Сексот може да биде забавен и за лицата со инвалидитет

02.03.2020 12:24
Сексот може да биде забавен и за лица со инвалидитет

Ова е приказната на Хрвоје Антонио Беламариќ, хрватски новинар кој за прв пат одлучи јавно да сподели дел од својот интимен живот. Да ги открие битките, стравовите и успесите со кои се среќава во настојувањето да се реализира и како сексуално битие.

Помислете што сѐ луѓето кои немаат телесна инвалидност прават за да имаат квалитетна љубовна и сексуална врска. Ние, пак, имаме уште илјада повеќе проблеми. Ако на „нормалните“ им е тешко да пронајдат партнер, можете ли тогаш вооошто да си замислите како ми е мене. Да водиш љубов со личност со инвалидитет често е невозможна мисија - но не и неизводлива.

Сексуалниот живот на луѓето со инвалидитет најчесто е очаен. Кога би се правела таблица на нашите проблеми, би изгледала, отприлика, вака: срам и молк, срам и молк, срам и молк... За нашите сексуални потреби и/или проблемите кои ги следат не се говори во семејството, не се говори на училиште, немаме советодалиште, а немаме ниту терапевти со кои би можеле да разговараме за да ги канализираме или реализираме своите сексуални желби. А имаме желби! Како и сите останати луѓе посакуваме љубов и внимание, посакуваме со саканата личност да го делиме секојдневието – размислувања, радост и тага, осврнување на актуелни настани, излегувања, дружење со пријатели, плаќање сметки, да си легнуваме и да се будиме заедно и, секако – да водиме љубов.

Од раѓање боледувам од церебрална парализа. Оштетен ми е центарот за рамнотежа па не можам да одам. Движењето и говорот ми се отежнати. Се движам исклучиво во инвалидска количка. Здравствените препреки се редовни, немам уредни сексуални односи. Покрај тоа, сам сум веќе четири години. Пред тоа, во моите 46 години, од нив дваесет и седум сексуално активни, сум имал две завршени двегодишни врски.

Сега живеам со мојата сестра. Таа се грижи за мене, за моите секојдневни потреби кои вклучуваат хигиена, облекување... сето она што физички не го можам сам. Мајка ми почина кога имав пет години, а пораснав со татко ми и сестра ми. За сексот, конкретно за моите сексуални потреби, никогаш не се говорело! Кај нас, а така е во повеќето семејства во кои постои лице со инвалидитет, тоа е табу тема. Во западноевропските земји потребата за секс кај лице со инвалидитет се третира како и сите останати потреби. Преку социјално осигурување се обезбедуваат посети од терапевт(к)и неколкупати неделно и – проблемот е решен. Според моите сознанија, постои дури и нега за личности со интелектуален инвалидитет, секако, зависно од нивната општа состојба.

Кај нас ситуацијата е дијаметрално поинаква. Никому не му е гајле! Препуштени сме сами на себе.

Првите сознанија за сексот ги стекнав во средно училиште, во Центaрот за воспитување, образование и рехабилитација Дубрава. Секако, не од наставниците. Ние, клинците, разговаравме меѓусебно за она што сме го прочитале или начуле. Но, мора на сите да им биде јасно дека луѓето со инвалидитет често се многу затворени и не се склони да зборуваат за себе, а уште помалку за сексот, за тоа што би сакале, а што можат, што е генерално вообичаено, а кон што, поради состојбата во која се наоѓаат, почесто прибегнуваат. Денес на младите им е полесно бидеќи го имаат „семоќниот“ интернет, па понешто може така да дознаат. Разговор со останатите луѓе, пак, е уште потежок.

Сигурно за вас не е вообичаено да разговарате со пријателите, на секојдневна средба, пиејќи кафе, за тоа што сакате или не во сексот, во што уживате повеќе или помалку, колку често мастурбирате и дали го правите тоа само тогаш кога сте во „соло“ фаза или и кога имате партнер.

За некој кој животот го минува во количка, имав релативно рано прво сексуално икуство. Имав 19 години. Случајно на еден настан запознав многу симпатична жена на 40 години, значи дваесетина години постара од мене. Почнавме често да се дружиме. Како вистински пријатели разговаравме за сешто и разговорите стануваа сѐ поинтимни. Таа зборуваше за својот брак и за сите незадоволства, а јас за своето неискуство, желби и потреби. Малку по малку стигнавме до тоа да посакаме да водиме љубов. Во мојот случај не постои спонтаност, туку моравме сѐ добро да испланираме: и каде и кога и како тоа да остане во тајност. За среќа, успеавме! За нејзината авантура и за моето губење невиност никој не дозна. Таа љубовна приказна не траеше долго, главно поради моето неискуство и страв.

Подоцна, до подолгите врски, се повторуваа слични образци. Имав краткотрајни авантури со жени кои беа разочарани и повредени во односите со своите дотогашни („нормални“) партнери. Некои од нив беа медицински лица кои имаа свест за лицата со инвалидитет и многу насобрани животни разочарувања. Постои и уште една група жени, кои се склони кон секакви сексуални експерименти, меѓу кои и секс со инвалиди. Не се за трајна врска, но претставуваат решение во одредени мигови.

Секако, зависно од искуството на двајцата партнери, сексот со лице со инвалидитет може да биде забавен и интересен. Додуша, не може да се случи спонтано, бидејќи за самиот чин е потребна подготовка. Тешко е да се очекува дека во настап на страст личноста во количка ќе скокне на својот партнер и ќе „тргне во акција“. Обратното е поверојатно, но не и лесно изводливо.

Освен незнаењето врзано за сексот и сексуалноста, друг проблем е што на лицата со инвалидитет им е тешко да пронајдат партнери. Уште потешко им е да влезат во подлабоки врски. Од една страна луѓето се срамат од нас. Не можат воопшто да се замислат во блиска интимна врска со лице со инвалидитет чиј физички изглед е нарушен од болеста. Сетете се само на сите грди зборови кои сте ги чуле на сметка на оние кои се дебели, превлакнести или слично, а обични луѓе. Ние живееме во свет во кој се негува и цврсто се одржува култ кон убавината. Сосем сигурно сте чуле за некоја цврста врска која се распаднала, после, на пример, сообраќајна несреќа од која еден партнер излегол жив, но со тешко телесно оштетување. Лицата со инвалидитет секојдневно се соочуваат со тоа.

Неодамна разговарав со една пријателка која заболе од мултипла склероза. После година дена болест нејзиниот, претходно солиден брак, потполно се распадна. Сопругот се спакувал и си заминал. Кај нас постои многу силна ментална бариера во процесот на пронаоѓање партнер – луѓето се срамат да бидат со лице со инвалидитет. Ги исмејуваме различностите, полни сме со предрасуди. Девојките не сакаат да бидат со дечко во количка бидејќи нивните пријателки не можат веднаш да ја видат неговата убавина.

Морам да кажам дека ниту лицата со инвалидитет често не се трудат доволно да се допаднат на спротивниот пол. Ако не сме убави, тогаш мораме да имаме добра приказна. Таа добра приказна често недостасува, а тоа потоа резултира во самотија, фрустрација, недостаток на партнери и секс.

Дури и кога имаш приказна, а јас мислам дека имам, тоа не е баш никаква гаранција за она бајковито „се сакаа и живееја среќно до крајот на животот“. Моите врски пропаднале на прозаични и секојдневи нешта. Тешко е да бидеш еротичен со личност на која, буквално, мораш да ѝ го бришеш задникот. Иако во двата свои обиди за заеднички живот со девојка, настојував да организирам некој друг да се грижи за моите хигиенски потреби, сепак не успеа да потрае подолго од две години. Жените се изморуваат, губат волја и интерес за личност на која мораат да ѝ ги задоволат сите основни потреби. Тоа и е главната причина поради која сега сум сам. И јас губам волја да објаснувам одново и одново, отпочеток. На лицата со инвалидитет им се префрла дека се напорни а нѐ гледаат само како врзани за количките.

Многу добри приказни се потребни за некој да се заинтересира, а потоа релацијата може да се одржува само со многу добра комуникација, искрена и многу отворена. Повторувам, дури и тогаш сѐ често пропаѓа поради баналности.

Одвреме-навреме некој ќе се осмели да ме праша дали размислувам за сопствено семејство. Некогаш размислував, речиси секојдневно. Сега веќе губам надеж бидејќи гледам како насекаде недостасува емпатија кон луѓето на кои им треба секојдневна и постојана помош во сѐ.

Хрвоје Антонио Беламариќ од раѓање болува од церебрална парализа. Тој е долгогодишен новинар и низ својата работа непрекинато ја подига свеста на луѓето за комуникација со луѓето со инвалидитет, прифаќање на различностите и максинална интеграција во сите области од животот.

Извор: www.reci.hr

ОкоБоли главаВицФото