ЕУ река (50): Григор Прличев за Европа

06.03.2020 21:21
Григор Прличев за Европа

Јас можам сега само да набележам една тема што инаку бара поширока обработка. Таа тема заслужува да биде поблиску испитана не само во врска со Прличев и неговото време, ами и во врска со други наши истакнати личности , и во поинакви околности, во текот на последниве стоипедесет години.

Имено, кон средината на минатиот век поимот Европа и кај нас придобива посебна употреба зависно од она што можеме да го наречеме современ мит за Европа. Притоа не се работи за континентот, ниту за одисконскиот историски и културен континуитет на тој простор, ами за стеснување на поимот и за внесување во него на една оценочна нијанса. Оваа Европа се сведува на нејзиниот развиен, богат и благополучен дел или кратко речено на европскиот Запад. Со синтагмите како Европа и Балканот се изразува споредба, во којa целиот престиж и добрина му се припишува на првиот член, додека за вториот се подразбира дека му останува уште долго чекање и напрегање дури да го достигне европското рамниште.

Од самиот почеток на ваквото споредување се јавуваат и во македонската средина две спротивни становишта спрема ваквиот ред на вредностите. Покрај оние што се залагаат за европската просвета и начин на живеење, се јавуваат и луѓе определени негативно спрема отворениот процес што тие неслучајно, ами со нота на потценување, го наречуваа европејска мода.

Процесот на европеизација бил видлив кон средината на минатот век во нашите главни градски центри. Во еден свој опис на Битола, град во тоа време со 28000 жители, Јордан Хаџи Константинов-Џинот ни го соопштува меѓу другото и ова: „Денеска е Манастир (Битоља) нов и по моди сја влада. В него е слободно како за мусулмана така и за христјанина. Танзимато пунообразно влада в тој град... Манастирските трговци работат с Мора, Италија, Триест, Венеција, Шкодра, Цариград, Александрија, Беч (Виена), Влахија, Лајпциг, Берлин и Марсилија. Манастирските граждани се человеци мудри и согласни и учени. Ним им идат новини (вестници, газети): Журнал Константинополскиј, Журнал де Деба, Монитор, Тајмс, Амалтија, Тилеграф1 и т.п.“ Рационалистот и просветителот во личноста на Џинот очевидно е задоволен од ваквата состојба на работите и не наоѓа повод да реагира на свој инаку добро познат алергичен начин. Спротивно од него, неговиот помлад современик и сограѓанин, Рајко Жинзифов, ико самиот вели дека меѓу другото го напуштил родниот крај „за европејско това учење“ („На чуждина“), на повеќе места, во песни и други напси, а особено во прозата „Прошетба“, остро ја осудува „европејската поразија“, гледајќи во неа голема опасност за самиот дух на народноста. Во неговиот случај е јасно воздејството на словенофилите. Но тоа негативно становиште спрема европскиот Запад и новините што иделе од таа страна не се среќава во тоа време само единечно ами како присутно настроение. Со традиционалниот бит се загрозени и ред економски дејности, посебно некои занаети, сврзани со наследениот поминок. Реакции против европската мода се среќаваат во печатот, па дури и во тогашната живопис: во една сцена од пеколот на надворешниот ѕид на манастирската црква во Јован Бигорски главно место му е одделено на човек што носи европски костум и врска на вратот2.

Каква била позицијата на Григор Прличев? Во неговото лице сигурно имаме во ова време еден во европска смисла високо образован човек што меѓу другото добро се ориентирал во историјата и во нему современата состојба на европските народи. Со тоа што добро го владеел францускиот и италијанскиот јазик тој, така да речеме, не бил ограничен само на грчкиот канал во примањето на потребната информација и посебно во запознавањето на некои некои вредности на западните литератури.

Сепак грчкиот фактор предоминира во неговото духовно формирање па тоа не можело да не остави карактеристична трага и во неговиот однос спрема Европа (Запад). Во втората половина на XVII и првата половина на XIX век, идеите на европското просветителство се пренесувале кај нас главно преку Грција, односно со посредство на грчкиот јазик. Уште во втората половина на XVIII век, наскоро по нивното објавување, на грчки биле преведени некои дела на француските енциклопедисти. Се разбира, во времето на Прличев таквата културна комуникација била многукратно зголемена. Прличев е приврженик на западната култура и начинот на живеење сврзан со неа. Но тој не е, како што ќе видиме и натаму, некритичен адепт, потчинет до онаа мера што во рускиот политички жаргон се означува со црковно-словенизмите „раболепие“ и „коленопреклонение“. Во своите дела, во „Сердарот“, „Скендербег“ и „Автобиографија“, тој има прикажано повеќе ликови и личности, со различна етничка припадност, што по своите морални својства достојно ги претставуваат балканските региони. Не е исклучено дека грчката традиција, со претензии спрема едно славно минато без кое не може да се замисли европскиот духовен развиток, била добра опора за споменатиот негов однос кон европскиот Запад.

Но истата таа традиција можела во некој поглед и да го сопина. Пренагласеното свртување кон минатото носи со себе опасност за потчинување под архаичните обрасци. Во духот на европското просветителство, Прличев се заложи за просветување на народот на мајчин јазик. Меѓутоа, иако извонредно речит на својот роден говор, тој се преклонуваше кон архаизација на писмениот јазик, во што ја следеше грчката диглосија, суштествено различна од функционирањето на модерните европски литературни јазици. Колку штетно пак за самиот грчки културен развиток, и посебно за изворноста на поетскиот исказ, се покажало претераното архаизирање на литературниот медиум, можеме да се увериме од неодамна изложените судови на грчкиот писател Василис Василикос којшто, во својата статија под многу карактеристичен наслов „На минатото в лице“, се искажува на ваков начин: „Нашите писатели и поети толку ги волнува прашањето како да пишуваат, што прашањето што сакаат заправо да кажат го имаат поместено на втор план... До колку се работи за нашите поети парадоксално е дека нивната вредност според народното место не се определува од богатството на нивниот јазик, ами од неговата сиромашност... Според таа логика е нормално дека двајцата наши најголеми поети, Соломос и Кавафи, не го владеат добро грчкиот“3. Една ваква социолингвистичка ситуација не можела да мине безразлично покрај личниот опит и на Григор Прличев, којшто во овој поглед не успеал да фати чекор со Европа.

Кон комплексот на Европа во онаа смисла што ја назначивме Прличев пристапува најнепосредно во својот познат говор пред охридското граѓанство, одржан на годишните испити во училиштето на 12. јуни 18664. За тој настап, од којшто произлегле тешки последици во неговиот живот, сѐ до лежењето во дебарската зандана, Прличев ни раскажува во својата автобиографија. Тоа е извонредно компониран текст, во кој охридскиот градски дијалект бил доведен до навистина магистрално звучење. Една верзија од него, но веќе адаптирана јазично спрема тогашниот книжевен узус, излегла во август истата година во цариградскиот бугарски весник „Времја“ под наслов „Чувај сја себе си“5.

Прличев се осмелил да се искаже јавно против злоупотребите на охридскиот фанариотски владика Мелетиј. Притоа тој излага пред присутните граѓани цела една обмислена програма со мерки што треба неодложно да се преземат во различни области, од просветниот и црковниот до социјалниот и економскиот живот. За крупното прашање на јазикот на образованието веќе стана збор. Во оваа пригода тој само патем го искажува своето залагање за мајчиниот јазик. Многу пошироко, со остри зборови, тој се свртува кон таа тема во верзијата на својот говор, објавена во в. „Времја“ (в. бел. 5). Пред публиката во училиштето тој се воздржал, најверојатно штедејќи ги чувставата на охридските гркомани. На тој аудиториум Прличев се решил да му се обрати пошироко со повеќе поуки и совети за одржувањето на чистотијата и умереноста, за ефикасно обработување на земјата, па и за развивање на нови стопански дејности. Во целиот тек на излагањето тој се повикува сѐ наново на два авторитетни извори – на Светото писмо (Сфетеното писание, како што го вика тој) и на европската просветеност.

Веќе во самиот почеток ги поврзува пораките од тие две страни, реагирајќи против мислењето на некои граѓани дека не било потребно многу учење, зашто и без тоа луѓето го знаат арното. „Го знајме, иља не го прајме“ – забележува тој, – Европјани го знает вангелјето одуста и живеет живот чесна и сфетена, и пак словото господоо го слушеет со сфе срце ката недеља ката празник. А меѓу нас, шчо сме подолни от ним на учение, требит катаден да бучит словото господоо по цркфи и по сколиа.“ Со ваков увод веќе се даваат основните вредносни елементи во мерењето со Европа и Европјаните кои и натаму се посочуваат за углед.

Речта на Прличев следи неотстапно една композициона замисла што се развива хармонично и со содржинска полнота. Тој поаѓа од една основна постапка, од една ном темеллиа, како што се изразува самиот, а што Господ му го дал на човека и на сѐ живо во светот. Тој основен закон гласи: „Чувај се!“ Сите други закони се опфаќаат со тој закон – вели Прличев – како што сите реки се влеваат во морето. Со примерна дедукција, како да се раководи од Платона, тој бара потврда за таа основна мисла во различни области на животот. Но на соодветното место прво ќе истакне дека необразованиот човек не знае да се чува, за да ја изрази потоа јасно оваа разлика: „У нас чувајне немат. Европјанинот се чуват.“

Натаму преминува кон примери, со потребната разработка на конкретни ситуации. Европјанинот се служи со експерименти, за да се увери кој избор е поправилен, пред да се реши како да постапува. Европјанинот знае како да се заштити од гром, како да ги зачува од непогоди своите земјоделски култури, како да се одбрани од болести. Тој ги исушува блатата како извор на тешки зарази и води грижа за превентивата. Тој произведува и продава скапи работи, а живее и се носи економично и скромно. Европјанинот го прави и може да го прави тоа, зашто е образован. Прличев го искажува своето задоволство од тоа што сѐ почести стануваат случаите, надарени сиромашки деца да се праќаат на државна издршка во Европа, за да го усвојат тамошното образование.

Според поуката од пословицата „Ем гол, ем зол“, Прличев ја разобличува самоувереноста и самобендисаноста („фодуљлокот“) на необразованиот човек во својата средина. Тој реагира многу остро против таа појава: „Та шчо сум јас! – иронизира тој над таков човек. – Нишчо си ти! Нулла си ти!“ И во таков контекст тој пак ќе се сети за Европа: „Излези во Европа, и ќе видиш оти нѐ имеет нам токмо со дивите“.

Ситуацијата бара европскиот презир да се констатира овде како факт и да мине без друг коментар. Но Прличев инаку бил далеку од тоа да се мири со ваквиот надмен и потценувачки однос спрема својата средина и својот народ. Веќе споменавме дека тој не страдал од „раболепие“ пред Европа. На истиов мотив тој се враќа малу подоцна во едно писмо до Никола Робев, во кое ги оптужува големците од Охрид што не дале ни 80 гроша потребни за печатење на две негови статии (за злоупотребите на владиката Мелетиј и за Охридската архиепископија) на француски јазик во „Courier d’Orent“. А целта била да им се даде потребната информација на турските великодостојници што знаат француски, како и на Европејците, кои си вообразуваат „дека Бугарите се народ ништожен, без минато и иднина и дека фанариотите за услуга и милостина се нагрбуваат со многу тешкиот товар да бидат наши пастири“6. Се разбира, овој коментар се сврзува со сосем друг повод и контекст. Ние постојано се трудиме да ја информираме за себе Европа.

Европската тема ќе го окупира Прличева и натаму, како што можеме особено да се увериме од неговиот текст „Мечта на един старец“ (1883). Тој тука кажува дека се вратил од Атина во Охрид со цел да им го покаже патот на своите сограѓани, патот кон напредокот, и тоа не само со училишната дејност, ами, „което е най-главно“– како што вели самиот – со залагање „за изправление на земледелието и на скотовъдството ни, за експлоатирание на земята ни, за затваряние на кръчмите ни“. Но тој притоа морал да си го постави прашањето дали воопшто може нешто да се постигне во услови на голема заостанатост. Охрабрување наоѓа во европската историја. Франција ги родила своите најголеми синови во времето на Луј XIV, дури уште била сиромашна земја, а подоцна нејзиното богатство се зголемувало, но бројот на нејзините великани намалувал.

Прличев сака да нѐ увери дека таа појава не е чудна и непоимлива. Тој секако има предвид дека животниот стандард не носи автоматски духовен подем, ами обратно – дека духовната енергија може решително да придонесе за подигање на тој стандард. Уште Сократ велел, а Прличев секако го знаел тоа, „дека добродетелта не се раѓа од изобилие, ами дека од добредетелта се раѓа изобилие“ (Платон, Одбрана Сократова, гл. XVII). И така, по сето ова Прличев се поставува себеси, но нѐ поставува и нас, пред сѐ уште отвореното прашање како да се достигне Европа.

Тоа што веќе го нарековме мит на Европа е постојано присутно и кај нас во последниов век и половина. Во различни, особено кризни историски моменти тој мит придобивал нова актуелност, а чувствениот однос спрема таа Европа остро се менувал, често дури од ден на ден. Таа се прикажувала ту како некаква добра самовила од сказните, што само со еден замав на волшебното стапче ќе нѐ спаси од сите грози и тегоби, ту како „блудница вавилонска“, „проклета и триклета“, кога по својот обичај ги изневерувала очекувањата на балканските митомани.

Митот на Европа станува особено актуелен денеска, кога повеќе источно- европски земји преживуваат тешка криза. Не е случајно што во октомври 1991 година на Варшавскиот универзитет беше одржан дури и симпозиум на тема Категоријата на Европа во словенските култури како што не е случајно ни тоа што на тој научен собир беше поднесен и реферат под наслов „На каде во Европа од Македонија?“7

 

1 Ј. Хаџи Константинов-Џинот, Избрани страници, Скопје, 1987, 64

2 Б. Конески, За литературата и културата, Скопје, 1981, 4б.

3 V. Vassilikos, Minulosti Tváří v tvář, Lettre Internatinale, Praha, 1992, č, 6, 26.

4 Б. Конески, Еден говор на Григор Прличев од 1866 година, Македонски јазик, XVII, 1966, 205-215

5 Објавено во в. „Время“, Цариград, г. III, бр 1, 2 и 3 од 6, 20 и 27 август 1966). Сп. К. Топалов, Григор Прличев, живот и дело, София 1982, 136 и 269 (белешка 15). Се работи за верзија не само со јазични, ама и со извесни тексуални измени (додавања и испуштања). Најважната од нив се однесува на потребата да се замени грчкиот јазик со мајчиниот. Полесно е, вели притоа Прличев, меѓу другото, да се „учат десет јазици европејски от штото елинскијат јазик сам един“. Јазикот на печатениот текст се адаптира спрема тогашните узуси во цариградскиот бугарски печат. Се врши замена на турцизмите и грцизмите: въздухът за хавата съседът за комшиата, обаче за иљаким; закон за пом, народ за лаос, училиште за схолје и др. Во современа транскрипција текстот го објави Б. Мокров во „Разгледи“ XXII (1980), 781-788.

6 В. Тилева и Ан. Коджаев, Непублиувани писма на Григор С. Прличев, Известия на Народната библиотека „Кирил и Методий“, т. XIV (XX), София 1976, 400-401. Писмо бр. 12 упатено од Охрид на 1. IV 1876. до Никола Ан. Робев во Битола. Истакнувајќи ја важноста на информирањето, во тоа писмо Прличев го споменува и својот текст објавен во „Времја“. Смета дека тоа публикување станало секако причина, и охридското училиште да биде вклучено во донацијата на одескиот трговец Н. М. Тошков. Додава: „И Европа секојдневно го изјавува тоа: разбудениот да ги добие своите права!“

7 K. Wrocławski, Którędy do Europy z Macedonii?, Kategoria Europy w sowiańskich (red. T. Dubek – Wirgowa, A. Z. Makowiecki), Warszava, 1992. 153-160. Различните оценочни пристапи кон категоријата Европа се следат во овој прилог врз материјал ексцерпиран од в. „Нова Македонија“ во текот на неколку месеци од 1991.

Избор: Фросина Крушкаровска
Гиф и насловна илустрација: Ристо Аврамовски
Извор: Современост, 1993, XLIII, бр. 5-6, стр. 3-9

ЕУ река (49): Интегритет наместо идентитет

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото