Соживување

03.03.2020 15:16
Соживување

Кон „Одбројување“ на Фросина Пармаковска
(во издание на „Или-или“, Скопје)

„Одбројување“ е постапка со која започнува и завршува истоимениот роман на Фросина Пармаковска. На почетокот бројот се раскрупнува низ просторните далечини („улицата долга околу двесте метри“) и временските величини („има само неколку минути до таму каде што патувам“ и „мојот маж ќе спие наредните неколку саати“). На крајот броењето е ситно и единечно („три“, „два“ и „еден“). Зашто почетокот е одбележан со искраднување и бегање (од тегобната сегашност на домот), а крајот со итање (кон иднината и удвоениот живот). Суштински, и двете постапки претставуваат оддалечување и приближување со читателот. Првата е неопходна заради прегледност на раскажуваната приказна, втората е важна за врежување на прикажаната судбина. Крајниот ефект е неизоставно сраснување на приказната за читателот, преку негово соживување со романот.

А, одбројувањето низ романот, како и во животот, е ритмичен процес. Формално повторувачки, но неизоставно прогредирачки (по надолна или нагорна линија), тоа е чин на потполна свесност за времето. Поточно, одбројувањето ги бележи метрономските удари во романот, кои најчесто го следат тактот на часовите, минутите или секундите од денот. Така се создава привид за забрзаност на ритамот, кој го заробува вниманието на читателот. Ова е посебно видливо во сцените што го следат или му претходат на брачниот живот од главната протагонистка, оти тие навестуваат дека бракот не е сталожен и идиличен, ами турбулентен и трагичен (т.е. нарушен од душевно растројство на сопругот). Навистина, низ траекторијата на бракот, субјективното време на нараторот се реди „улаво набрзина“ и „филмски“ па личи на „забрзување на животот“. Единствени периоди на прекин, кога „времето запира“ или „зјапа“ се кусите мигови кои не се посветени на сопругот, ами на љубовникот. Сепак, главнината од времето е една голема врволица која стрмоглаво ита низ брачната удолница. Сопружничките односи таму неповратно се уриваат, а согледбите врзани за сопругата (или произлезени од неа) вртоглаво се менуваат. Па така, во изместената реалност на сопругот, партнерката е набљудувана со изразена недоверба и сомничавост, а првичниот израз на љубов и посакување се заменува со љубомора и осудување. Во тегобната реалност на сопругата пак, чувството на посакуваност бргу се заменува со чувство на силуваност и психичко насилство од партнерот, надополнето од физичко насилство на деверот и своевидна драма на заложништво од поширокото семејство. Во објективната стварност, ваквата поставеност меѓу сопругот и сопругата, напати следи обрасци на однос меѓу насилник и жртва, а некогаш заличува на професионален однос меѓу пациент и негувателка. Сите замени на местата и промени на чувствата, се случуваат заради прогресијата на болеста, која е опишана во продолжение на текстот.

Болест која ослободува од одговорност

Насилноста на релацијата (осведочена од сопругата), е едновремено оверена но и осуетена од болеста (на сопругот), заради неможноста за јасно лоцирање на вината (од страна на читателот). Зашто дијагнозата е психијатриска и тоа ја намалува критичноста и одговорноста на погодениот. Низ редовите на книгата Пармаковска дава енциклопедиски увид во тегобите и педантно ги прибележува промените кај болниот. Тука јасно се следи целата психологија и патологија на неговата личност. Во однос на психологијата, читателот дознава за епизода од детството обележана со чувство на напуштеност и запоставеност (заради неверство на таткото и последователна криза во бракот на родителите). Потоа ја следи младешката повлеченост, надоместена со чувство на самозадоволност и саможивост. Ги препознава и идеите на автореференцијалност (во кои пациентот се доживува како своевиден центар кој ги придвижува настаните), и магиското мислење (во кое неговата мисла се изедначува со вишата промисла, а објективно регистрираната промена се изедначува со субјективната намера). Како последица, психолошките механизми кои служат да ја надоместат траумата, се претвораат во патолошки процеси кои ја обзнануваат болеста. Па така, самозамислената важност преоѓа во убеденост за поседување ексклузивна сопственост над вистината, правдината и судбината, проследено со барања за апсолутна лојалност од сопругата, наспроти замислената одметнатост на остатокот од светот. При тоа, Пармаковска верно го слика портетот на растројство од шизофрениот спектар, опишувајќи ги делузивните идеи (кои не се темелат на реални настани и договори, туку врз замислувани теории на заговори) и аудитивните халуцинации (за гласови кои наредуваат или сакаат да контролираат). Не ја изоставила ниту мисловната дезорганизираност (со внатрешна логика на толкување настани од семејството и општеството, како и склоност кон наоѓање прикриени врски и кодирани пораки), неправилноста на циркадијалните ритми (со периоди на намален апетит и продолжена ситост, како и нарушени циклуси на спиење и будност), општата замисленост и сексуална незаинтересираност. И повеќе. Пармаковска (преку гласот на нараторката) живо ги навела впечатоците за болеста, но и нејзините отпечатоци врз околината (и тоа предимно врз сопругата).

Прељуба која ослободува од осуда

За сопругата, брачната заедница исполнета со неизвесност и ограничена способност за предвидување на реакции од партнерот, води до чувство на намалена контрола врз сопствената судбина и животот (т.е. феномен на научена беспомошност). Исполнета со постојана вознемиреност заради чувството на закана од опасност, оваа состојба наликува на своевиден синдром (на пострауматско растројство). Од другата страна на сопружничкиот живот жигосан од мигови на одбројување и постојано исчекување, пак стои прељубничкиот кој е пребоен од мигови на спокој и смирување. Тука прељубата не е чин на небрежност и понесеност од страст, туку на грижа и посветеност за себе. Тоа е помалку бегство од проблемите во емоционалност, а повеќе чин на револуционерност низ соочување со проблемите и враќање кон сопствената рационалност. Конечно, тоа е начин за справување и со фамилијарното опкружување. Зашто токму фамилијата и нејзиниот страв од гласините во околината, се главните темничари на бракот и кочничари на расплетот. Во такви околности, прељубата станува повеќе средство со кое се посега по самостојност и себеспознавање, а помалку цел за конечно избавување. Затоа случајот со прељубата се повлекува пред расплетот, ставајќи го зачнатиот живот на пиедесталот, на самиот крај од романот.

Кога раката на авторот го (ис)целува читателот

Гласот на Пармаковска ги вокализира мислите на сопругата, но често ги разгледува и намерите на сопругот. Значи нејзиниот глас служи како двоен разглас. За два светогледа: женскиот кој во случајот е непосреден и живописен, и машкиот кој е посреден, сложен, замрсен. Способноста да се извлече значење од навидум неповрзаното размислување (на сопругот), пропратена со успех при негово доближување (до сопругата и читателот), укажува на висок степен на сочувственост (на авторот за секој од ликовите во парот). Оваа способност да се разберат мислите и претпостават намерите на другиот, се знак за подлабок увид во неговата состојба на умот (т.е. извештеност во таканаречената теорија на умот), која е обично намалена кај растројства какво што е опишаното на пациентот, и затоа компензаторно нагласена кај нараторот.

Стилот на Пармаковска пак, како да го следи текот на свеста. Во нејзиното писмо течението на речениците оди напоредно со раѓањето на асоцијациите во мислите. Затоа, граматичката и политичка коректност често отстапуваат пред забревтаната зазборуваност, а правописот и совршената интерпункција ѝм даваат предимство на внатрешниот монолог и стихијната нарација. Па, речениците не завршуваат (со точка) онаму каде лекторот би ги сопрел, ами таму каде авторот се уморил од заитаните мисли и подзапрел. Ниту зборовите не се дообјаснуваат (во загради) или цитираат во дијалози (со наводници). Овде речта е вистински отпечаток на мислата, а зборовите се регистрираат тукуречи во нивниот изворен облик, соголени простум до словата. Конечно, зборот кај Пармаковска има поблиска врска со нервот (кој служи да го пренесе импулсот на мислата), одошто апаратот на говорот (кој служи да ја обликува мислата). Директната спроводливост на зборот (од авторката до публиката) резултира со зголемена приемчивост за истиот. Всушност, публиката станува медиум кој не само што го восприема сировиот облик на зборот, туку и го доработува до конечен впечаток. Таа е соучесник во раскажувачкиот чин и учесник во секој опишан настан. Публиката е невидлив, но постојано присутен лик во семејниот дом. Ги сведочи сите сплетки и сцени, се вслушнува во сите брачни кавги и ретки размирици. Конечно, таа е своевидно отелотворување на сите стравови од ликот на пациентот, оти го носи лицето на другиот кој (буквално) ги чита неговите мисли и (заинтересирано) ги следи сите негови постапки. Во така поставениот книжевен свет, судбината на ликовите станува пророчка, а приказната за засегнатите читатели е необично исцелувачка.

 Слики: Marion Fayolle