Марш за 8 март во Скопје

08.03.20 17:04

По повод Меѓународниот ден на жената, се одржа четвртиот по ред Марш за женски права. Овој марш, традиционално организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права, беше посветен на жртвите на родово базирано насилство, под мотото „Ти не си виновна!“.
Во присуство на стотици учеснички и учесници кои се собраа на Плоштадот Филип II, активистките го прочитаа овогодинешниот проглас, кој беше поттикнат од случајот „Јавна Соба“: „Ние не сме безбедни! Ни на улиците, ни дома, па дури ни онлајн. Неодамна цела јавност беше шокирана од Телеграм групата - Јавна соба во која 13.000 членови споделувале, гледале и се исмевале со материјали, фотографии и видеа со сексуална содржина за конкретни жени и девојки без нивна согласност.[…] Станува збор за исклучително радикална форма на родово засновано насилство чиј последици се далекусежни и сериозни..“ - се вели во прогласот.

Активистките, побараа воведување на сеопфатно, сексуално образование во Северна Македонија како и адекватна, навремена и ефикасна превенција, заштита и поддршка на жртвите на родово базирано насилство, од сите институции кои се дел од системот за заштита и строго санкционирање на секое постапување.

„Поразително е што образовниот систем не нè запознава со историјата на женската борба, која меѓудругото ги има доведено девојчињата во училиштата, во јавниот и политичкиот живот. Активистките за женски права го означуваат овој важен ден излегувајќи на улиците на своите градови, со цел да ја прослават феминистичката борба, секој глас, секој чекор, секој отпор и пркос, но и да стават акцент на фактот дека патот кон родовата еднаквост е долг и сè уште не е изоден.“ – изјави Калиа Димитрова од феминистичката платформа Медуза.

„Потсетуваме дека сегашната влада и секоја следна влада, без разлика на идеолошката определба има должност и обврска проактивно да се бори за родовата еднаквост.“ – додаде таа.

Маршот за женски права започна од плоштадот Филип Втори, преку Камениот Мост, Плоштад Македонија до Паркот Жена Борец, каде што активистките имаа завршен преформанс, изведувајќи адаптација на песната „Силувачот си ти!“ која прерасна во светска химна за неправдите и родово базираното насилство врз жените.

„Патријархатот ми е судија, и ме суди што сум се родила, како казна ми доделува, насилства што не гледаш. Не сум јас виновна таму што сум отишла, ни како сум се облекла. Силувачот си ти.“ – скандираа во еден глас активистките.

Проглас 8 март 2020
Ти не си виновна

Ти не си виновна! Ние не сме виновни! Не сме криви кога нѐ злоупотребуваат, нѐ навредуваат и нѐ исклучуваат. Одбиваме да прифатиме дека треба да ги криеме, контролираме и дисциплинираме нашите тела, нашата сексуалност и нашите идентитети. Денес гласно извикнуваме - Виновни се оние кои нѐ мразат и презираат, виновни се насилниците за секоја наша рана и солза, виновна е државата која одбива да нѐ заштити, виновни се сите на кои нашата болка и тага им е смешна и ги разонодува/забавува?.

Ние не сме безбедни! Ни на улиците, ни дома, па дури ни онлајн. Неодамна цела јавност беше шокирана од Телеграм групата - Јавна соба во која 13.000 членови споделувале, гледале и се исмевале со материјали, фотографии и видеа. Со сексуална содржина за конкретни жени и девојки без нивна согласност. Можете да кажете што сакате, но зборувајте со жени кои биле злоупотребени на овој начин и ќе сфатите дека станува збор за исклучително радикална форма на родово засновано насилство чиј последици се далекусежни? и сериозни по здравјето (особено менталното здравје) и благосостојбата на жртвите.

Ние не сме виновни. Не сме виновни што имаме сексуалност, не сме виновни што уживаме во сопствените тела, не сме виновни кога споделуваме интимни моменти со нашите партнери. Не сме виновни што се фотографираме, не сме виновни што комуницираме, што веруваме. Не сме есенција како нежен пролетен ветар туку субјекти и тела кои имаат желби, копнежи и потреби. Виновни се оние кои нѐ повредуваат, виновни се оние кои споделуваат приватни фотографии и видеа, виновни се оние кои малтретираат, силуваат, понижуваат, исмејуваат и злоупотребуваат.
Брзо решение нема, но родовата еднаквост како вредност мора да е императив во воспитувањето и образованието.

Уште поважно, има мерки кои Владата мора да ги преземе во сите случаи на родово-базирано насилство, особено како потпистничка на Истанбулската конвенција за спречување и борбата против насилство врАз жените и семејното насилство.

Бараме - правда за сите жени жртви на насилство, вклучително жените чии имиња, видеа и фотографии беа злоупотребени во случајот Јавна соба.

Бараме - воведување на сеопфатно, сексуално образование во Македонија и тоа веднаш.

Бараме - адекватна, навремена и ефикасна превенција, заштита и поддршка на жртвите на родово базирано насилство од сите институции кои се дел од системот за заштита и строго санкционирање на секое непостапување.
Бараме - институции кои се секогаш на страната на жртвите, наместо институции кои вршат двојна виктимизација!
Бараме - да именувате со вистинско име, оние кои се злоупотребени како жртви, оние кои злоупотребуваат како насилници!


Фотографии: Ванчо Џамбаски

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото