ЕУ река (47): Омилени народи од периферијата

03.03.2020 22:04
ЕУ река (47): Омилени народи од периферијата

По обединувањето на Германија, релативната тежина на Франција, како и на сите други земји во Европа, беше намалена на сметка на растечката сила и значењето на Германија, која воспостави „привилегирани односи“ со Соединетите држави. Токму САД беа единствената сила, од трите главни конкурентски сили „сојузнички“, која упати отоворена и недвосмислена поддршка за процесот на германското обединување.

И покрај тоа, и пред падот на Берлинскиот ѕид, Вашингтон - најпрвин Џорџ Буш постариот во 1989 година, а потоа и Бил Клинтон во 1994 година - на Германија ѝ понудија „партнерство во лидерството“, предложувајќи ѝ да заземе уште поважно место во Водството на Алијансата од она кое го имаше Велика Британија во последните 40 години.

Во такви услови, Франција за да не ја загуби поддршката од глобалните сили, стана неволен сопатник и ја прифати „новата реалност“.

Првиот голем предизвик на тој пат беше кризата во Заливот. Потпирајќи се на деголистичката традиција на „арапската политика“, Франција одржуваше привилегирани односи со Ирак од 1974 година до „заливската криза“. Меѓутоа, во времето на конфликтот помеѓу Ирак и Кувајт, следејќи ги САД во „одбраната на правата, но и нафтените интереси (...) долгорочно се поврзува со режимите со кои не одржувала никакви односи пред тоа, односно со феудалните монархии и (...) не помалку диктаторските режими од оној во Багдад“.

Значи, француската елита процени дека, при постојниот однос на силите, од интерес ѝ е да биде со САД и нејзините сојузници на Блискиот Исток, по цена да го изгуби секое влијание во Ирак. Кога, пак, станува збор за Југославија, поголем број фактори имаат значење за разбирање на францускиот ангажман. Иако секако не беше одлучувачки фактор, не треба да се потценува важноста која, особено кај постарите генерации политичари и дипломати, ја имаше историскиот фактор, односно колективното сеќавање на „француско-српското пријателство“.

Секако, со оглед на тоа дека споменатиот фактор не беше главен двигател на француското вмешување во Хрватска, БиХ и на Косово, потребно е да се издвојат некои поважни, структурни и конјуктурни причини, како што се партиската борба за доминација на домашното политичко поле, или верувањето дека созреал моментот Франција да го поврати изгубеното значење на надворешно-политички план. Токму 1990 и 1991 година, со падот на социјализмот на Исток, во Франција доаѓа до реконфигурација на политичката сцена и до ново дефинирање на расцепот лево - десно.

Иако надворешната политика никогаш не претставувала релевантен изборен аргумент во борбата за доминација на националното политичко поле, во овој формативен период станува пожелно најзначајните француски „партии од власта“, социјалистите и конзервативците, јасно да ги подвлечат меѓусебните разлики за конфликтот кој се одвива во „двориштето на Европа“.

Според сведочењето на Жак Атали, специјален советник и француски претседател, во книгата Беше еднаш Франса Митеран, споменатиот верувал дека југословенската федерација и СССР биле несомнено достигнување кое овозможувало да се избегнат војни во тој дел од светот. Од друга страна, Американците кои се надеваа на исчезнување на СССР, исто како него, на почетокот сакаа Југославија да се одржи.

Поддржувајќи ја југословенската федерација, Франсоа Митеран се најде во чудна коалиција, со Србија, Русија и САД, против Германците, Австријците и Италијанците. Во секој случај, претседателот на Франција сметаше дека треба да се направи сѐ за да опстанат СССР и Југославија, а во таа насока на 19 ноември 1991 година упати предупредувачка порака до југословенското Претседателство на Борислав Јовиќ: „Ние сакаме Југославија да остане Југославија. Не е пожелно земјата да се растури на неколку делови“.

Додека Австрија и Германија лобираа за признавање на Хрватска и Словенија, претседателот на Франција се буни и тврди: „Тие си играат со оган. Ако го направат тоа ќе има војна! Јас до крај ќе ѝ се спротивставувам на таквата политика“. Три дена пред состанокот на Советот на Европа во Луксембург, на 25 јуни 1991 година, Хрватска и Словенија прогласуваат независност, а набрзо потоа ги следи и Македонија. Австриската и германската политичка елита, поддржувајќи ги овие иницијативи, се натпреваруваат кој ќе биде побрз во признавањето на новите држави. Заради тоа Франсоа Митеран му се доверува на Атали: „Австријците и Кол ги туркаат Словенија и Хрватска да го направат тоа. Сега непризнавањето на Босна ќе биде невозможно. Тоа ќе предизвика масакар“, а бошњачките лидери „одат на најлошото, дури и против интересите на сопствениот народ, за да добијат поддршка од Западњаците“.

Со преземањето на власта од страна на десницата, односно со доаѓањето на Ален Жипе на чело на Министерството за надворешни работи, а особено со изборот на Жак Ширак за претседател на државата - кој уште во 1992 година повика на бомбардирање на српските положби во БиХ - доаѓа до порадикална реориентација на политиката на Франција на Балканот и, генерално, нов поглед на евроатлантските односи.

Парадоксално, иако на чело на државата по 21 година доаѓа некој кој се нарекува „деголист“, овој симболичен настан го означува почетокот на процесот на „деголизација“ на француската десница, односно нејзино „американизирање“, како на внатрешен (преку обидот за спроведување неолиберални реформи), така и на надворешен план (преку отфрлање на „головскиот“ облик на несогласување со ниту една друга голема сила и дефинитивно наклонување кон „американското лидерство“).

Кога дојде на ред Косово, важеше истата логика. Покрај тоа, политичката ситуација во Франција беше уште понестабилна за време на косовската криза. Кохабитацијата помеѓу десничарот Жак Ширак и владата на таканаречената „плурална левица“ (социјалистите, комунистите и зелените), на чело со Лионел Жоспено постојано предизвикуваше тензија во извршната власт. Меѓутоа, кога станува збор за Балканот, повеќе или помалку, на дело е континуитет на надворешната политика која во 1995 година ја втемелија Жак Ширак и Ален Жипе.

Со други зборови, во однос на „традиционалниот“ француски пристап, дојде до промена барем на три нивоа. Имено, Франција формално - иако реалната ситуација во пракса беше малку покомплексна - го присвои дискурсот за заедничка, европска и американска, политика на Балканот, без какво било индивидуално „искокнување“; потоа, се нормализираше империјалистичкиот дискурс за употреба на воена сила и таканаречената Кушнерова доктрина: „право на мешање во внатрешните работи на други држави“; и, најпосле, дојде до еволуција во становиштето кога станува збор за косовската независност (кога се напушта заклучокот на Бадентеровата комисија за неповредливост на републичките граници).

Освен во нијансите, помеѓу клучните партии на власт, конзервативците и социјалистите, во однос на Косово, како и речиси во сите меѓународни прашања во тој период, речиси и да немаше разлики.

Додуша, за разлика од САД, Франција до последен момент работеше на постигнување политички договор без употреба на сила.

Во моментот кога САД и земјите од ЕУ заедно, без одобрување на ОН и Советот за безбедност, ја започнаа интервенцијата на Косово, за да ја покаже својата кредибилност по потпишувањето на француско-британскиот договор за европска безбедност во Сен-Малу, односно за да не стане третокласна сила, Франција прифати второкласна улога. Во тој момент високиот функционер на француската влада тврдеше: „И покрај сѐ, имавме умерено влијание. (...) Меѓу другото, немавме друг избор, зашто ризикувавме во спротивно да бидеме сосема изолирани“.

Во тој случај, додаде еден друг дипломат од висок ранг, „што ќе добиевме освен тапкање по рамо од страна на Русија, Кина и можеби исто така Индија“.

Значи, и покрај тоа што француските дипломати и службите за безбедност беа поделени помеѓу две линии, традиционално просрпски и про НАТО, надвладеа токму про НАТО струјата, на чело со министерот за одбрана Ален Ришар, односно Франција да заземе „проинтервенционистичка“ позиција, од една страна, одважноста и тврдоглавоста на Милошевиќ, односно неговиот „мултирецидивизам“ (Ибер Ведрин), и, од друга страна, уште поважно - еден од приоритетите кој ги имаше Жак Ширак во својата политичка агенда - враќањето на Франција во интегрираната команда на НАТО.

Како што вели Ален Бадју, за да ги разбереме интелектуалните дебати за меѓународни теми во специфични национални контексти, маоистите своевремено тврдеа дека секогаш мораме да го земаме предвид приматот на внатрешните причини.

Со други зборови, најпосле, се работи за тоа дека токму факторите поврзани со национално важните идеолошки предизвици се тие кои ја одредуваат нашата позиција во однос на глобално важните прашања. Релевантноста на оваа теза може да се утврди и при анализа на заземањето позиции на француските интелектуалци и медиуми по повод војната во Југославија.

Зашто, клучните расцепи по повод Југославија во француското интелектуално поле во голем дел се токму израз на идејно-политичкиот контекст во Франција во деведесеттите години. За каков точно контекст се работи?

Со падот на Берлинскиот ѕид и СССР, либералниот оптимизам го устоличи уверувањето дека пред светот е период во кој за меѓународните односи веќе нема да биде примарна „играта на моќта“ помеѓу големите сили и традиционалните меѓудржавни сојузи воспоставени на голи интереси, туку владеењето на правото и универзалните норми. Уверувањето за новиот светски поредок кое ќе мора да го прифатат сите и чиј гарант, во зависност од случајот, ќе бидат НАТО и ОН, на тој начин стана дел од хегемониот дух на времето.

Заради убедувањето во важноста на наметнување универзално право на целата планета, оваа идеја во францускиот простор на јавноста стана доминантна уште од Заливската војна. Дотолку повеќе зашто хегемоните интелектуалци во таа мисија како сојузници ги имаа владејачките политички партии кои - и покрај бројните меѓусебни тензии - им биле идејно-политички блиски.

Така добивме фузија од универзални принципи, влада на лев и десен центар и идеи за праведни војни. Според тој образец, сите оние кои му се противат на „новиот свет“, уреден на принципите на правото и универзализмот, се третираат како остатоци од „стариот свет“, свет на бруталност, дивјаштво, наметнување волја, накратко: свет со анахроно вестфалско потекло. Во тој клуч, претставувањата на војните за југословенското наследство во Франција не можат да се разберат независно од ова пошироко интелектуално опкружување, и пред сѐ прашањата за европската политика, односно волјата да се конструира Европа која - како што сметаа некои - треба да прерасне во Соединети европски држави.

Така, новата Европа уште од нејзиното настанување се перципира како средство за борба против национализмот, кој во двете светски војни ја доведе старата Европа до граници на катастрофа. Една од најпознатите пароли која Франсоа Митеран постојано ја повторуваше во тој период е: „национализмот е војна“.

Токму тие национализми, за кои се мислеше дека се победени, односно дека се сосема маргинализирани со завршувањето на Втората светска војна, а особено со основањето на „Заедницата за јаглен и челик“, повторно ја оживуваат Југославија.

Значи, иако Падот на Берлинскиот ѕид и крајот на СССР го отворија процесот за вера во „крајот на историјата“ и за световниот „рај на земјата“, во кој Европа би се обединила околу хуманистичките, либералните и умерените идејно-политички концепти, паралелно со сеприсутниот либерален оптимизам се шири и загриженоста дека таквата идеална иднина би можела да биде доведена во прашање со случувањата во Југославија и дека би можело да се остварат црните предвидувања за „конфликт на цивилизациите“ (особено зашто „страните кои се во конфликт“ во Југославија им припаѓаа и на различни конфесионални кругови, католички, православни и исламски).

Во таа смисла, требаше бескомпромисно да се пресмета со националистичкиот вирус во Југославија, за тој да не го контаминира целиот континент.

Со други зборови, уништувањето на националистичкиот вирус, меѓу другото, така стана име на борбата за спречување истиот - со помош на домашната „црно-црвена оска“ - да ја зарази и Франција. Зашто, во Франција уште од 1983-84 година го гледаме јакнењето на Националниот фронт, со веќе постоечката Комунистичка партија, која и натаму е релевантен политички фактор.

Така врската помеѓу конфликтите во Југославија и идеолошката рекомпозиција на францускиот јавен простор станува директна. Зашто, покрај дебатата за Југославија, други две важни дебати кои се одвиваат во деведесеттите се поврзани со референдумот за Мастрихтскиот договор (1992) и со потпишувањето на Амстердамскиот договор (1997), со кои се етаблира патот кон сѐ поцврста европска интеграција. Кога Франсоа Митеран го најави референдумот за септември 1992 година, беше убеден дека ќе победи убедливо.

Станува збор за еден од неговите политички маневри од дијапазонот стратешки одлуки кои имаа за цел да ја поделат десницата. Меѓутоа, бидејќи кампањата веќе беше започната, ситуацијата беше таква што опозицијата од новата европска конструкција беше неспоредливо посилна од очекуваното и дека беше создаден расцеп не само кај десницата, туку и кај левицата.

Во истиот - опозициски - табор, кој на крајот освои 48,96 проценти од гласовите, се најдоа Национален фронт, деголистичката фракција на републиканската десница, но и ПЦФ, како и струјата на социјалистите кои веќе му се спротивставија на првиот европски пресврт на Социјалистичката партија од 1983 година (што воедно значеше и напуштање на социјалистичкиот проект). Значи, тоа се четирите главни опозициски сили во времето и на Мастрихтскиот и Амстердамскиот договор.

Кога почна војната во Југославија, токму овие политички, интелектуални и медиумски сили најенергично им се противеа на доминантните претставувања на настаните од Југославија и воената интервенција на Балканот од страна на Западот.

Значи, на дело е ефектот на рефлексија: оние кои беа наклонети кон федерализација на Европа, помалку или повеќе се истите кои ја поддржуваа воената интервенција во Југославија, додека оние што ѝ се противеа беа истите кои се спротивставуваа - од различни причини - на тогашниот проект за европски интеграции.

Во секој случај, француските интелектуалци и медиумите во склад со усвоените - глобални - интерпретативни рамки ги избираа своите „омилени народи“ на балканската периферија и својот талент и интелектуалниот капитал го ставаа во служба на спротивставените табори. Така, во јавноста беше забележлива конструкција на две опозитни категории: „универзалистичките“, „идејно-политички умерените“ и „проевропските интелектуалци“, „антитоталитаристите“, „бранителите на човековите права и угнетените нации“, кои го прифаќаат „американското водство“, наспроти „националистите“, „тоталитаристите“, „екстремистите“, „популистите“, „антиамериканците“, без разлика дали се работи за бранителите на „државниот резон“ или за непоправливите идеалисти.

Бернар-Анри Леви на следниот начин го опишува спротивниот табор:

„Шевенмон, Ле Пен, иста борба? Не го велам тоа. Како што не би рекол ни дека постои ист поглед помеѓу потписниците на петицијата - која ја покрена екстремната десница - против ударите на НАТО, или помеѓу комунистичките манифестанти и српските фашисти кои рамо до рамо дефилираат во Рим или Париз, пред амбасадите на САД.

Но, меѓу сите тие луѓе постои една заедничка рефлексивност, зашто споделуваат иста заканувачка визија не само за Франција туку и за Европа и моралот. Тие заеднички ја мразат не само ’Америка’, туку и она што екстремната десница ’во триесеттите години го нарекуваше ’внатрешна Америка’, и целиот тој инвентар лоши страсти е врската што ги спојува, односно таен пакт кој ги поврзува“ (Le Monde, 8.4.1999).

Со други зборови, од една страна ги имавме Добрите, оние кои сакаа европска унификација, мир, универзални вредности, а од друга Лошите „црвено-црни“, кои се борат за обнова на национализмот или комунизмот во Европа, наследствата од некои минати времиња.

„Тоа е терен (...) на кој Пасква, Шевенмон, комунистите и ултранационалистите ќе бидат поблиски едни со други, отколку што Марше му е близок на Митеран“ (Le Monde, 26.6.1993).

Интересна илустрација на оваа манихејска визија на клучните опозиции е токму цитираниот текст на Едви Пленел со наслов: „Национал-комунистички обиди: во Франција, како и во Русија, поранешните сталинисти и интелектуалците од екстремната десница сонуваат ’трет пат’, црвени и црни.“

Секое ускратување на поддршката од Европската унија - без оглед дали критиката доаѓа од изразено националистички и десничарски, или пак интернационалистички и левичарски кругови - претставено е во главните медиуми - како Ле Монд - како поддршка за националниот изолационизам и, индиректно, потенцијалните војни кои на Балканот веќе се реалност. Во тој контекст, додека Босна и Сараево станаа „симбол на плуралната и космополитска Европа која ја замислуваа поборниците од Мастрихт“ (Le Monde, 5.1.1993), национализмот, како што сведочи Серж Алими, еден од авторите на оваа книга, речиси од самиот почеток - што е поврзано со работата на медиумите - беше поврзуван исклучиво со Србија.

Делумно зашто српската војска беше најсилна и владееше чувство дека таа е одговорна за повеќето масакри, како и за оние најголемите. Во таа смисла, за разлика од „малите нации“ и малцинствата - кои се добри, угнетени, универзалистички настроени и се борат за својата слобода, односно за независност од бруталното и милитаристичко мнозинство - Србија и Србите станаа симбол на опресивното мнозинство и национализмот, како нарушувачки фактор во Новата Европа.

Иако со своето делување политичките и воените лидери на Србите во бројни ситуации објективно им даваа аргументи на таквите претставувања, ситуацијата на теренот сепак беше неспоредливо покомплексна.

Меѓутоа, за да се придобие поддршката на јавното мислење од Западот за нова војна - за војна која доминантните интелектуалци и медиуми ја претставуваа како борба за права, правда и универзализам - беше потребно сепак максимално да се поедностави сложената реалност и да се конструира голем заканувачки Друг, во ликот на Србија.

Србија, која од нивната перспектива беше родно место на нов вид „екстремизам“, кој го поддржуваат и непријателите на либералната демократија во Франција, односно „црно-црвената оска“.

Така, доминантниот дискурс во француската јавност ја афирмираше поделбата на Добро и Зло. Потоа, Злото го претставуваа сите оние кои не беа дел од таборот на Доброто, вклучувајќи го и најголемиот дел од интернационалистичките левичари кои - иако се работи за противници на секаков облик на национализам - непоколебливо го критикуваа и либералниот карактер на европската конструкција, и неолибералните реформи во Франција, но и авторитарните водачи на светската периферија.

Сепак, заради првите две ставки, сите противници и критичари на симплицистичките претставувања на настаните во Југославија се ставени рамо до рамо со Милошевиќ и другите „тирани“, непријателите на „слободниот свет“.

 

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гифови: Bill Domonkos
Извор: https://www.danas.rs


ЕУ река (46): Дубравка Угрешиќ - Ајде да се раздомиме!

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото