1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:41
Во средината на шеесеттите, мајорот Оливер Смедли – човек од акција – решил да направи нешто повеќе од промовирање на Хајековата теорија. Одлучил да се обиде да го скрши државниот монопол на информации, за да го ослободи „системот на сигнализација“.
За таа цел го создал пиратското радио во Британија.
Смедли идејава ја добил од една од легендарните личности на лондонскиот театарски свет од педесеттите години. Таа се викала Дорити „Кити“ Блек, и преведувала драми од Жан-Пол Сартр, Кокто и Жан Ануи за лондонските театри. Додека по Европа се среќавала со Сартр, ја открила првата пиратска радио-станица на светот – во близина на данскиот брег. Кога се вратила, со пријателот Алан Крофорд му ја предложиле таа идеја на Оливер Смедли.
Ова е Кити.
Смедли бил одушевен, и заедно го основале Проектот Атланта. Од Америка донеле стар брод и започнале да го опремуваат. Но Смедли и друштвото наскоро се нашле во трка со концертниот промотер Ронан О’Рајли, кој имал свој брод. После многу расправии го решиле проблемот со тоа што се здружиле, и во летото 1964 година бродот на Смедли почнал да емитува програма близу брегот на Есекс, под фирмата Радио Керолајн југ, додека бродот на Ронан О’Рајли бил Радио Керолајн север.
Радио Керолајн доживеало моментален успех. Во медиумската митологија на шеесеттите, се споменува како дел од бунтовничката контракултура. Всушност го основала Новата десница – како дел од својата контрареволуција.
Дотогаш Смедли и Ентони Фишер сериозно се скарале – и патиштата им се разишле. Но Смедли свесно го користел Радио Керолајн како оружје во промовирањето на теориите за слобода на информациите.
Во 1965 Институтот за економски работи објавил брошура која тоа јасно го покажувала. Нејзина цел била да ја „претстави филозофската и политичка теорија на пиратските радио станици“. Насловот на завршното поглавје гласел „Пиратеријата како деловна сила“. Новите херои, се тврдело во брошурата, биле „приватизаторите“, кои ќе отвореле систем на информациски проток – за пазарот ефикасно да функционира.
Противник на Смедли бил управникот на поштата, Тони Бен. Бен во 1964 година жестоко ги критикувал пиратските радио станици бидејќи ги кршеле правилата за заштита на интелектуалната сопственост. Истиот аргумент повторно ќе се појави со сајбер-утопистите во деведесеттите години.
Но тогаш Оливер Смедли го запознал Рег Калверт.
Рег всушност бил „приватизатор“ и вистински модерен пират. Во тој момент мајорот Смедли сфатил дека неговата визија за слободниот пазар станала малку незгодна.
Рег е всушност јунак на целава приказна. Тој бил пиратски поп промотер и претприемач, типичен за музичката индустрија во педесеттите и шеесеттите. Потекнувал од работничко семејство, а во музичкиот свет влегол на крајот од педесеттите, на преминот од рокенрол во поп. Основал своја школа, која требало да создаде нови ѕвезди и ѝ дал име „Школа за рокенрол“. Ова е Рег, опкружен со својата армија, спремна за јуриш на топ-листите. Еден од членовите, Еди Сек, бил Реговиот одговор на Елвис Присли. Другиот се викал Бади Бритен.
Рег Калверт бил дел од новиот, одважен индивидуализам, кој на крајот од педесеттите ја зафатил британската работничка класа, и кој ќе се манифестира и во музичката индустрија и на факултетите за уметности на почетокот на шеесеттите.
Еве една прекрасна фотографија од Рег како ја спушта диско-топката на својата жена Дороти. Ја носат на концерт во Силверхемптон.
Според неговата ќерка Сузан Мур, нејзиниот татко ги мразел сите политичари и главната идеја му била „никој да не го контролира“.
Јунак на нашето време.
Потоа Рег го открил Дејвид Сач – му дал име Скриминг Лорд Сач – и создал ѕвезда. Рег го убедил Сач да се кандидира на вонредните избори во 1963 кои биле распишани по скандалот со министерот за одбрана Џон Профум, проститутки и шпиони – и Сач станал национална фигура.
Еве еден прекрасен документарец од 1965 за Скриминг Лорд Сач. Неговата музика е чудна мешавина од американски гаражен звук и викторијански водвиљ. Верзијата на песната „Jack the Ripper“ на крајот од филмот е сјајна. За жал, филмот е снимен откако Џими Пејџ го напуштил бендот, а неколку месеци пред да се придружи Ричи Блекмор.
Гледано од оваа перспектива, филмот е многу тажен. Сач живеел со мајка му. До крајот бил приврзан за неа, и кога умрела, бидејќи страдал од депресија, се обесил во куќата на мајка му.
Потоа Рег одлучил да основа своја пиратска радио станица. Наместо брод, закупил стара тврдина во заливот на Темза. На почетокот станицата се викала Радио Сач, но потоа станала Радио Сити. Рег Калверт ја водел како вистински приватизатор, често самиот бирајќи музика. Сето тоа било со помош на прачки и јажиња – еднаш Ред цела вечер им ја читал „Љубовникот на леди Четерли“ на слушателите на јужна Англија.
Еве една снимка, каде го гледаме Рег како работи. Ова е одличен кадар во кој го гледаме и тонецот и предавателот.
На мајорот Оливер Смедли не му се допаднала оваа конкуренција – па го направил она што го прават сите чесни љубители на слободниот пазар - создал монопол.
Му се обратил на Рег и го убедил да се приспои кон Радио Керолајн и да стане дел од пиратска мрежа. За возврат, Смедли му ветил сосем нов предавател кој требало да биде многу посилен.
Но тогаш нештата тргнале наопаку.
Кога предавателот бил испорачан се покажал неупотреблив. Затоа Ред одбил да му ги исплати на Смедли ветените приходи од Радио Сити. Имало и навестувања дека Ронан О’Рајли потајно шурувал со Рег. Смедли бил надвор од себе од бес, па како човек од акција решил да изврши претрес на станицата на Рег. Изнајмил брод-влекач и собрал група пристанишни работници, на чело со „Големиот Алф“, па една ноќ Смедли, Алф и пријателката и преведувачка на Жал-Пол Сартр, Кити, испловиле и се качиле на бродот.
Го пробиле студиото и го украле кристалот, клучниот дел на предавателот.
Печатот се одушевил – пиратите во војна.
„Express“ објавил ексклузивна информација. Сликата на Големиот Алф како муабети и пие чај со своите киднапери на бродот. Мислам дека е очигледно кој од нив е Големиот Алф.
Но Рег Калверт побеснел. Следната ноќ тргнал од Лондон кон викендицата на Оливер Смедли, во близина на едно селце во Есекс. Стигнал таму околу 11 часот, и почнал да чука на вратата. Секретарката на мајорот Смедли ја отворила вратата и Рег упаднал во куќата.
Потоа Смедли пукал со пушката во Рег Калверт, и Рег останал мртов на место.
Никој не знае што навистина се случило таа ноќ. Оливер Смедли бил уапсен за убиство од небрежност – мислејќи дека Рег Калверт му приоѓа за да го убие. Поротата го ослободила од вината. Но пријателите и семејството на Рег мислат дека Смедли реагирал поеќе од бес и желба да го уништи оној кој му стоел на патот. И дека Смедли бил ослободен само зашто бил мајор и припаѓал на повисока класа.
Тоа и било малку чудно. Еден сведок во полицискиот записник за Смедли вели дека таа вечер бил надвор од себе.
Сузан, ќерката на Рег, напишала и режирала прекрасна и потресна драма за животот и трагичната смрт на својот татко. Драмата се вика „Рег“.
Ова убиство оставило последици и за Кити Блек. Кога Жан-Пол Сартр чул за убиството и за десничарската екипа со која таа се дружела, ѝ забранил да ги преведува неговите драми.
Но Големиот Алф добро поминал – знаел како треба со современите медиуми.
Историчарот Адриан Џонс напишал сјајна книга за пиратското радио во шеесеттите, под наслов „Смртта на пиратите“. Во книгата ја застапува главната теза дека Рег Калвер и Оливер Смедли претставуваат две потполно различни верзии на „приватизатори“.
Рег Калверт ѝ припаѓал на старата, разуздана традиција на вистинска независност и либертаријанска слобода. Вистински одметник, кој ги игнорирал правилата и структурата на сталежот и моќта во Британија, и весело го следел својот пат.
Од друга страна, Смедли бил „приватизатор“ само дотолку што го застапувал враќањето на приватниот сектор на власт во Британија. Надвор од тоа, сакал традиционалната структура на власт да остане непроменета. За таа цел, тој ( и неговиот тинк-тенк) сакале да го препакуваат слободниот пазар во еден управувачки систем – кој тие би го котролирале. А секој вистински „приватизатор“ – како Рег -– кој тоа го доведувал во прашање, бил осуден на пропаст.
Џон пишува за убиството на Калверт:
„Во тој момент, таа летна ноќ 1966, кога Смедли ја донел фаталната одлука, се судриле два вида пиратерии. Рег Калверт ја претставувал првата – чија историја можела да се следи низ вековите. Бил способен и имагинативен претприемач, опортунист и амбициозен. Говорел во грандиозен стил, но неговите потфати претставувале недоволно финансирани, импровизирани авантури кои можеле да процветаат но и да се срушат – како многу други радикални проекти. Тој бил аутсајдер, несклон кон какви било правила.
Калверт претставувал вид пират кој Институтот за економски работи го сметал клучен за општествен и културен напредок. Но всушност Смедли бил сосем поинаков вид пират. Тој бил рационален капиталист, кој добро се снаоѓал и во сметководството и во апстрактните принципи на либералната идеологија. Приватно образован, со светски дух и професионален, Смедли себе се доживувал како играч во политичките и културни прашања во државата.
Калверт бил закана за сето тоа во 1966 - а истото она што го правело интересен за луѓето воедно го правело и опасен. Правилата на воениот и политички живот важеле за Смедли и во финансиите и во деловните потфати: инстинктот му говорел да не попушта, да не отстапува.“
Истото важело и за идеите на Фридрих Хајек. Тој и не се обидувал баш да ги обнови нештата, непредвидливиот laissez-faire систем – сакал да создаде нов, технократски систем на констролирана конкуренција, која никако не би ја пореметувала постоечката структура на моќ.
Историчарите на обновата на економскиот либерализам укажуваат на тоа дека Хајековите теории, и покрај неговата реторика, многу се разликуваат од laissez-faire системот, бидејќи тој од државата барал таа со својата власт да влијае врз наметнување и спроведување на она што го нарекувал „компетитивен поредок“ кој би го покренувале рационалните потрошувачи, праќајќи едни на други апстрактни сигнали. Во таа смисла, иако на неговите следбеници како Фишер и Смедли ова не би им се допаднало, Хајековата визија имала многу заедничко со „научните“ планери на левицата, за кои се сметало дека ја уништувале Британија.
До почетокот на седумдесеттите, нешто чудно се случило со британската економија. Инфлацијата и невработеноста почнале паралелно да растат – комбинација за која државните планери тврделе дека е невозможна. Поради тоа Институтот започнал да се поместува од маргините кон средиштето на политичкиот живот – тврдејќи дека всушност таквата ситуација тие и Хајек ја предвиделе. Тоа биле непредвидените последици од обидите за контрола на еден сложен систем.
Под закана за избивање хаос, конзервативната влада на Едвард Хит основала сопствен тинк-тенк, наловен Cenral Policy Review Staff. Но за разлика од Институтот, овој тинк-тенк бил старомоден и барал нови идеи за решавање на кризи. Единствениот проблем бил тоа што ништо не можеле да смислат – и наскоро станале предмет на исмејување. Еве еден инсерт од симпатична епизода од серијата „Дали сте услужени?“ каде работниците од Браќата Грејс одлучуваат сами да основаат свој тинк-тенк, како и државата.
Во 1975 Тачер дошла на чело на Конзервативната партија и под влијание на својот близок сојузник, Кит Џозеф, побарала помош од Институтот во креирање на политиката на идната влада.
Конечно се случило она што Фишер и Смедли го сонувале дваесет години. Некогаш одамна, нивниот тинк-тенк бил маргинализиран и презрен – сега се наоѓал на чело на контрареволуција, која ќе однесе победа.
Јас во 1992 снимив филм за тоа како се случило ова. Филмот е насловен „Лигата на џентлмените“ и беше дел од серијата „Пандорината кутија“, за науката и политиката. Погледнете го овој инсерт за тоа како Институтот ја убедил владата на Маргарет Тачер да го прифати монетаризмот.
„Научната теорија“ на монетаризмот била потребна, како што тврдел Институтот, за системот да се ослободи од инфлацијата. Синдикатите ја предизвикувале инфлацијата со своите барања за зголемување на платата – а тоа го изместувало редовното функционирање на Хајековиот „систем на одредување цени“. Ги расипувало и деформирало „апстрактните сигнали“ кои луѓето ги испраќале низ целиот систем.
Технократската теорија вели дека решението е во тоа државата да повлече рачка и да извлече пари од системот - и така повторно да воспостави правилен процес на сигнализација.
И Хајековата визија ќе се оствари.
Овие двајца од филмот се Ралф Харис и Артур Селдон. Двајцата биле следбеници на Хајек, кои Фишер и Смедли ги поставиле да раководат со Институтот.
„Лигата на џентлмените“ потоа открива како ова всушност довело до катастрофа – до масовна невработеност и колапс на британското производство. Како што може да се види во филмот, теоријата на монетаризмот е немилосрдно демаскирана – тука е и едно прекрасно интервју на Маргарет Тачер од 1985, каде таа потполно порекнува дека кога било верувала во таа теорија.
Што не значело дека Тачер кренала раце од Хајековата теорија. Можеби најголемиот дел од британската индустрија бил уништен – но таа била убедена дека утопијата на слободниот пазар сѐ уште може да се оствари, овој пат со помош на банкарскиот и финансискиот свет.
Гледајќи го страотниот колапс на производството, некои економисти кои искрено верувале во Хајековата револуција, почнале да се сомневаат. На крајот од филмот, сер Алан Бад, еден од главните архитекти на политиката на Тачер, говори неверојатно отворено.
Вели дека е загрижен дека неговите идеи се немилосрдно злоупотребени. Дека „капиталистичката класа“, како што ја нарекува, во неговите идеи едноставно видела начин да предизвика криза на капитализмот, која довела до масовна невработеност.
Како резултат не невработеоста, синдикатите биле разбиени, платите биле срозени – а капиталистичката класа одново можела да остварува високи профити.
И наместо работниците да добијат поголеми плати тие се задолжувале кај банките. Навистина едноставно.
Истовремено, кариерата на Смедли била на заод. На изборите за Долниот дом на парламентот, тој секогаш учествувал како антиевропски кандидат, и секогаш губел.
Од друга страна, Ентони Фишер напредувал и станал моќен. Во 1981 ја основал фондацијата Atlas Economic Research, која отворала тинк-тенкови низ целиот свет, и сите биле копија на Институтот. Вкупно основал 150 тинк-тенкови ширум светот.
Кога Смедли и Фишер го основале својот прв тинк-тенк во 1955, биле практично единствени. Сега тинк-тенковите доминираат со британската политика, и речиси сите се копии на првичната организација на Фишер и Смедли. Тоа се оние идеолошки мотивирани организации за односи со јавност, кои глумат научни институти, како што Хајек и му предложил на Фишер.
Уште повеќе, повеќето од овие тинк-тенкови, било да се лево или десно ориентирани, продаваат некоја варијанта од идеологијата на Хајек – диригирана и технократска верија на слободниот пазар, како централен општествен двигател.
Не се нуди никаква алтернативна верзија. А тоа укажува на еден необичен факт. Иако сите тинк-тенкови постојано промовираат нови концепти на диригираниот слободен пазар, ниеден нема вистински нова голема идеја на долг рок.
А релевантно прашање е дали поголемиот дел од тинк-тенковите всушност ги спречуваат луѓето да осмислат нови визии на општествени организации за општеството да биде поправедно и послободно. Тие се претвориле во блиндиран оклоп кој ја обвива целата политика, константно наметнувајќи агенда низ своите PR потфати, кои потоа ги проследуваат на новинарите, всушност оневоможувајќи ја појавата на вистински новите идеи.
Диригираниот систем на слободниот пазар за каков што сонувале Ентони Фишер, мајорот Оливер Смедли и професорот Хајек, конечно триумфирал. И како што Смедли во 1966 посакувал, на елитата не ѝ се заканувала опасност од вистински пирати и приватизатори. Системот во оваа земја ја зачувал позицијата на владејачката елита.
И еве ги – на чело со Рејчел Ветстоун, со внукот Ентони Фишер.
Ова е инсерт од еден прекрасен филм на Мајкл Кокерел од 2005, за Мајкл Хауард, тогашниот водач на конзервативците. Кокерел е најбрилијантниот политички новинар на Би-Би-Си – не само зашто умее добро да раскаже приказна, туку и зашто има необичен инстинкт да забележи со камерата нешто што подоцна ќе се покаже важно.
Таа вештина ја демонстрира и во овој филм – бидејќи еве документ кој покажува како Рејчел Ветстоун, тогашната советничка на Хауард, младиот Дејвид Камерон и Џорџ Осборн, го советуваат кутриот Мајкл Хауард да оди во Goldam Sachs и да одржи говор – бидејќи таму треба да се биде виден.
И тоа би било тоа во Британија. Се разбира, додека не се вратат вистинските пирати.
Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Извор: BBC blogs, 2011
Медиум на друм (58): Проклетството на TINA (1)
Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.