ЕУ река (49): Интегритет наместо идентитет

05.03.2020 18:26
ЕУ река (49): Интегритет наместо идентитет

Последниве неколку години штом ќе го слушнам зборот идентитет добивам силна алергиска реакција. А овој збор го слушам насекаде и постојано. Мојот живот не е лесен. Не е лесно да се живее со алергија, особено не ваква. Другите луѓе можат да ги контролираат своите алергии. Алергични се на млеко, се откажуваат од млекото, алегрични се на полен, можат да почекаат да помине времето на цутење. Мене можете да ме замислите како личност која е алергична на пчели, а живее во глобална кошница. Мислам дека се предозирав со идентитетот.

Затоа што со тој збор во мојата поранешна татковина долго и упорно ги напаѓаа моите слушни канали, чукаа по моите ушни тапанчиња до изнемоштеност, ме тепаа со овој збор како со прачка. Не е ни чудно што развив хронична аверзија. Моите поранешни сонародници толку се дереа и кукаа, толку врескаа и јачеа бранејќи го својот национален идентитет, толку се удираа во гради со истиот тој идентитет, и лично и колективно, толку лаеја и режеа и блескаа со очниците и со кучешките ременчиња што едноставно не можев да не ги слушнам. На почетокот си мислев, остави ги, на луѓето најверојатно им треба тој национален, етнички, државен идентитет, нека го имаат, што може да биде лошо во тоа. Навистина бев ПК (политички коректна), го почитував нивното тежнеење за идентитет. Јас лично го немам, ниту сега го имам, ниту тоа нешто ми недостасува. А потоа тргнаа едни на други како бесни пци, повторно во одбрана на својот идентитет. И мене, кога веќе сме кај тоа, ме зедоа на заб. Како можеш без идентитет, режеа. Благодарам, не ми треба, само вие продолжете си, јас, навистина, сум алергична, љубезно им одговарав. Не помогна, тргнаа на мене, се обидоа да ми стават кучешко ременче, какво што и самите носат, но, фала богу, некако им се измолкнав. Така барем мислев.

Бидејќи за да можам да избегам морав да ја покажам идентификациската табличка обесена под вратот, мојот пасош. Без него не можам никаде да одам, секогаш кога поминувам некоја државна граница ми бараат да го покажам. Во секој формулар што го пополнувам морам да го впишам тој идентитет. Инаку, по професија сум писателка, nobody is perfect, секој на некој начин го заработува својот леб, но како резултат на тоа, еве, испаѓа дека сето она што го напишав не го напишала писателка, туку хрватската писателка. Ах, тој идентитет!

Го променив местото на живеење, малку помогна, но не премногу. Идентитетот и понатаму го вдишувам како поленов прав, овој збор и понатаму одѕвонува околу мене како мантра. Постојано кивам, на очите се појавуваат алергиски солзи. Ете, неодамна, на пример, гледам една американска телевизиска емисија. Некоја млада жена решила да отвори салон за потстрижување на мажи, кои, како што вели, би ги потстрижувала гола. Некоја жена шиша гола, што има лошо во тоа, мислев. И веќе бев подготвена молчешкум да ја поддржам, додека жената во еден миг не се развика во камерата: Тоа е мојот одамна баран и пронајден идентитет!

Понекогаш мислам дека Мадона е виновна за сè. Откако на светот му ја објави својата ритмична мисла – Express yourself, don’t repress yourself – целиот свет се нафрли да го експресира својот потиснат идентитет.

Да, овој збор е света мантра. Нема да помине ни ден а да не слушнам: That’s my identity! Океј, имате ли нешто друго на репертоарот, си мислам, но ништо не кажувам. И понатаму ги почитувам туѓите идентитети, што да правам, пристојна сум. Понекогаш дури и ги сожалувам, некогаш излегува дека со градите на својот идентитет најмногу се удираат оние што ништо друго и немаат.

Малку ми олесна кога во еден јапонски бестселер ја прочитав реченицата: Дојди да те запознам со мојата мајка, која порано беше мој татко! Реченицата ми се допадна многу. Во една американска телевизиска реклама убавата Линда Еванџелиста ја кажува реченицата: I don’t have any identity! Излегува дека identity е име за нов вид кредитна картичка. И тоа ми се допадна. Првпат ми падна на ум дека луѓето грчовито се држат за своите идентитети баш затоа што знаат дека идентитетите се лесно заменливи. Затоа во употреба треба да се воведе нов збор – интегритет. Затоа што интегритет можат да имаат и личности без идентитет, како што сум јас, на пример. Идентитетите се заменливи, како пасошите. Интегритетите не. И сега, нели сум во право, докторе, кажете ми?

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска
Извор: Dubravka Ugrešić, Nikog nema doma, Fabrika knjiga, 2005.

ЕУ река (48): Птичјиот пазар во Москва
https://okno.mk/node/83319

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото