ЕУ река (51): Европа денес (1935)

09.03.2020 22:37
ЕУ река (51): Европа денес

Каде наивните се и глупави денови
кога, дамна беше, сонувавме
за леопардската, змиски отровна,
за златната, чудна, таинствена Европа?


Од најмрачните човекојадски денови, за ѕвездите, за болестите, за животните тајни и прашања Европа (се чини) никогаш повеќе не знаела од што знае, и знаејќи повеќе од што кога било знаела, а сомневајќи се во сè што знае, Европа денес не знае што знае и врска нема што сака. Европа денес е рафинирано безглава: од една страна паметна како маска против отровни гасови, од друга слепа како старомодна лумбарда, а истовремено предизвикувачка како некаков велеградски излог, полн со разновидна и скапоцена бесмисла.

***

Посветувајќи го целото свое богато знаење на жените, ткаенините, топките и машините, Европа денес се мрда се своите топовски цевки и пнеуматички тркала и бензински канти и филозофии како жалосен фантом кој помеѓу топлите тропски далечини и маглено леденото северно море не знае што да почне, на што да се фати и каде всушност да тргне, во страв пред своите сопствени авети, во противречие со своите интимни лаги, богата, како никогаш порано во минатото, а празна и досадна како отсвирена грамофонска плоча.

***

Машините европски работат и произведуваат 24 часа на ден, и денес кога европската материјална култура е поголема од кога било, кога Европа знае повеќе од кога било што знаела, денес интелектуалната елита на Европа се досаѓа.

***

Минуваат народите европски во дефилеата историски, како некој по континентот да растурил кутии полни со детски оловни солдати, и додека над вжарената реторта Фауст себе си ја крши главата поради европските дилеми ‒ треба ли да се верува или сака, да се биде или не биде, да се доживее или знае ‒ додека во мозоците европски како во алхемиски пивници вријат основните нерешени прашања за односите помеѓу субјектот и објектот, за апсолутното и релативното, дотогаш европските народи со своите оловни играчки си играат војни, и таа детинеста бучава трае во Европа веќе седумдесет илјади години.

***

Името ми беше Џордано Бруно, ме запалија на клада, кога цркнав пристојно во нивна смисла, како угледниот амбасадор и гаван Волтер, три пати ме исфрлаа од гробот. Се појавив во лудницава како Бакунин, та до смртта ме гонеа како бесно пциште, како Херцен или Мицкиевич или Шопен умрев во прогонство од овидиевска тага по родниот крај. Ме прегазија како Петефи, а како презрениот Јехуда Хајне и денес сè уште сум германски срам. Ме заклаа како Ландауер, а моето лордовско име Бајрон непристојно е да се изусти гласно во ториевските кругови до ден денешен. Душата му ја предадов на Нечестивиот како паралитикот Бодлер, а како Верлен ѝ пишував химни на Богородица, ама ни тоа не ми помогна. Наспроти тоа ме фрлија во апс и ме жигосаа поради мојот неморален живот. Избегав во тропските грозници како Рембо, меѓу Полинежаните на Тахити, во лудница како Ван Гог...

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска
Извор: Мирослав Крлежа, „Evropa danas“, 1935 г.

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото