Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (8)

02.03.2020 11:56
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (8)

 

„Последна граница - Истапени сечила“, Зоран Милошевски, ПНВ Публикации

Го викаа Најстариот Интервент. Но не беше премногу стар. Ниту, пак, беше премногу мудар. Беше само човек и како таков беше прилично свесен за своите ограничувања. Но сепак, беше најмоќниот човек на светот. Не беше крал, цар, ниту принц...Но сепак, на еден негов збор, милиони умираа. Не живееше во раскош, ниту пак, уживаше во него. Не уживаше ни во технологија. Сакаше да чита и тука лежеше неговата моќ. Беше неократ! Беше еден од оние што се заколнаа дека ќе го изведат човештвото на прав пат и не бираше средства за да ја оствари зададената цел. Непријател му беше секое уредување, секое општество, секој режим и религија...Сите оние што повикуваа на враќање во минатото, на заостанати нешта, на игнорирање на интелегенцијата, напредокот и развојот. Непријатели му беа сите оние што се спротивставуваа на еволуцијата на човекот. А ги имаше многу.

Нивните предци, првите неократи знаеја дека фронталното спротивставување е погубно за нив, знаеја дека нивниот глас ќе се изгуби како врисок во бура.Светот беше во лудило и му требаше нов почеток. Неократијата го понуди и доби шанса. Успеа да ги запоседне најголемите светски економии во тоа време и формираше нови како противтежа. Моќната Кина и државите од Змејот, ја формираа лабавата Синг Федерација, некогашниот главен светски хегемон САД, по неколкуте катастрофални депресии, се распадна на САД и Тексашко -алигенскиот сојуз.Државите во Јужна Америка навреме ја формираа т.н. Конфедерација на Јужна Америка и Бразил и се вивнаа економски, по кратката општа граѓанска војна. По страшниот пад на Европа од нејзините остатоци се формираа Скандинавскиот сојуз, друштвото што со сите сили се трудеше да го зачува лабавиот поредок што го одржуваа веќе 50 години, но сепак, богати со суровини и моќни. Источните држави -членки на Европа се приклучија на ѕверот од држава - Сесловенскиот сојуз, огромното чудовиште што ѕвечкаше со забите наоколу. Другите, оние првите европски членки, во страв од тотален економски и државотворен колапс, ја анексираа цела Сахара со нејзино одобрување. На тој начин повторно собирајќи ги сите територии од Античкиот Рим на исто место (со исклучок на Британија) и ја формираа Медитеранската Унија галопирачко општество, составено од евтина работна сила и најнови технологии. Општество расцепено од неократските убедувања на тие од европскиот дел на Унијата и неизменетите верски убедувања на тие од целата Сахара. Општество коешто цело време се тресеше дека ќе се распадне, но тврдоглаво се одржуваше на нозе, поткрепено од силните воено-полициски структури, коишто често излегуваа од контрола. Неократската Средна Земја повторно ги разбуди старите демони, најчесто во вид на Одредите на смртта , мешовитите елитни единици наречени Левенти. Секако, тука беа и десетиците орбитални градови, вселенски станици и колонии, Африка, Обединетото Кралство и сите оние што си го бараа своето место под сонцето.



Мрежата на Мамли“, Блаже Миневски, „Матица македонска“

По неколку минути, откако инспекторот смачка една шака мигдали од резервите во џебот, во собата влезе таа, сината со жолта коса! О-хо-хо, и сино и жолто! Плукната Штрумфета, помисли Мамли мавтајќи со сондата на детекторот како со палка. Никој да не зјапа во апаратот, рече. Никој! Може да го урочите! Ајде!Давај, нареди. И тогаш, по заповед, ѕурејќи во кругот што инспекторот го правеше со врвот на алатот, осомничената стишено призна дека решила сама да се раскринка како злосторник, дека нема потреба од детектор за таа намена, дека веќе ја има во главата комплетната пријава што доброволно ќе ја достави до обвинителството и одделението за организиран криминал.

Пред да го засука фустанот, ги погледна соборците залепени на ѕидот, го опчекори столот, како што веќе имаше видено низ клучалката од оставата, и почна: „Господине Мамли, сама се пријавувам дека во изминатите петнаесет дена седумпати учествував во активностите на заговорот... Во деновите на спонтан револт фрлив едно јајце кон Главната падарница, и јајцето со блесок се распрсна на ѕидот. Не ми дадоа друго јајце, и затоа морав да се задоволам со едно“, рече и седна. Во тој миг поручникот го вгради својот чудесен алат во приказната но Штрумфета како да не осети ништо. Продолжи со јајцата: „Подоцна фрлив две тазе јајца на капијата што ја изградија бостанџиите, и сега со убава жолта боја ја красат грдата, бесмислена арка, симбол на глупоста, незнаењето и насилството. Во овој случај јајцата си ги донесов сама, всушност донесов повеќе, ама бараа соборците, и јас, ете така, оти сум добра, како што гледате, ги дадов сите што ги имав без размислување. За возврат истите ми дадоа балончиња со боја. Го офарбав црвено едно од мадињата, левото, да прецизирам, левото на еден од лавовите, фрлив боја кон една посматрачница, не се сеќавам која, но не успеав да ја погодам, имав болки во раката па сега морам на терапија. Гледајте, господине Мамли, моето раче, мојата кутра рачичка“, рече но инспекторот си ја гонеше работата без да влегува во дискусија. Неговиот детектор за лаги има дисплеј кој покажува дали исказот е вистинит.При секоја лага го стресува осомничениот со нискофрекфентна струја. Затоа Штрумфета повремено малку се смутуваше крцкајќи со столчето, но Мамли си бркаше работа без да ја прекинува.Во продолжение жолтокосата призна дека дејствијата ги направила организирана со неколку роднини, пријатели и поединци што ги запознала на терен, а за кои појма немала кои се, ама супер се дружела, па ги примила во бандата. „Во повеќе наврати зборував пред различни групи, ги поттикнував да го почитуваат правото, да не дозволат да се крши, да се спротистават на сите што го напаѓаат сусамот и слободата. Притоа,се разбира, бев решена делата да ги повторам уште поорганизирано и уште поуспешно, а како хулиганка имав намера да направам и уште пострашни дела. Мојот организиран отпор требаше да трае се до воспоставување и зацврстување на владеењето на законите, демократијата и заштитата на човековите права. Ете тоа, да не речете дека не сум кажала, господине Мамли.Кажав, како што гледате.
 

Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (7)