Неолиберализмот е метод за намалување на капиталистичките трошоци

04.03.2020 00:17
Неолиберализмот е метод за намалување на капиталистичките трошоци

Интервју со Јанис Милиос, професор по Политичка економија и Историја на економијата на Техничкиот Универзитет во Атина. Автор на неколку книги и директор на кварталното списание за економска теорија Тесис. Беше главен економски советник на Сириза до 2015 година.

Зачестената, некритичка употреба на поимот неолиберализам го испразни поимот од неговото значење, а постои и опасност да се сведе на обичен означувач на духот на времето. Дали може да го стесните поимот и да понудите оперативна дефиниција на неолиберализмот?

Неолиберализмот е вид политика која функционира во корист на капиталот и големите пари. Од една страна, тоа подразбира мерки за штедење, односно намалување на платите, пензиите итн, а од друга страна приватизација, што значи дека приватниот капитал ќе ги освојува сите сфери од општествениот живот и производството кои до неодамна оперираа на јавна правна основа.

Во некои случаи јавните добра одеднаш стануваат приватни добра по што доаѓа до промена на цените и воспоставување поинаков вид алокација на ресурсите. Во други случаи, се работи само за промена на правните форми на претпријатијата. Во секој случај сведочиме дека таквите промени, помалку или повеќе, исто така значат последици за работните луѓе, односно доведуваат до губење одредени права или дел од приходите.

Третиот степен на она што го нарекуваме неолиберализам е распространување на финансискиот сектор во смисла дека финансиите станаа регулатор на севкупниот општествен живот, а не само пазар на капитал. Домаќинството се трансформира во финансиска единица па доаѓа до пораст на хипотекарното задолжување, потрошувачкиот долг, студентските кредити итн.

Поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис, во дискусија за кризата во еврозоната, се залагаше за воспоставување механизам за рециклирање на економските вишоци на европската периферија. Таквата интервенција, слична на Маршаловиот план, ја претстави како алтернатива на неолиберализмот, кој го смета за погрешен пристап на кризниот капитализам, дури и од позиција на капиталот. Дали неолиберализмот може да биде корисен за капиталистите како метод за разрешување на противречностите на капитализмот во криза?

Станува збор за две нешта. Прво, технички гледано, неолиберализмот е метод за намалување на капиталистичките трошоци по единица произведена стока и тоа, секако, е единствениот директен односно спонтан начин за излегување од кризата зашто капиталот не е заинтересиран за побарувачката, туку за вишокот вредност, односно преферира помало производство со повисока стапка на профит по единица вложен капитал.

Агрументот против тезата која штотуку ја изложив гласи дека мерките за штедење се рецесиска политика. Меѓутоа, рецесијата, особено во време на криза, станува она што Шумпетер го нарекува „креативна деструкција“. Значи, преку ослободување на пазарите од неадекватно валоризираниот капитал и преку ослободување на целата капиталистичка економија од бенефициите кои ги уживаат луѓето кои не создаваат профит за капиталот, доаѓа до нов циклус на висока профитабилност и, најпосле, зголемување на нивото на производството.

Ако посегнете по првиот том на Капиталот, ќе видите дека времето кога е пишуван, односно, за време на подготовките на второто издание, односно 1870, 1871 година, во Лондон многу луѓе умирале од глад, за што известувал англискиот печат, а и Маркс исто така ги споменува овие новинарски приказни. Аналогијата е во тоа што и тогаш станувало збор за период на екстремни мерки за штедење и намалување на платите. Секако, тогаш капитализмот не бил толку добро организиран, а и платите биле пониски и во поголем дел биле реализирани преку институтот милостина и преку организираниот систем за социјална заштита и поддршка за сиромашните.

Но, тогаш биле видливи знаците од екстремните мерки за штедење кои однеле многу животи, како она што можеме денес да го видиме во многу сиромашните делови од светот, но капиталистичката економија регенерираше и отпочна нов циклус. Значи, се работи за мошне неправеден систем и треба да бидеме свесни за тоа. Меѓутоа, решението не се наоѓа во заговарање некакви подобри идеи и во уверувањето дека властите или еконмските лидери се виновни и дека мора да поддржат некоја подобра идеја, туку клучот е во односите на општествените сили.

Ако постојат општествени движења и силно работничко движење, штрајкови и барања за поинакво општество или на пример за заштита на економијата и потребите на општеството, што подразбира јавни добра, минимални плати и слично, тогаш со вршење притисок можеме да достигнеме некои цели и победи. Имено, во овој систем капиталистот има право да бара поголеми профити, а работничката класа, односно наемните работници, имаат право да бараат поголема плата и подобар систем за социјална заштита, односно животен стандард, што значи помали профити, односно поголем трошок за капиталистите. Помеѓу овие две легитимни барања пресудува единствено силата, т.е односот на силите.

Сметам дека значењето на прогресивните влади би требало да се согледа токму во тоа дека тие треба да штитат или да им отвораат простор на народните мобилизации и да ги поддржат движењата кои како конечна цел имаат улога да го променат системот во прогресивна насока.

Од формирањето на владата на Сириза, улогата на партиското раководство беше диспропорционално нагласена во однос на протестниот импулс одоздола, чиј мобилизациски потенцијал можеше да биде значаен фактор за алтернативниот план за Грција. До какви проблеми доаѓа кога номинално прогресивна партија ќе ги занемари барањата на својата база?

Единствен алтернативен план беше постојано да се спротивставува на мерките за штедење до самиот крај и да не се согласува со мерки кои би ја помогнале реконструкцијата на неолибералната рамка. Тоа беше алтернативен план кој требаше да се штити и поддржува до самиот крај, а конечната одлука да се остави на народот и мобилизациите. До тоа не дојде, но мислам дека европската левица може многу да научи од искуствата на Сириза - не само од неуспехот заради потпишувањето на новиот договор, туку и од нејзиното јакнење и моќта која ја имаше во кризните години.

Сириза е основана 2004 година и беше мала партија која со децении имаше гласачко тело од 3-5 проценти, како и групации и партии кои ја основаа. Значи, сите мораме да учиме од тоа искуство и неговите позитивни аспекти, кои може да се согледаат во тоа што една мала партија успеа директно да ја дешифрира моменталната коњуктура, да интервенира во неа, да ги поддржува движењата и да ја добие нивната поддршка и на тој начин сосема да ја промени политичката сцена на една западна капиталистичка држава.

Не верувам во стариот тачеристички слоган TINA (There Is No Alternative - нема алтернатива), а не верувам и во неговата неодамнешна, односно трансформирана верзија, според која Европската унија, односно поконкретно еврозоната не можат да се променат и затоа е нужно да се влезе во компромис ако не сакаме колапс на државата. Секогаш постои алтернатива.

Во Грција постои разгранета мрежа на различни паралелни економии. Какво е нивното место во поширокиот политички спектар на борба? Дали ваквата паралелма инфраструктура може да послужи како своевиден резервоар на политичка субјективизација?

Постојат исклучително важни мрежи на солидарност, на пример, докторите и другите кои работат без плата или некој друг облик на приход за да ги поддржат луѓето кои не можат да пристапат до приватниот или јавниот здравствен сектор, иницијативи кои ги опслужуваат луѓето со храна и слично. Иницијативите кои целат кон преземање контрола над одредени средства за производство и затворени претпријатија за да изградат кооперативи кои ќе изградат поинаков вид општествена економија, досега беа мошне неразвиени, иако и на тој план постојат добри примери. Сметам дека треба да вложиме напори во репродуцирање на вакви видови иницијативи.

Илустрации: Steve Cutts

Извор: http://slobodnifilozofski.com