Естетскиот вкус и хуманоста

29.02.2020 09:54
Естетскиот вкус и хуманоста

Извор: Дојче веле

Една соната од Моцарт може во одредени мигови во животот да ве спаси и преобрази. Со тоа што ќе ви ја покаже тајната на животот или на љубовта преку најнежниот, најкревкиот и најнедофатливиот тон кој, токму затоа, е и најсилниот. Секако, оној што нема образуван естетски вкус, уметноста ја доживува како нешто бесполезно. Нешто од што не се живее. Нешто што е далеку од вистинскиот живот. Тоа е затоа што неговите сетила, неговата интуиција и естетски чувства не се доволно обликувани. Доживувањето и вреднувањето на уметноста мора најнапред да се образува. За тој што немал такво образование станува уште понепристапна сферата на естетското доживување. А тој, пак, што знае што е убаво и возвишено, како што знаеше германскиот филозоф Имануел Кант, ќе му одговори на естетскиот аналфабет, за кој уметноста е непотребна, дека во естетското доживување на природата и уметноста е суштината на целата хуманост. Според Кант, естетската сфера е една од најзаначајните средства во хуманизацијата на човештвото.

Еден друг голем германски филозоф и поет, Фридрих Шилер, се инспирираше од Кантовата теорија за поврзаноста на естетскиот вкус и хуманоста. Во исто време, тој се обиде да отиде понатаму од просветителската позиција на Кант, кај кого естетската сфера се темелеше врз расудната моќ на човекот. Шилер, пак, критички согледа дека Кант не го зема предвид значењето на чувственоста за естетската сфера. Прочуена е мислата на Шилер, според која „воспитанието на срцето" е работа на уметностите. Додека филозофијата и теоријата ѝ говорат само на главата, уметностите ги допираат сетилните, нагонските и емотивните предели на човечката психа, сметаше тој. Шилер беше восхитен од Кантовата дефиниција за естетското доживување како „безинтересно допаѓање“. Тој сметаше дека уметноста, естетската сфера, доживувањето на убавината во уметноста и во сета природа, ја имаат силата да ги „култивираат” грубите природни нагони и сетила на човекот. Затоа беше уверен дека „естетското воспитание” има огромно значење за хуманоста, за образованието на слободни, култивирани, критички мислечки личности. Цивилизацијата започнува, според Шилер, со способноста на човекот за „естетска дистанца“ кон објектот. Тој став е претпоставката за културата и за култивираноста на сетилата, на умот и срцето преку естетското доживување на уметноста. Способноста за „естетска дистанца” соодветствува на способноста за „мисловна дистанца” кон светот. Таа, пак, е темелот на критичкиот ум.

Парадоксот на културата

Уметноста и културата во која сите ние сме воспитани е токму таа сфера која во многу што ги има обликувано нашите претстави за животот, за убавината, за смислата на животот. Културата ги обликува нашите животни навики, но и нашиот поглед на светот. Таа од нас прави слободни, суверени, критички мислечки личности. Иако, историјата покажува дека културата постојано ја демне опасноста да пропадне во варварство од различен вид. Имено, среде врвната граѓанска германска култура, сепак, се случи Аушвиц. Како што и после цутот на руската литература и музика во деветнаесеттиот век, по ненадминатите творечки дострели на руската Авангарда од првите две децениии на дваесеттиот, во Русија по Октомвриската револуција уметниците како Осип Манделштам умираа по казна во советскиот Гулаг.

Затоа во овој контекст, не треба да се заборави парадоксот на културата, кој најпровокативно го изрази токму Т.В. Адорно. Филозофот, кој се восхитуваше на просветителскиот повик на Кант за критичко мислење. Композиторот, кој самиот беше сведок на пропаста на сите идеали на германската култура токму во Аушвиц. По тоа стравотно искуство, Адорно 1949-тата напиша дека „е варварски по Аушвиц да се пишува поезија“. А подоцна, во делото „Негативна дијалектика“, тој уште подрастично ја изрази парадоксалноста на културата кога напиша дека „по Аушвиц сета култура е ѓубре...“

Културно варварство

Од сознанијата на Адорно дека варварството е „темниот близнак”, кој постојано ја демне културата, би било погрешно да се извлече заклучокот дека еманципираното, модерно општество може да опстане и без културата. Тоа, впрочем, би противречело на сета филозофија на Адорно, во која уметноста има централно значење. Тој само укажува дека постоеја историски констелации во кои културата се предаде пред силата на идеологијата, на омразата кон различното и на вљубеноста во своето.

Националсоцијализмот и тоталитаризмот најнапред ја укинуваат слободата – на мислата и на творештвото – која е животниот елемент на уметноста и културата. Затоа таквите режими на местото на автентичната, слободна уметност ја поставуваат својата идеологшка уметност – кичот и епигонството. Тие со тоа самите ја деградираат уметноста во „ѓубре и невкус”. Во таа смисла, секое општество во кое уметноста, естетската сфера и културата стануваат секундарни и безначајн области, подредени на државната или на националистичка идеологија, самото се осудува на варварство.

Уметноста никогаш не го освојуваше светот со силата на крвавите револуции. Таа го преобразуваше светот од брутален во култивиран во еден долг процес. Уметноста, естетската сфера ослободува, е не заробува. Таа создава сеопфатно култивирани личности, кои стануваат патокази за другите. Адорно, на пример, беше најсуптилната, естетски најпрефинетата европска личност на дваесеттиот век. Во книгата „Минима Моралиа”, во еден фрагмент тој се опишува себеси како „билка од стакленик”. Адорно поседуваше неверојатно литературно и музичко образование. Композитор и филозоф, воспитан во традицијата на најблагородната германска култура. И токму тој мораше да ја напушти Германија за да се спаси од сигурна смрт во Аушвиц. Двете провокативни мисли на Адорно укажуваат на тоа колку лесно културата може да пропадне во варварство, доколку филозофијата и уметноста за миг ја заборават својата суштина и од критичко промислување на стварноста се преобразуваат во идеологија. Германскиот филозоф Мартин Хајдегер ја избра националсоцијалистичката идеологија како исполнување на својата филозофија, додека Адорно во таа идеолгија го виде крајот на западно-европската култура. Пред ужасот на Аушвиц, Адорно веруваше дека само атоналната музика, само гротеската и театарот на апсурдот на Бекет можат да ја изговорат вистината за лажната, нехумана стварност.

Меѓутоа, Адорно никогаш не ја заборави увереноста на Кант и Шилер, дека лагата на грдото и варварското ја прокажува, ја демаскира и кревкоста на убавината на еден стих на Јозеф фон Ајхендорф, на Хелдерлин. Инаку немаше да ја избере најубавата метафора за дефиницијата на уметничкото дело како „небески знак“ (Himmelerscheinung). Секако, силата на естетското, на убавината, споредена со грубоста, бруталноста на некултивираноста може да се пристори кревка, но таа не е воопшто немоќна.

Општеството кое целосно ќе ја занемари уметноста и културата се преобразува во хорда, во глутница, во безредие и хаос, а убавината отстапува пред грдоста. Што се случува во општествата како македонското, во чиј главен град веќе неколку години царува естетскиот невкус, грдоста, епигонското? Може ли да има една таква заедница јасно сознание за значењето на естетското воспитание на нејзините граѓани, кога, всушност, сите прифатиле да живеат во невкус и културно варварство? Која идеологија ја сугерираат спомениците и градбите во центарот на најголемиот македонски град? На што ги воспитуваат тие градби децата и младите луѓе со нивната изразита милитантност? На хуманост и толеранција или на милитантност и омраза? Погледнато од овој аспект, не зачудува што македонската заедница е длабоко поларизирана во омразата кон политичките противници. Не зачудува за едно општество, кое прифати да продолжи да живее во кулисите од невкус, да нема повеќе свест за значајноста на уметноста за хуманоста, за критичкото мислење.

Во целосната подреденост на културата на националистичката митологија, Скопје како културен центар доживеа пропаѓање во варварство. Секој што размислува критички, секој што уште поседува естетско образование и естетски вкус, мора да се праша дали во тие кулиси од невкус може да се создава автентична уметност. Не само врз нашето естетско доживување, туку и врз нашата способност за критичко мислење влијае естетскиот квалитет или естетскиот невкус во кој се одвива нашето секојдневие. Затоа мене воопшто не ме зачудува фактот што за политиката културата станува секоја година сè побезначајна. Тој што поседува естстеска култура, тој што ја познава важноста на уметноста за хуманоста на едно општество, не може да прифати да живее и работи окружен од невкус и грдост, како што е случајот со животот во македонскиот главен град. А затоа што речиси цела Македонија живее во Скопје, тогаш е јасно дека естетскиот невкус и културното варварство царува со сета земја. Последиците од тоа се погубни не само за културата, туку, пред сè, за естетското образование на децата и младите. Тие се осудени да растат со симболите за невкус и грдост.

 Слики: Свирачиња