Зошто изгубија лабуристите

06.03.2020 00:40
Зошто изгубија лабуристите

Тешко е да се негира големината на поразот на Работничката партија, т.е лабуристите на општите избори во Велика Британија минатиот декември. До вечерта на 12 декември, Редкар, изборната единица сместена на брегот на реката Тиз на североистокот од Англија, никогаш не избрала конзервативен пратеник. Блајт Вели кој се наоѓа малку посеверно, од 1950 година го држеа лабуристите; и тој се насочи кон десно.

Распределбата на мандатите во Работничката партија долго ја рефлектираше социјалната и економската историја на земјата. На североистокот од Англија, поморската индустрија на Тајнсајд и рудниците им ги испорачуваа своите баталјони на лабуристите. Појужно, големите индустриски градови - Ливерпул, Манчестер, Шефилд - претставуваа црвст изборен столб за левицата. Кога на тоа ќе се додадеше големата концентрација социјалисти во индустриското подрачје на Бирмингем и Мидлендс, можеа да се видат контурите на „црвениот ѕид“. Таа граница го делеше северот, со работничка душа, од југот на Англија, успешен и верен на десницата (особено во познатите home counties на југоистокот). Со својот специфичен социјален и политички екосистем, Лондон - срцето кое тупкаше давајќи му поддршка на лидерот на лабуристите Џереми Корбин - претставува исклучок, како и повеќето европски престолнини.

Историјата на политичката застапеност на работничката класа во Обединетото Кралство е обележана со дејствувањето на трите големи актери: неконформистичките (или дисидентските) цркви, синдикатите и Работничката партија. Црквите и синдикатите заедно ги изнедрија лабуристите во 1906 година1. Во текот на 20 век, и особено после откритието на модерниот јавен сектор, во четириесеттите години од минатиот век (реформата на образовниот систем во 1944, создавањето на здравствениот систем 1948), британското општество се структурираше околу извесен број институции кои го уредуваа не само политичкиот туку и економскиот и културниот живот.

Во текот на многуте децении, Работничката партија обликуваше еден свет, еден збир секојдневни практики и знаења, потполно одвоен од конзервативниот универзум. Долго време, добивањето на ова или она работно место можеше да подразбира, на пример, поседување членска книшка од лабуристите. Секојдневниот живот во Тајнсајд или Вирал беше организиран околу левата заедница, онака како што тоа можевме да го видиме и во „црвените предградија“ на Торино или во францускиот Норд Па де Кале. А потоа нештата се променија.

Забрзаната гентрификација

Со своето ослободување на сексуалноста и однесувањето, „разузданите шеесетти“ ја уништуваат аурата на неконформистичките цркви и религиозноста на левицата која беше толку важна за основањето на лабуристите. Крајот на следната деценија го означува почетокот на болниот процес за деиндустријализација кој ги поткопува темелите на светот на работниците, како што на особено емотивен начин покажа Алан Блисдејл во телевизиската серија Boys from the Blackstuff, која ја емитуваше Британската радиодифузна корпорација (БиБиСи) во 1982 година. Неолиберализмот на Маргарет Тачер (1979-1990) го претвора старото индустриско општество - неговата економија, обичаите и практиките - во празна лушпа: фабрики во рушевини, невработени кои се принудени да се прилагодат на барањата на новата економија на услуги... Синдикатите не излегоа неоштетени од таа промена.

После неконформистичките цркви и синдикатите, дебаклот на општите избори во декември 2019 година илустрира дека е разнишана последната од трите институции кои ја структурираа британската левица: нејзината партија. Според мислењето на Морис Гласман, кој е истакната фигура на струјата „Сини лабуристи“ (конзервативни во однос на општествените прашања, но непријателски расположени кон неолиберализмот), Лабуристичката партија е во состојба на исчезнување: таа во 2019 година го откри непремостливиот јаз кој сега ја одвојува од работничката класа, за чиј претставник се декларира.

Кон крајот на ноември 2019 година, две недели пред изборите, активистот и писател Овен Џонс го вклучи алармот: победа на лабуристите би била невозможна ако ги изгубат работничките гласови2. Тој како пример го наведе округот Гримзби на источниот брег. Иако тој град е во рацете на лабуристите од 1945 година, анкетите покажуваа дека традиционалните гласачи на лабуристите се подготвија масовно да гласаат за Брегзит партијата на Најџел Фараж, ветувајќи им го на тој начин округот на конзервативците. Џонс беше во право, но малку задоцни, зашто пред тоа, затворен во својот лондонски меур, преку текстовите што ги објавуваше во Гардијан долго повикуваше лабуристиоте да се постават на страната против Брегзитот...

Социјалната трансформација на лабуристите и нивното сѐ поголемо оддалечување од работничката класа не е од вчера. Тоа почнува од 1997 година со победата на Ентони Блер и Новите лабуристи, која ја овозможи сојузот на работничката и средната класа наметнат преку сплет на околности. Во текот на 2000-те години многумина го анализираа подемот на Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП) како еволуција на десницата. Но истражувачите Роберт Форд и Метју Годвин покажаа дека УКИП наоѓа гласачи и меѓу оние кои се разочарани од левицата3. Сосема евроскептична во времето на своето основање, партијата на Најџел Фараж стана средство за критика на британскиот пазар на трудот, особено после проширувањето на Европската унија на исток, 2004 година. Таа ги стави на маса прашањата со кои лабуристите одбиваа да се занимаваат, бидејќи беа преокупирани со приоритетите на еден друг сегмент од гласачкото тело: жителите на метрополите, кои најмногу профитираа од европските интеграции.

Меѓутоа, се поставува прашањето: ако разидувањето помеѓу Работничката партија и работничката класа се подготвуваше повеќе од две децении, како да се објасни дека тоа толку ненадејно се покажа на изборите во 2019 година? Одговор на тоа ни даваат два елементи: корбинизмот и Брегзитот.

Корбинизмот, политичка струја која се поврзува со лидерот на Лабуристичката партија од 2015 година, се карактеризира со еден парадокс. Од една страна, изборот на Џереми Корбин на чело на лабуристите го означи почетокот на идеолошката радикализација: враќање кон социјалистичката амбиција за која никој не сонуваше уште од седумдесеттите, барање за радикализација на јавните служби, оживување на духот на работничката класа. Самиот Корбин е олицетворение на оваа струја: неговата политичка кариера е неодвоива од демонстрациите против империјализмот и штрајковите од седумдесеттите и осумдесеттите. Можеше да се предвиди дека тој пресврт кон лево повторно ќе ги стави лабуристите во самиот центар на социјалните мрежи, дека работничките активисти повторно ќе се најдат на централно место во традиционалните северни области. Но корбинизмот беше следен од едно друго социјално движење: неговата идеолошка радикализација беше споена со забрзаната гентрификација.

Од 2015 година партијата привлече илјадници нови членови. Со повеќе од половина милион членови таа е најголема во Западна Европа. Но, како што објаснува пратеникот на лабуристите Џон Крадс, корбинизмот претставува прекин со епохата на Блер само во идејна смисла. Во поглед на привлекување нови членови, тој стана уште поблеристички4: во него преовладуваат активисти од генерацијата Y, кои се образовани, живеат во Лондон или во универзитетските градови како Кембриџ или Брајтон, дејствувајќи во најдинамичните економски сектори, но погодени од несигурноста на својата прекарна положба.

Програмата на изборната кампања на Лабуристичката партија отсликува што ја преокупира оваа општествена група. Во неа се претопуваат еден вид радикален социјализам (ренационализација, укинување на приватните школи, нов интернационализам во прашањата на надворешната политика) и големо интересирање за прашањата на идентитетот, кои се во мода од почетокот на 21 век. Покрај фундаменталните работи, како што се феминизмот и антирасизмот, тука се и другите нешта, чие решавање на луѓето им изгледа како помалку ургентно: одбрана на флуидноста на родот во свет кој „секогаш е премногу бинарен“; заговарање да се укинат разликите помеѓу тоалетите за мажи и жени за да не се дискриминираат трансродовите личности итн. Во очите на некои членови на работничката класа првиве цели се утописки, а другите произлегуваат од интересите кои се борат да се наметнат како приоритети.

Кога станува збор за Брегзитот, некои партиски лидери, како Џон Мекдонел, брзо го наведоа како една од причините за поразот. Точно е дека гласачкото тело на лабуристите беше поделено помеѓу поддржувачите и противниците за излез од Европската унија кој Британците го изгласаа во 2016 година; тоа беше слабост која ја искористија конзервативците со својот слоган „Ајде да завршиме со Брегзитот!“. Но тој идеолошки расцеп во рамки на лабуристичкото гласачко тело исто така ја рефлектира неговата социјална хетерогеност.

Додека Корбин - дискретно - остана близок со евроскептицизмот на левицата (мнозинско гледиште во рамки на Работничката партија во седумдесеттите), многу млади и урбани лабуристички активисти гласот за Брегзитот го протолкуваа како манифестација на ксенофобија и расизам. За повеќето лабуристи, се чини дека критичката визија за Европа ѝ го отстапи местото на идентитетската поврзаност со Европа. Бидејќи проевропското значеше да се биде отворен, толерантен, интернационалист и љубопитен, гласањето за Брегзитот можеше да го октрива само најгрубиот шовинизам.

Тој расцеп предизвика важна промена во ставот на Лабуристичката партија. Во 2017 година, партиската програма бараше мошне конкретно напуштање на Европската унија во поглавјето „Како да се преговара за Брегзитот“. Во 2019 година тој се обврза дека можниот договор со Унијата ќе се подложи на друг референдум, на кој би било можно да се гласа против излегување.

Дали навистина беше реалистично на еден дел од активистите да им се дозволи во текот на трите години да ги презираат поддржувачите на Брегзитот обвинувајќи ги за расизам и лаги, да се промени ставот за ова прашање за да се засакаат еврофилите и да се насочат кон работничката класа определена за Брагзит и од неа да побараат поддршка?

Каква е иднината на левицата во овие услови? Од изборите, многумина, со оглед на тоа дека социјалниот расцеп сѐ уште не е завршен, се прашуваат како лабуристите повторно ќе се поврзат со работничката класа. Други ги повикуваат работничките слоеви да ја преиспитаат сопствената приказна за директно претставување на сопствените интереси, не очекувајќи да се дискутира за нив.

Крис Бикертон е политиколог на Универзитетот Кембриџ.

(1) За потеклото на Лабуристичката парија, но и Конзервативната партија, пишува Роберт Трелфорд Мекензи, British Political Parties: The Distribution of Power Within the Conservative and Labour Parties, Heinemann, Лондон, 1955.
(2) Owen Jones, "Labour needs its leave voters too - or a Johnson era beckons", The Guardian, London, 27 ноември 2019.
(3) Роберт Форд и Метју Гудвин, Revolt on the Right: Explaining Support for the Radical Right in Britain, Routledge, Лондон, 2014.
(4) Џон Крудас, "The left's new urbanism", Political Quarterly, Лондон, 28 Јануари 2019.

Извор: Le Monde diplomatique

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото