Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (9)

04.03.2020 10:43
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (9)

 „Пагански времиња“ од Драги Михајловски и „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова.

„Пагански времиња“, Драги Михајловски, „Просветно дело“

Си оделе така пеш, уморни од едноличната работа, Чумата, Треската, Колерата и Смртта по завеаниот пат од селото Кучевиште до населбата Бродец над Скопје, и, за чудо, веднаш, без многу перипетии и други ујдурми, стигнале до целта. Како, не знам, зашто првин никој не оди по овој пат зиме, во ноември, по вртоломот на Митровден, кога ќе падне, како што се вели, снег до колена, а ноќта спроти денот кога започнува зимата е најдолга, денот најкус и најмрачен; и второ, никој тогаш не ни помислува да тргне нагоре, зашто цело време на угорницава, од густата дабова и букова шума демнат и завиваат и повтат да те истурат глутниците настрвени и гладни волци. Со нормално одење пешки, лете, кога нема снег или незгодни кашканици на асфалтот, од црквата Свети Спас во селото Кучевиште горе до Бродец или од селото Радишани преку Побожје и обителот Света Богородица, има најмалку еден час одење на нозе, но зиме, ако некој воопшто се осмели да пешачи по снегот, му требаат најмалку еден час само по ридот до над Побожје и манастирот погоре опкружен со конаци и црква внатре, а оттаму до Бродец уште најмалку еден час!

Може ќе прашате што барале таму суштествата по гадното невреме? Дали посакале, застанати горе на ветрот, од овие височини под врвот Рамне на Скопска Црна Гора, да го погледаат, колку да им помине времето, сивиот и загаден, главен град на Република Македонија или дошле да ги видат многуте цркви и манастири од четиринаесеттиот век што ги има во сите села на Скопскоцрногорието и го оправдуваат името на целата област, Скопска Света Гора, изградени од српските кралеви по урнек на Света Гора на полуостровот Атос во Грција? Или пак, што е сосема можно, друга тајна задача им беше дал Семоќниот што им ја шепнал на уво за никој од потчинетите да не чуе.Тие молчешкум, неми како риби, што би се рекло, ја примиле наредбата, слегле на земјата и веднаш, ни пет ни шест, тргнале да ја исполнат задачава. Се разбира, потајно, зад грб, секако, малограѓаните на небо и истите такви на земја, штом Господ не рекол јавно зошто ги испраќа недугавиве на земјата, верувале дека Он ги испратил по Негова работа, оние на небото по земска, а оние на земјата по небесна, само што заповедите сега ги дал посредно, метафорично де, иако работата требало да се заврши веднаш, без никакви тегнења и одолговлекувања!

Зошто така правел, односно зошто заповедал посредно, знам ќе прашате. Одговорот е не знам, не е моја работа, Он е Господ, Он го создал сиротиов свет и може да прави со него што ќе му падне на ум, да не бидам прост па да речам што ќе му прдне на памет! Иако заповедта била посредна, демек ти говорам золво, досети се снао, извршувањето требало да биде непосредно, директно де, што на ум тоа на друм! Глупости ќе речете! Но, не биле!Веќе ви реков дека Он бил семоќен и можел да прави што сака со светот и неговото устројство. Не, не бил Он интелигентен, туку само селски лукав!А лукавството, итрината е поопасна од интелигенцијата, бистрината! Во секој случај имал Он доволно вродена памет да им го наметне на простата раја своето, односно она што го барала оваа огромна проста маса од Него!

„Песот со тажен поглед“, Оливера Николова, „Матица македонска“

Присобрани бевме од боиштето кај Ниш. Се уште ми се умножуваше во умот она безмилосно тракотење на возот, во сточните вагони каде што поминавме неколку деноноќија, гладни и без вода, покрај неразбирливите прекини на пругата, и ѕиркајќи здивено преку решетките за отвори. Се уште дишевме небаре оттаму, шумно, грабајќи го заснежениот воздух на таа ноемвриска 1914 година,и притоа газејќи ги сопствените фекалии што си ги размачкувавме со некакво животинско дивеење. Но сега, пред салата за операции, нашите лица сепак вџасено се развлекоа од топлината што ни требаше, иако со неа, токму оттаму, не удри една таква тешка реа, што само измачени луѓе како нас можеа да ја сметаат за благодат.

Жената се доближи до мојата испарталена униформа, фрли лут поглед, и бидејќи не виде никакви знаци за чинот, ми се обрати, пак само мене, на чист германски.

„Австриски заробеници?Сега ве истоварија?“

Кивнав. Како тоа само од мене да се очекуваше.

„Доаѓаат ли други зад вас?“

„Околу двеста“, реков кратко.

„Ранети“?

Не прецизира дека ги смета за непријатели. Само офна, пред и да го добие одговорот. Но пак гледаше само во мене, небаре јас ја маѓепсував со нешто. Се потргна малку за да обезбеди премин на збутканите редари кои ја поместуваа редицата од носила со ранети, се сврте, свика нешто на некој друг јазик, и одново се втеренчи во мене. Не го препознав тој јазик, но важно таа зборуваше германски и моите идни пресметки го вклучија овој податок за мошне погоден.Тогаш не знаев дека зборува потполно уште други четири-пет јазици меѓу кои и унгарски, така што нејзиното присуство заличе на ненадејно пронајдена скапоцена оаза каде од еден ист извор ќе пијат измешаните народности и јазици. Само меѓу војниците, под знамето на Австрија, се бореа, покрај Унгарците, и Чеси, Словаци, Хрвати, Полјаци, Словенци, Далматинци, Романци и Евреи - да не се спомнува ситнишот што се прелеваше час кај едни, час кај други, Циганите, на пример, таа жилава раса достојна не само за презир, туку и за восхит. Сите зборуваа на својот јазик, сите бараа да им се зборува на него. Но Унгарците, по некој чуден навик, уживаа да создадат мака за разбирање:наредбите намерно ги сфаќаа погрешно, ги испревртуваа, очигледно смислено за да го избегнат нивното исполнување.Сега зад мене и зад Јон, од другите петтмина, двајца беа Унгарци и тие ми се ѕвереа во лицето, за да им преведам што кажува жената. Но јас молчев, решен да го прикријам знаењето на унгарскиот, за некој покорисен момент.
 

Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (8)