Три жени, три патриотки, три левичарки...

09.03.2020 00:42
Три жени, три патриотки, три левичарки...

На познавачите на ирската историја и поезија, кога слушнале дека Шин Фејн освоила најмногу гласови на изборите во Република Ирска, им заѕвонил стихот од поемата „Велигден“ на Вилијам Батлер Јејтс посветена на Велигденското востание од 1916 година: „All changed, changed utterly: a terrible beauty is born."

Најстарата, најконтроверзната, најоспоруваната ирска партија со новата лидерка Мери Лу Мекдоналд стана најпрогресивна, најмлада, најполетна, најконкретна сила во двете Ирски. За Шин Фејн гласа иднината на Ирска која не е оптоварена со „децениите неволји“ и за која обединувањето на островот не е табу.

Британските медиуми се напрегнуваат да објаснат дека Ирците не гласале за Шин Фејн зашто сакале обединување на островот туку затоа што некогашната партија на Џери Адамс беше единствена која имаше класична левичарска платформа во изборната кампања: социјални програми, здравство, 100.000 нови станови за младите, поевтини станарини, подобро школство. Сето тоа е точно, но Шин Фејн е второ име за „обединета Ирска“, и кој и да гласа за некогашното политичко крило на Ирската републиканска армија (ИРА), знае дека гласа за програмата за обединета Ирска. Со други зборови, кога Шин Фејн би водела кампања за обединување на Ирска, тоа би бил своевиден политички плеоназам. Гласот за Шин Фејн е глас за исправање на петвековната неправда кон ирскиот народ кој имал несреќа да биде блиску до Англичаните а далеку од Бога, заради што денес во дијаспората живеат десетпати повеќе Ирци отколку на матичниот остров.

Има некаква симболика во фактот дека Мери Лу Мекдоналд има 50 години, исто како и Констанс Маркиевич, кога стана првата жена во историјата избрана во Вестминстер, секако на листата на Шин Фејн. Мекдоналд веројатно нема да стане „Taoiseach“ (ирска премиерка) во овој круг, но со своите колешки, заменичката на премиерот на Северна Ирска, Мишел О’Нил, и шкотската премиерка Никола Старџен, го сочинуваат најопасното трио за британското кралство кое изумира. Три жени, три патриотки и три левичарки против англискиот конзервативец Борис Џонсон во борба за правото на Ирците и Шкотите да се еманципираат од Лондон. Обидите на дел од англиските медиуми да ја прикажат Мекдоналд како притаена симпатизерка на ИРА и еден вид модерна терористка се мошне патетични и покажуваат дека Алфред Адлер бил пеколно во право велејќи дека многу е полесно да се бориме за принципи отколку да живееме според нив.

Мери Лу Мекдоналд

Идејата за обединување на Ирска веќе не е патриотска фантазија на ирските докери, рокери и поети, таа секој ден станува сѐ поизводлива и, благодарение на англиските националисти, сѐ поблиска. Многу повеќе отколку што можеа да сонуваат Мартин Мекгинис и Џери Адамс, а Иан Пејсли, историскиот лидер на Британците протестанти во Северна Ирска, да замисли во најцрните предвидувања.

Симболика е дека реализаторите на оваа историска цел би можело да бидат две жени, Мекдоналд и О’Нил кои поединци ги сметаа за недораснати или марионети во рацете на Џери Адамс кој им ја препушти партијата пред две години. И покрај тоа, по слабите резултати на локалните и изборите за Европскиот парламент, некои бараа и оставка од Мекдоналд која само неколку месеци подоцна им демонстрираше дека не ѝ се потребни чевлите на Адамс. „Не стигнав дотука за да ги носам чевлите на Џери, имам свои“, рече Мекдоналд на инаугурацискиот говор во улога на лидер на партијата.

На следниот попис на населението во 2021 година ќе биде сертифициран новиот однос на силите на Алстер: католиците односно Ирците ќе бидат мнозинство, додека протестантите, односно Британите, ќе бидат малцинство. Кога се зборува за Северна Ирска, често се прави грешка кога се мисли дека станува збор за ист народ кој го дели религијата. Односот помеѓу католиците и протестантите на Алстер можеме да го споредиме со односите на Србите и Хрватите. Повеќе станува збор за етничка отколку за верска поделба, религијата служи само како погонско гориво за разгорување на нарцисизмот на малите разлики. Протестантите на Алстер не се Ирци кои се преобратиле во друга вера, туку тие се потомци на Англичаните и во помала мера на Шкотите и Велшаните кои со векови го колонизирале ирскиот остров, од моментот кога Хенри Осми се прогласил и за крал на Ирска во 1541 година. Затоа протестантите се сметаат за Британци а католиците за Ирци.

Кога пред помалку од сто години се поделил ирскиот остров, бројот протестанти во Северна Ирска бил двапати поголем од католиците, прецизно 65 проценти спрема 35 проценти. Тој однос останал речиси непроменет до почетокот на седумдесеттите години, односно до влегувањето на Велика Британија и Република Ирска во ЕУ. Католиците секогаш имале повисок наталитет од протестантите на Алстер, но заради тивката дискриминација на која биле изложени, подобро платените, полесните работни места биле резервирани за Британците исто како и можноста за напредување во кариерата: невработеноста и лошо платените работни места ја галванизирале емиграцијата на Ирците.

Влегувањето во ЕУ, единствениот пазар и развивањето економски врски со Република Ирска, придонесоа положбата на католиците на Алстер значително да се подобри во последните децении од 20 век: „хеморагијата“ на католиците е запрена и нивната склоност да имаат побројни семејства почна да го менува односот на силите помеѓу двете етнонационални заедници.

Демографскиот тренд овозможи да се стигне до Мировен договор на Велики петок 1998 година, односно до компромисната реченица на која се темели договорот и заради која англиските и британските националисти денес горко се каат: „Ако некогаш се случи да стане јасно дека мнозинството гласачи сакаат Северна Ирска веќе да не биде дел од Велика Британија и да стане дел од обединета Ирска, владата во Лондон се обврзува дека ќе распише референдум.“ Владата во Лондон сакаше да ја запре таканаречената „година на неволји“ (The Troubles), а Мартин Мекгинис и Џери Адамс, лидерите на Шин Фејн, сфатија дека времето почна да работи за нив.

Џери Адамс

Во моментот кога беше потпишан договорот, протестантите и натаму беа мнозинство од жителите на Алстер. Меѓутоа, уште во 2011 година Британците на Алстер паднаа под 50 проценти: 48 спрема 45 проценти. Бидејќи католиците во просек се помлади од протестантите и имаат евидентно мнозинство во категоријата население под 35 години, речиси е извесно дека на пописот следната година ќе дојде до историско претекнување.

Меѓутоа, би било погрешно да се помисли дека прашањето за обединување на Ирска е исклучиво демографско. Истражувањата на јавното мислење пред Брегзитот, спроведени во текот на 2013 година, покажаа дека една третина од католиците, помеѓу Велика Британија и Република Ирска избрале да останат во Обединетото Кралство. Секако, тој резултат беше под силно влијание на кризата низ која минуваше Република Ирска, Велика Британија сѐ уште беше дел од ЕУ и ништо не најавуваше дека би можела да ја напушти Европа. Не треба да се заборави ни дека Велика Британија до пред неклку години беше многу полиберално општество од она во Република Ирска каде до неодамна не беа дозволени абортусот, разводот, бракот помеѓу лица од ист пол и каде конзервативно-католичките сили го имаа главниот збор.

Посебноста на Шин Фејн беше во тоа што кога ќе се стави настрана одредницата националисти, пришиена заради желбата да го обединат својот остров кој Англичаните со векови го експлоатираа и го третираа како колонијален посед, заедно со населувањето на колонистите, станува збор за левичарска партија со мошне либерални идеи. И покрај тоа, кога Шин Фејн ќе се спореди со протестантските партии на Алстер, таа е ултралиберална партија. Исто така, до тектонски промени дојде и на јужниот дел од ирскиот остров. Република Ирска во ЕУ се трансформираше од една ултракатоличка земја во бајрактар на либералните идеи: кон крајот на векот беа легализирани разводите, пред две години абортусите, минатата година богохулењето беше депенализирано а лицата од ист пол веќе пет години можат да склучуваат бракови на „зелениот остров“. Со други зборови, Република Ирска веќе не е само татковина на католиците на Алстер туку и можност да живеат подобро, односно дека не мораат да го платат својот патриотизам со откажување од подобриот животен стандард.

Мишел О’Нил

Во меѓувреме, Северна Ирска гласаше за останување во ЕУ, и тоа со убедливо мнозинство од 56 спрема 44 проценти, што значи дека бројни протестанти гласале против Брегзитот. На последните избори за Вестминстер во Северна Ирска најмногу мандати не освои само Шин Фејн туку и таканаречените републикански или индепендистички партии за првпат освоија повеќе мандати од унионистичките, односно протестантските партии.

Во септември минатата година беше регистрирано првото истражување на јавното мислење кое покажа дека на Алстер има мнозинство кое е за напуштање на Велика Британија и за обединување со Република Ирска. За разлика од Шкотска, која би морала да поднесе молба за членство во ЕУ и да преговара според новата методологија со Брисел, што неизбежно би потрошило најмалку пет години - и покрај тоа што Шкотите ги имаат сите реквизити да станат членка на ЕУ, потребни се технички прашања кои не можат да бидат елиминирани - Северна Ирска преку обединување со остатокот од островот, како некогашна Демократска Република Германија, автоматски би станала членка на ЕУ.

Алстер е во поповолна позиција и затоа што му е загарантирано дека ќе остане на единствениот пазар во ЕУ и кога ќе заврши транзицискиот период за излегување на Велика Британија од ЕУ, додека Шкотска ќе биде колатерална штета на одлуката на англиските гласачи. Исто така, благодарение на своето мошне моќно лоби, Ирска во Вашингтон има поддршка за обединување од двата политички блока во Конгресот, без разлика дали се работи за републиканците на Доналд Трамп или за демократите кои традиционално се на страната на Ирците. За тоа сведочи и изјавата на Мик Малвејни, шеф на кабинетот на американскиот претседател Трамп: „Ние очекуваме и од филантропите и од бизнис заедницата во Америка да ѝ помогнат на Северна Ирска ако дојде до процес на обединување.“

Шкотска имаше подобар третман од Ирска во Лондон. Шкотите беа многу помалку дискриминирани од Ирците во повеќевековното владеење на Англичаните на двата острови, но затоа нивниот пат до еманципација од Лондон ќе биде многу потежок и многу понеизвесен. Единбург нема адут како што е Договорот од Велики петок на која може да се повика за да стигне до референдум за одвојување од Англија. Единствениот адут на кој може да игра шкотската премиерка Никола Старџен е притисокот од јавноста и сѐ поголемата поддршка за независност на Шкотска кај гласачкото тело. Исто така, на страната на Единбург е и општопознатиот факт дека голем дел од Шкотите гласаа за останување во Велика Британија зашто излегувањето од Обединетото Кралство во 2014 година ќе значеше автоматско напуштање на ЕУ. Бидејќи околностите драматично се променија во однос на оние од 2014 година со излегувањето на Велика Британија од ЕУ, Лондон нема ниедна легитимна причина да им го негира правото на Шкотите да одлучат за својата и иднината на нивната земја.

Британскиот премиер Борис Џонсон го одби барањето на Холируд (шкотскиот парламент), на кој и натаму стои бајракот на Европската унија, да овозможи календаризација со одобрувања од Вестминстер за организирање втор референдум за независност на Шкотска. Одговорот на Старџен беше дека Шкотите, ако Англичаните продолжат да ја игнорираат нивната волја, ќе прибегнат кон план Б кој предвидува изгласување закон за референдум во шкотскиот парламент кој би бил потврден на некој од судовите на територијата на Шкотска. На тој начин би се обезбедила легалност за референдумот зашто во Единбург не сакаат да бидат подредени со Каталонија, но и нивниот однос со Велика Британија да не биде поистоветен со односот на Каталонија со Шпанија. Последната спроведена анкета потврди дека за првпат апсолутното мнозинство Шкоти се за отцепување од Англија: 51 процент.

Никола Старџен

Сепак, треба да се каже дека Старџен и нејзините соработници, вклучувајќи го и шефот на пратеничката група на Шкотската национална партија (СНП) во Вестминстер, Јан Блекфорд, не сфаќаат баш најдобро како функционира процесот за пристапување кон ЕУ. Вистина е дека климата за отцепување на Шкотска се промени за 180 степени во Брисел и европските престолнини. Додека нејзиниот претходник на чело на шкотската влада и СНП, Алекс Салмонд наидуваше на затворени врати на континентот пред шест години, Старџен ја дочекуваат со црвен килим. Меѓутоа, тоа не значи, како што наивно веруваат во Единбург, дека ќе можат да ја задржат фунтата или дека ќе имаат опција да не го прифатат Шенгенскиот договор, како и низа други издвоени позиции кои Лондон си ги обезбеди во текот на преговорите за Мастрихтскиот, Амстердамскиот, Лисабноскиот и другите договори, од деведесеттите до денес.

Најпосле, да разбиеме една предрасуда кај еден дел од јавното мислење дека ЕУ ги губи значењето, силата и престижот со заминувањето на Велика Британија, членка на Советот за безбедност на ОН која поседува нуклеарен арсенал и значајни разузнавачко-безбедносни, воени, дипломатски структури. Обединетото Кралство, или подобро кажано Англија, сите овие години, вклучувајќи го и периодот на владеење на најевропскиот премиер Тони Блер, внимателно водеше сметка нејзината сила, влијание и потенцијал да не бидат употребени за јакнење на позициите и престижот на ЕУ. Лондон постојано ги кочеше сите процеси кои водеа кон јакнење на европските институции и особено воено-безбедносните структури и заедничката надворешна политика. Англичаните себично водеа сметка само за своите интереси и позицијата на Велика Британија во светот, не грижејќи се за интересите на ЕУ.

Извор: Nedeljnik