Унгарците заборавија како 200 илјади бегалци од Унгарија беа гостопримливо дочекани во други држави

07.03.2020 13:04
Унгарците заборавија како 200 илјади бегалци од Унигарија беа гостопримливо дочекани во други држави

Унгарија изгради ѕидови, постави бодликави жици, вооружената унгарска војска со оружје ќе ја брани земјата од бегалците, премиерот Орбан се расфрла со грозоморни ксенофобични пароли...Тоа веќе го знаеме. Но малку се знае, а Унгарците очигледно заборавиле, како пред 64 години беа во обратна ситуација.

Во ноември 1956 година околу 200.000 Унгарци за само неколку денови тргнаа да бегаат од Унгарија по тогашната интервенција на советската војска, која во Будимпешта со тенкови ги растера демонстрантите. Двесте илјади луѓе панично тргнаа во две насоки, во рацете носејќи ги децата и торби со најнужните предмети: околу 180 илјади тргнаа кон границата со Австрија, а дваесетина илјади кон граничните премини со тогашна Југославија.

Во Салцбург, Австрија, бегалците од Унгарија дочекани со насмевка и храна

Наместо жици и ѕидови, топол чај и сува облека

И за чудо, не ги дочекаа ниту жици, ни ѕидови, ниту омраза, ни страв од инвазијата на валкани и опасни бегалци. Сосема спротивно: прекуграничните соседи со сите сили се обидуваа да им помогнат да ја преминат границата, ги повлекуваа чамците со бегалците кон бреговите на реката, ги возеа со своите автомобили, ги сместуваа во своите домови, им вареа чај, им носеа храна и облека... Граничарите ги пуштаа во своите земји полни со сочувство, не им барале ниту пасоши, ниту визи, зашто мнозинството од тие несреќни луѓе немаа такви документи.

За само неколку дена, откако бегалците пристигнале во Австрија, бил направен речиси неверојатен потфат: не само што Австријците се погрижиле да ги сместат и да ги нахранат бегалците, туку биле преземени активности што побрзо и безбедно да заминат во други земји. На крајот, тие 200.000 бегалци од Австрија и Југославија биле преселени во вкупно 37 држави за само неколку недели.

Заложбата и способноста на Австријците, како и работата на агенциите за помош на бегалци и на оние кои ги прифатиле во други земји, биле навистина неверојатни, стои во 144-то издание на билтенот „Refugees Magazine Issue“ на УНХЦР во извештајот за една од најголемите бегалски кризи во Европа.

Волонтери ги дочекувале исцрпените, гладни и премрзнати луѓе од Унгарија на границите покриени со снег, а луѓе од цела Европа дошле во Австрија да им помогнат на бегалците. Подоцна било пријавено дека бегалците биле примени во дури 37 земји, вклучувајќи ја и прекуокеанска Австралија. Шведска, пак, примила и луѓе заболени од туберкулоза.

Така Европа ги пречека бегалците Унгарци, во 1956 година. Нешто поразлично од денес, кога истите држави се неспоредливо побогати и постабилни од тогашните, кои сè уште ги лечеа повоените трауми од страшната Втора светска војна.

Соседот од другата страна на границата го влече чамецот со бегалец од Унгарија

Историјата не е учителка на животот

Интересно е што токму егзодусот на Унгарците во 1956 година, на некој начин, ги удри темелите на организацијата на ОН – УНХЦР (United Nations High Commissioner for Refugees), која тогаш имала свое огнено крштевање, затоа што од 1950-тата година кога била основана, првпат се соочила со вистинска бегалска криза.

Во УНХЦР велат дека крајот на октомври, 1956 година, е еден од најдраматичните моменти во 20-от век, бидејќи речиси истовремено се случиле две наизглед одвоени, но многу сериозни светски политички кризи. Едната настанала откако Британците, Французите и израелската влада тајно се состанале во Севрес, во близина на Париз, средба која директно довела до важни преврати на Блискиот исток и чиишто последици се чувствуваат и денес, а другата се протестите во Полска, Чешка, Источна Германија и Унгарија кои завршија со интервенција на советската војска и масовниот егзодус на Унгарците.

Блискиот исток, бегалците, Унгарија...сето тоа упатува на тоа дека историјата циклично се повторува, во разни облици. Или попрецизно, не се повторува, но е тажно константна, како и неразумната политика на тнр. светски лидери. Уште едно е сигурно во случајот со Унгарија, но и на останатите народи дека нешто сериозно нешто не е во ред со латинската поговорка: историјата е учителка на животот.

Сепак, можеби од овие фотографии, од архивата на УНХЦР од 1956 година, некој нешто и ќе научи.

Доброволци ги чекаат бегалците од Унгарија

Бегалци, три жени со дете стигнуваат во камп во Виена

Доброволци варат чај за бегалците од Унгарија

Средба во Виена на бегалци од Унгарија

Повеќејазични табли на центар за бегалците во Австрија

Бегалец од Унгарија ги гледа известувањата

Фотографии: Архива на УНЦХР

Извор:tris.com.hr

ОкоБоли главаВицФото