1017 hPa
56 %
19 °C
Скопје - Вто, 17.09.2024 10:59
Идеја-водилка во денешниот политички систем е слободата на избор. Тоа е уверувањето дека, ако идеалите на слободниот пазар се применат во сите општествени сфери, луѓето ќе бидат ослободени од стисокот на мртвата рака на државата. Така желбите и потребите на поединците стануваат примарен двигател на општеството.
Но ова довело до необичен парадокс. Во денешната политика вооошто немаме избор, нема никаква алтернатива.
Тоа било во ред додека функционирало, но од 2008 трае постојана економска криза, и се чини дека шансите овој систем да се извлече се сѐ помали. Би се очекувало дека во одговор на таква криза ќе се појават нови, алтернативни идеи. Но тоа не се случи.
Никој, не само на левицата, туку воопшто, не истапи и не се обиде да ја придобие јавноста со визија за поинакво водење и организирање на општеството.
Тоа е малку чудно, па решив да раскажам неколку приказни за тоа зошто ни е невозможно да замислиме каква било алтернатива. Зошто сме опседнати со идеологијата на нашето време, толку многу што надвор од нејзините рамки не умееме да размислуваме?
Првата приказна е насловена
САМО РАЗМИСЛУВАЈ
Тоа е приказна за современите тинк-тенкови и за тоа како тие на необичен начин го оневозможиле размислувањето.
Тинк-тенковите (think tanks - „резервоари за мисли“, „аналитички центри“) денес ја опкружуваат политиката, а токму од нив се очекува да генерираат нови идеи. Но, ако се вратиме назад и погледнеме како настанале – кој и зошто ги измислил – ќе откриеме дека тие не се баш онакви какви што се чинат на прв поглед. Дека всушност можеби немаат никаква врска со вистинскиот развој на нови идеи, туку дека станале гранка на PR индустријата, чија цел е нешто сосем спротивно – бесконечно да го промовираат и да го оснажуваат општоприфатеното политичко мислење.
Во оваа работа биле толку успешни што многу од нив станале и сериозни препреки за вистинското размислување за новите визии кои би го промениле општеството кон подобро.
Ова е фантастично откачена приказна за англискиот начин на живот, која ви открива свет малку налик на овој од сјајниот роман „What a Carve Up“ од Џонатан Коу, со тоа што овој свет е реален. Ова што следи е швркната приказна за разните работи кои вообичаено не се поврзуват со тинк-тенковите – пилиња, пиратски радио станици, пензионирани полковници, Жан Пол Сартр, Screaming Lord Sutch, а во срцето на таа приказна е драматичното и брутално убиство извршено од еден од луѓето одговорни за препородувањето на слободниот пазар во Британија.
Ентони Фишер го измислил првиот современ тинк-тенк во педесеттите години од минатиот век - Институтот за економски работи. Оваа организација послужила како модел за практично сите денешни тинк-тенкови.
Фишер подоцна ќе основа уште 150 тинк-тенкови ширум светот.
Но, во почетокот на педесеттите тој бил изолирана фигура, во целосен расчекор со духот на времето. Работел со својот пријател, мајорот Оливер Смедли, во мала канцеларија во зафрлена уличка во централен Лондон. Фишер и Смедли воделе приватна војна против државното планирање, кое требало да ја обнови Британија после војната – бидејќи биле убедени дека тоа ќе доведе до тоталитарна држава и до крај на демократијата.
Фишер и Смедли се запознале на состанок на една маргинална организација под име „Друштво на индивидуалисти“. Се спријателиле, оти и двајцата биле убедени дека навидум безопасните државни агенции, Советот за контрола на млекото и Советот за контрола на јајцата, всушност се непријатели на слободата. Мајорот Смедли ја основал организацијата под име „Лига за евтина храна“, а неговиот прв памфлет носел прекрасен наслов „Вашата риба“.
Ентони Фишер бил снажно, аскетско момче, кој учел на Итон и Кембриџ. Верувал во христијанската наука и бил склон кон длабоки депресии. Многу време минувал на фармата во Сасекс и бил убеден дека комунистите се инфилтрирани во естаблишментот (како што, секако, и биле).
Смедли бил повеќе човек од акција. Постојано создавал групи како Совет за намалување на данокот, а водел и инвестициска школа која издавала дипломи за кои и самиот Смедли признавал дека биле неважечки. Имал и сметководител кој бил во затвор поради фалсификување чекови. Менаџерот на банката кого тој сметководител го измамил извршил самоубиство.
Луѓето како Фишер и Смедли биле на самите маргини на почитувањето во текот на педесеттите, и медиумите никогаш не се бавеле со нив.
Биле игнорирани, бидејќи практично сите политичари и коментатори и на левицата и на десницата верувале во кејнзијанската идеја дека државата треба да интервенира во раководењето на земјоделството. Сите верувале дека, ако слободниот пазар се препушти на себе, тоа ќе резултира во катастрофа – што и се случило во триесеттите. Фишер бил конзервативец, додека Смедли бил либерал - но двајцата верувале дека нивните партии ја водат Британија кон пропаст – заведени со лажните соништа на самопрогласените стратези.
Еве една снимка, каде мајорот Смедли на седницата на Либералната партија во 1961 година дрдори против Заедничкиот пазар. Само што основал уште едно здружение именувано „Не дозволувајте влез на Британија“. Го презирал Заедничкиот пазар, бидејќи тој претставувал уште еден обид да се планира и контролира земјоделството. Публиката го испратила со млак аплауз. Во емисијата следи благонаклон разговор со еден искрен либерал кој верува во планирање.
Уште во 1947, Фишер прочитал во списанието „Reader’s Digest“ напис за еден австриски економист по име Фридрих Хајек. Се работело за резиме на Хајековата книга „Пат во ропство“, каде Хајек пробувал научно да докаже дека секој план на политичарите да го организираат општеството така за луѓето да бидат слободни и да живеат подобро, е осуден да донесе целосно спротивен резутат – колапс на слободата и демократијата.
Така еден ден Фишер собрал храброст и заминал да го посети Хајек на Лондонскиот економски факултет, каде овој предавал. Фишер побарал совет од Хајек – дали да влезе во политиката и да проба да ја спречи претстојната катастрофа.
Хајек отворено му рекол на Фишер дека тоа би било бескорисно, бидејќи политичарите се затвореници на преовладувачките ставови. Наместо тоа, рекол Хајек, Фишер би требало да проба нешто многу поамбициозно – да го промени начинот на кој политичарите размислуваат, што се однесува до промената на климата на мислење која ја опкружува политичката класа. Фишер си го запишал она му го кажал Хајек.
Го објаснил својот став, дека пресудно влијание во борбата на идеи имаат интелектуалците, кои ги опишал како „трговци со половни идеи“.
Хајек му рекол на Фишер да основа, како што го нарекол, „научен институт“, кој би функционирал како дилер на половни идеи. Целта цел на тој институт требало да биде да ги убеди новинарите и влијателните коментатори дека државното планирање води во целосен кошмар, и дека единствениот спас за Британија се крие во враќањето на слободниот пазар. Ако успеат во тоа – би извршиле притисок врз политичарите и Фишер би го променил текот на историјата.
Ентони Фишер бил маѓепсан од таквата визија. Но, тогаш целата стока му починала од болеста слинавка. Меѓутоа, добил компензација од државата (која злобниците би можеле да ја наречат субвенција) и заминал на пат во Америка.
Во Њујорк Фишер го запознал вториот десничарски економист, „Болди“ Харпер, кој му претставил две нови идеи. Првата била концептот на „тинк-тенк“, а втората одгледување на бројлер пилиња.
Фишер и едното и другото го донел во Британија. Прво ја основал копанијата „Buxted Chickens“, каде десетина илјади пилиња биле гоени на нов начин. Вовел фабричко одгледување во Британија. Технологијата му овозможиле драстично да ги намали трошоците и некогаш луксузната храна да ја направи достапна за сите. И сето тоа без државни субвенции – покажал што може слободниот пазар.
Но фабричкото одгледување станало контроверзно. Ова е инсерт од документарецот на Би-Би-Си од 1960 година. Тука гледаме еден сјаен фабрички одгледувач – следбеник на Фишеровите методи – кој одговара на новинарските прашања возејќи се во својот ролс-ројс. Тој тврди дека ако пилето е дебело, тоа значи дека е задоволно. Ова придвижува многу чудна расправа околу тоа дали имало дебели луѓе во нацистичките концентрациони логори, и ако имало, дали биле задоволни. Ова е сјаен пример за тоа каде може да ве одведе уредничката непристрасност на Би-Би-Си.
Ентони Фишер се збогатил со фирмата „Buxted Chickens“. Потоа тој и Смедли ги искористиле тие пари за создавање на првиот тинк-тенк во Британија, во својата канцеларија во улицата „Остин Фрајерс“. Го именувале Институт за економски работи. И како што се надевал професорот Хајек, таа организација сериозно ќе го промени текот на историјата.
Идејата за тинк-тенковите е измислена во Америка. Нејзините корени се во истражувачки и развојни групи основани од владата и војската за време на војната. Нивна цел била во време на криза да размислуваат имагинативно, да пронаоѓааат нови начини за решавање на проблемите кои ќе придонесат за воена победа. Работата продолжила и после војната во RAND корпорацијата во Калифорнија, тинк-тенк финансиран од државата. Тука биле вработени научници и економисти, кои пробувале да осмислат нови стратегии за борба во Студената војна, но и нови темели и концепти на функционирање на државата.
Еве ги како размислуваат:
Тинк-тенкот што Ентони Фишер го основал бил сосем поинаков. Целта не било смислување нови идеи, бидејќи веќе ја знаеле „вистината“. Веќе ги имале сите неопходни идеи во книгата на професорот Хајек. Целта било влијание врз јавното мислење.
Тоа било значајно отстапување од моделот на RAND – била напуштена идејата да се биде производен погон на идеи. Сега тоа било одделение за продажба и маркетинг на она што Хајек отворено го нарекувал „половни идеи“.
За таа цел, Фишер и Смедли знаеле дека морале да ги скријат вистинските намери. Во 1955 Смедли му напишал писмо на Фишер – каде отворено му објаснил дека новиот Институт мора „лукаво“ да ја прикрие својата вистинска функција. Требало да се преправа дека е неполитичен и неутрален, иако, всушност двајцата знаеле дека оваа организација ќе биде само параван.
Институтот ќе се преправи во „научен институт“, како што Хајек му предложил на Фишер, додека всушност ќе биде идеолошки мотвирана ПР организација. Како што Смедли напишал:
„Од пресудна важност е во нашите публикации да не го откриваме фактот дека ја информираме јавноста во некои рамки кои би можеле да се протолкуваат како политички обоени. Со други зборови, ако отворено подучуваме економија на слободниот пазар, тоа на нашите непријатели би им пружило прилика да ја доведат во прашање чистотата на нашите мотиви. Затоа првиот нацрт (на целите на Институтот) е напишан со прилично лукав јазик.“
Но, што навистина продавале Фишер и Хајек? Владеечкото мислење за Фридрих Хајек било дека тој посакувал да го врати деветнаесетвековниот laissez faire – да го обнови изгубеното минато.
Но, всушност, сето тоа било уште пооткачено.
Вистинскиот победник на крајот на Втората светска војна била идеологијата на науката. Новите, моќни групи на технократи се појавиле во Америка, Британија и Советскиот Сојуз. Тие луѓе се служеле со научни идеи и планови во организацијата на воените стратегии. Сега помислиле дека истите методи би можеле да ги употребат и во мир – за трансформација на своите општества.
Државното планирање било технократско, па затоа било сметано за напредно. Старите конзервативни идеи за слободна трговија биле сметани за традиционални и ненаучни, па со самото тоа и лоши.
Решението на Хајек било да се направи пресврт. Тој од идејата за слободниот пазар направил уште една технократска идеја. Таа низа на дотраени предрасуди и традиции ја претворил во научно поткован систем на слободниот пазар за современото доба.
Тој постапил така што идејата на Адам Смит за „невидливата рака“ ја претворил во кибернетички систем за размена на информации. Говорел дека сето знаење на едно општество е распределено на милиони луѓе. Но секој поединец знае само некои фрагменти од целината, и ниту еден поединец не може да го знае или да го сфати целото знаење. Наместо тоа, милиони луѓе еден на друг постојано си праќаат „апстрактни сигнали“ од кои произлегува „систем на одредување цени“. А од него произлегува поредок без централна контрола.
Хајек на целата оваа теорија дури ѝ дал квазинаучно име – Каталаксија.
Ова се некои инсерти од интервју со Хајек од 1977. Овде се стекнува добар впечаток за неговата технократска и безмалку роботичка визија за општеството – која ја нарекува „самостоен автоматски систем на сигнализација“.
Но Хајек себе не се доживувал како робот туку како револуционер – бил убеден дека власта мора да се грабне за да се создаде она што се нарекува „стабилизациона криза“ во Британија, за неговиот свет да се обистини.
Клучно за функционирањето на овој систем, вели Хајек, е да им се дозволи на информациите слободно да кружат во општеството. Државата пробува нешто сосем спротивно – да го контролира протокот на информации, за да управува со сигналите.
(Продолжува...)
Медиум на друм (59): Проклетството на TINA (2)
Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Извор: BBC blogs, 2011
Медиум на друм (57): Ролан Барт - Варијации за писмото
Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.