испишувам првите реченици
од есејот на тема „Ангели и вонземјани“:

Кога една сосетка го подучувала својот петгодишен син Ангел за планетите во Сончевиот систем се соочила со едно доста незгодно прашање: „Мамо, ако Марсовците ја викаат својата планета Земја, како можеме да бидеме сигурни дека нашата планета тие не ја викаат Марс?“. За жал, не знам што му одговорила сосетката на својот љубопитен син. Детската интуиција е непогрешлива. Ако воопшто постојат вонземјани (кои неретко ги викаме Марсовци), тогаш – ни се допаѓало тоа или не – за нив и ние сме „вонземјани“.

Ако некаде во беконечната Вселена постојат вонземјани, тогаш мора да се помириме дека веројатно немаме монопол во именувањето на планетите. Можеби Адам го добил правото да ги именува животните, но дали човекот со тоа добил неприкосновено право да им дава име на сите планети, соѕвезија и галаксии? Ќе бидат ли налутени вонземјаните кога ќе слушнат какво име сме ѝ доделиле на нивната планета? А што ако, навистина, некој друг ни ја вика планетата Марс? Ќе треба ли да преговараме со вонземјаните дека наше неприкосновено право е да си ја викаме планетата како што самите сме одлучиле?...

Една библиотекарка со ангелско лице ми објаснува дека треба да ја затворат библиотеката. Го затворам позајмениот лаптоп и излегувам од библиотеката. Додека библиотекарката ги враќа прочитаните книги по рафтовите, додека едни деца весело трчаат по улицата со палки за хокеј во рацете, додека едни други се гаѓаат со снег (една снежна топка ми профучува над глава), одненадеж сите деца ми заличуваат на ангели.

Неколку часа подоцна, чекорејќи бавно по една смрзната улица, на Јана, која го шета песот Јиржи, ѝ откривам како планирам да заврши есејот:

– Дури и кога не би постоеле, би требало да ги измислиме ангелите и вонземјаните. И едните и другите ни се потребни. Ако нè нападнат вонземјаните, ангелите ќе нè бранат. Ако, пак, случајно, не дај Боже, разочарани од нас, еден ден нè напуштат добрите ангели, ќе ни остане да се надеваме дека ќе имаме прилика да се покажеме во подобро светло пред вонземјаните...

*
* *
* *

Додека во мансардата го читам Добриот војник Швејк, некој кратко ѕвони на вратата. Сигурно е грешка, си помислувам, ја вртам следната страница од книгата и пак тонам во светот на Хашек.

Но, ѕвоното повторно ме пресекува и ме потсетува на ѕвоната од плоштадите со кои луѓето даваат знак дека ја смислиле својата желба за наредната година. Иако сум во пижами одам кон влезната врата. Кој и да е, нема смисла да чека.

– Станот треба наскоро да се реновира, па ќе треба да направиме неколку мерења – со метро в раце, човекот со чанта од крокодилска кожа го пречекорува прагот и веднаш зема мерки од влезната врата.

Потоа го мери растојанието од влезната врата до крајот на ходникот. Влегува во дневниот простор и кога ги здогледува натрупаните книги на масата, ненајдејно се врти кон мене и ме прашува:

– Го познававте Јозеф К.?

По не знам кој пат во Брно се најдов затекнат со ненадејно прашање. Човекот го подигна тефтерчето во кое претходно ги бележеше мерките и димензиите, давајќи ми на знаење дека има намера да го запише и мојот одговор.

– Се работи за некаква анкета? – прашав зачудено, купувајќи си време.

– Ваше е да одговарате, а не да прашувате! – ми одговора пред да успеам да довршам со прашањето.

– А сакате ли да се напиете нешто? Имам отворено шише 1,5 л црн „Козел“. – се обидувам да го скријам шокот со љубезност.

– Не пијам „Козел“, многу ми е благо тоа пиво. Ама може една чашка траварица.

– Веднаш ќе ви донесам! – му велам и одам накај кујната. Но, од каде знае дека имам во кујната шише траварица!? Да не мерел и кога не сум бил дома?

– Да се вратиме на прашањето: дали го познававте господинот К.?

– За него читав во средно. Ни беше лектира... – се обидувам да бидам духовит.

– А каде бевте за време на неговото погубување? – ја преполовува чашката.

– Мислам дека во тоа време не сум бил роден...

– Тоа не ве амнестира од одговорноста – ја допива чашката, ја остава на работната маса и исчезнува низ вратата.

* *
* *
* *

Со цел памет, на Петра ѝ реков дека сакам да ги пробам сите чешки пива пред да си заминам и дека ќе пишувам за подземно Брно.

Ми вели дека заради празниците сите врати кон подземните лавиринти се затворени за туристи. Како да се подготвувала, од внатрешниот џеб на капутот вади мапа од центарот на градот и со црвен фломастер за половина минута црта маршрута со остри свиоци, која наликува на патека за рели–трка.

– Еве! Ти ги заокружив сите „контролни точки“ каде што треба да испиеш по едно пиво! На мапата ти запишав и кое пиво каде да го нарачаш. Не седнувај, туку од нога празни ги криглите. Ќе се најдеме за два часа на последната точка од мапата. Таму ќе бидеш подготвен за влез во „Подземно Брно“.

На првите десетина места се сеќавам доста добро, а потоа паметам дека се симнував и се качував по скали. Се сеќавам дека ме гледаа со чудење кога ги прашував каде е барот „Крокодил“, а некаде со потсмев ми велеа дека меаната „Шерлок Холмс“ можела да се лоцира со детективски способности. Не се сеќавам како стигнав до последната станица – „Средновековна крчма“.

Пред вратата, сиот изѕемнат од студ, стоеше човек облечен во одежда од XII век, кој во десната рака држеше огромна секира. Од внатрешниот џеб извади мало позлатено гранче, кое веројатно го купил од тезгите. Скришум ми го тутна гранчето и ми шепна: Петра те чека долу.

* *
* * *
* *

Додека се спуштав
по мрачните и лизгави скали
и се пробивав бавно
во темните ходници
додека слушав гласови на
сто различни јазици
(а најмногу на чешки,
германски и јидиш)
се сетив дека Петра ми вети
дека ќе ми приреди
„аудитивно разгледување“ на Брно.

Ми спомена дека понекогаш во подземјето на градот можат да се слушаат не само звуците од надземниот град, ами и звуците од далечното и неодамнешното минато! Додека ми објаснуваше дека тие звуци сè уште постојат „како во џубокс во кој има буквално сè“, се присетив на една реченица на еден пријател, соопштена во еден неформален разговор: „само она што е изречено останува, а напишаното кога-тогаш исчезнува“.

Во целосниот мрак очите многу не ми помагаат, па затоа ушите ги начулувам уште повеќе. Најпрвин е совршено тивко, но постепено почнувам да препознавам еха од најразлични звуци: се мешаат татнежи од запрежни коли со звуци на кочници од трамваи, удари на часовници што означуваат пладне еден час порано со удари на камбани што најавуваат божикни миси. Се мешаат вресоци на луѓе што ги измачуваат во тврдината Шпилберг со звуци од сладострасни јачења, звуци на кригли што се удираат со здравици на многу јазици. Се слушаат и извици од животни кои можеби се во циркуски шатор или во кафези од зоолошка градина. Има и многу смеење, гласно и безрезервно, кое претпоставувам дека доаѓа од многубројните пивници.

По којзнае кој пат, зажалувам што разбирам само малку чешки, но препознавам дека некој вика „Еурека!!!“ Можеби тоа беше гласот на Мендел или на Каплин?! – си помислувам. А, можеби и не слушнав добро, можеби извикот во подземјево беше „Евридика“?

Одненадеж и мене ми доаѓа да викнам „Еурека“. Ми текнува да го вклучам диктафонот од мобилниот, па да ги снимам звуците од „подземно Брно“, за да им ги пуштам на сите што не ми веруваат.

* *
* * * *
* *

Во принцип, не сакам разделби. Овојпат е полесно оти повеќето пријатели веќе го напуштија градот за да бидат дома за празниците. Повремено пристигнува по некоја sms-порака со убави зборови, честитки и поздрави. Кога отидов да се поздравам со Хонза, го немаше во театарското бифе.

Го сретнав неколку часа подоцна близу до железничката станица. Беше истовремено весел што ме гледа, но личеше и како да плачел пред неколку минути. Ми заличи како некој штотуку погоден со топка снег в лице. Го прернувам и му велам дека сум среќен што го познавам. Меѓу ситните снегулки што паѓаат на неговото лице, над густите веѓи препознавам траги од крокодилски солзи.

Му велам дека има само уште пет минути и мојот воз ќе замине. Му ја пуштам снимката од подземно Брно и го следам неговиот зачуден поглед, додека заедно одиме кон перонот. Ми вели дека слуша чекори на некое големо животно, можеби крокодил.


Гиф: Александар Јосифовски
Извор: ОКОЛУ ЕВРОПА (Контрапункт, 2012)

ЕУ река (44): Избледнетиот сон за Европа

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Активизам / Графички Дизајн / Gif
Општество / Gif / Историја
Gif / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото